Достапни линкови

Партиите ветуваат „брда и долини“ како да нема корона-криза


Комбо фотографија - Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски носат заштитни маски во предизборната кампања поради пандемијата на коронавирус.

Партиите пред избори ветуваат подобра економија. Но, поради корона-кризата стопанството сега е на колена, фирмите се мачат да исплатат плати, а буџетот не се полни според планираното.

Предизборната кампања продолжува откако партиите се договорија изборите да се одржат на 15 јули, но програмите се чини дека не им се ревидирани и одат со истите ветувања спремни за изборите најавени за април, иако во меѓувреме пандемијата на коронавирус ѝ нанесе голем удар на економијата, луѓе остануваат без работа, државата останува без пари, задолжувањето расте, а тие кредити ќе треба да се враќаат.

Изборите првично беа закажани за 12 април, но поради пандемијата на коронавирус и вонредната состојба беа одложувани.

Стопанството сега е на колена, фирмите се мачат да исплатат плати, буџетот не се полни според планираното, државата се задолжува да ги санира последиците од пандемијата, но во партиските реторика тоа не се забележува. Ветуваат поголеми плати, пензии, капитални инвестиции, намалување на невработеноста, иако, според сегашните економски параметри, нè очекуваат тешки времиња.

„Сега следи тешкиот дел за државата и дефинитивно работите треба да се испланираат и дефинитивно работите треба да се испланираат на долгорочно ниво, а не само за време на кампања. Реално партиите знаат да ветуваат многу без да имаат некоја јасна идеја како ќе ги обезбедат тие средства. Особено се гледа една дискрапанца меѓу она што се ветува наспроти капацитетот што го имаат како кадровски, така и институционално. После ковид-19 дефинитивно треба помалку ветувања, а повеќе работа“, вели Дрилон Исени од стопанската комора на северозападна Македонија.

Со над 11 илјади нови невработени за само три месеци, со над 80 отсто погодени фирми од пандемијата и со над 350 илјади луѓе кои гледаат спас во платежната картичка од државата, партиите ќе мора многу да се потрудат во делот на економијата. Собирањето на даноците оди тешко, меѓународните, но и домашните предвидувања се дека економијата ќе оди во минус, а задолжувањето расте.

Според Агенцијата за вработување од почетокот на пандемијата, заклучно со крајот на мај работата ја изгубиле 11904 луѓе. Најголем дел од нововработените се на возраст од 30 до 49 години, околу 27 отсто се на возраст до 29 години, и 24 отсто се над 50 години.

Последните податоци за бројот на невработените од Заводот за статистика се однесуваат на првото тримесечје од годината, кога невработеноста изнесувала 16,2 отсто.

Извозот од земјава во првите четири месеци од годинава бележи пад од 23,8 отсто во однос на тој период лани, објави Државниот завод за статистика. Објавените податоци покажуваат пад и на увозот за 19 отсто.

Статистичките податоци бележат и намалување на месечната нето плата. Ако во март таа изнесувала 26 422 денари, во април била 25.830 денари.

Владата досега донесе три сета економски мерки за ублажување на последиците од кризата од над 550 милиони евра. Мерките предвидуваат помош за фирмите да исплатат плата, бескаматни кредити за компаниите, а третиот сет на мерки предвидува директна помош на граѓаните преку домашна платежна картичка и ваучери за туризам за невработени, за вработени со низок доход и за млади лица или околу 324 илјади луѓе. Околу 117 илјади вработени со ниски примања ќе добијат ваучери за домашен туризам.

Но, растот на платите и пензиите и вложувањата во инфраструктурата и им се предизборно ветување и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија велат дека кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот не ги попречи капиталните инвестиции. Од СДСМ во инвестициите во инфраструктурата гледаат спас за движење на економијата, оти како што велат тоа ќе отвори нови работни места, ќе ја движат економијата напред и со ќе се подобри животниот стандард на секој граѓанин.

„Главниот фокус во работењето на одговорната власт предводена од СДСМ е токму изградбата на квалитетна инфраструктура која ќе донесе долгорочни бенефити за развој на економијата и за сите граѓани во државата. Се обврзуваме темпото на изградба уште позабрзано да продолжи и после победата на СДСМ и коалицијата МОЖЕМЕ на 15 јули“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Владата дава ваучери за одмор, а бара донации за здравството

Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски ветува дека по изборите коалицијата предводена од СДСМ ќе продолжи успешно да ја води државата во економски раст и развој. Тој ветува зголемување на минималната плата за 40 отсто, продолжување на зголемувањето на просечната плата, продолжување на како што вели инфраструктурниот бум.

ВМРО-ДПМНЕ нуди обнова за Македонија.

„Затоа подгответе се, следува обнова, најважното, обнова во економијата. Парите кои му недостасуваат на секого ќе се погрижиме да ги има. Обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за 25 отсто во еден мандат. Просечна пензија на пензионерите за 20 отсто во еден мандат, невработеност под 10 отсто, 0 проценти персонален данок на доход за млади до 29 години, рамен данок од 8 отсто. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за повеќе од 4 проценти годишно, 90 проценти реализација на капиталните инвестиции, да нема неасфалтирани регионални патишта односно целосна реконструкција на повеќе од 1000 километри регионални и државни патишта, 2 милијарди евра инвестиции во патишта и многу други проекти“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Јавниот долг на крајот на март годинава, пред пандемијата на коронавирус да пристигне во земјава, достигна 5,56 милијарди евра, односно 50,7 проценти од БДП-то. Но, поради справување со економските последици од пандемијата на коронавирусот, оттогаш Македонија се задолжи уште за 1,2 милијарди евра. Земјава издаде еврообврзница од 700 милиони евра, зеде заем од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра, од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра. Според владата, со ова се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8 проценти од БДП со ребаланс. Од тие пари за стари долгови треба да се вратат 700 милиони евра, но долгот сепак ќе се зголеми за најмалку половина милијарда евра, односно ќе надмине 56 проценти од БДП-то.

Потрошувачката кошничка подолга од „чергата“ на граѓаните

Дополнително, догодина доспеваат за враќање стари долгови во висина од 936 милиони евра, па веројатно ќе биде потребно ново големо задолжување на меѓународните пазари за да се врати тој долг.

Од Организацијата на работодавачи (ОРМ), пред почетокот на кампањата ги повикува партиите да понудат конкретни решенија за надминување на економските последици од пандемијата.

„За да се даде соодветен одговор на тековните и идните предизвици, неопходни се силни институции, а предуслов за тоа е брзо формирање стабилна влада и функционално собрание кои ќе работат на реализација на економска програма која ќе содржи ефикасни решенија за наминување на последиците од актуелната криза и враќање на патеката на економски раст. За да се креира и спроведе ваква економска програма, неопходно е политичките партии уште во изборната кампања да ја стават економијата како еден од врвните приоритети и да понудат јасни и конкретни предлози. Владата мора да го поттикнува претприемачкиот дух и спремноста да се ризикува и во вакви неповолни услови за стопанисување“, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), за последиците од коронакризата, во делот на економијата, покажува дека дури 88 отсто од граѓаните сметаат дека земјава ќе навлезе во економска криза поради состојбата со коронавирусот. Висок процент од испитаниците, дури 66 отсто, очекуваат дека излегувањето од неа нема да биде лесно.

Според анкетата на Американскиот републикански институт ИРИ, најголем проблем во државата е економијата и невработеноста изјавиле 33 проценти од анкетираните, за 24 отсто тоа се трошоците на живот и високите цени, а за 17 отсто корупцијата. Најголем приоритет за Владата треба да биде економијата, оценуваат граѓаните.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG