Достапни линкови

Владата дава ваучери за одмор, а бара донации за здравството


Хрватскиот фудбалер Марцело Брозовиќ во дресот на италијански Интер

Фудбалерот Марцело Брозовиќ донираше 3.000 долари потребни за лекување на 26-годишна Македонка. Во исто време, владата ги повикува граѓаните да донираат за борбата против коронавирусот.

Хрватската фудбалска ѕвезда Марцело Брозовиќ, кој настапува за италијанскиот клуб Интер, синоќа израдува едно македонско девојче. Менче Трпеска на Фејсбук го опишува својот здравствен проблем за кој ѝ требаат 3000 евра. Луѓе почнуваат да донираат. Македонски навивачи на Интер ја споделуваат нејзината објава на Фејсбук групата на балканските навивачи на Интер. Неколку минути подоцна, Брозовиќ ја уплаќа целата сума.

Брозовиќ, кој е во контакт со своите фанови на социјалните мрежи, со овој хуман гест заработи големи симпатии и надвор од фудбалската јавност во Македонија. Инаку, Брозовиќ донира и во својата родна Хрватска. Пред две години, тој им донираше учебници на учениците од прво до четврто одделение во населбата Цериќ во Општина Нуштар.

Во исто време, владата отвори сметка на која граѓаните ќе може да донираат за борбата против коронавирусот. Министерката за финансии Нина Ангеловска напиша дека досега донирале над 1000 граѓани и 130 фирми и се собрани над 200 милиони денари или 3,5 милиони евра.

Дел од луѓето на социјалните мрежи реагираат дека државата плаќа „џаболебари“, а истовремено бара донации од граѓаните.

За други, пак, тоа е питачење од владата.

Некои, пак, велат дека не може да се бара од сиромасите да ги финансираат богатите.

Владината кампања „Домасиедома“ за ваучери за туризам и промовирањето на домашниот туризам е мета на потсмев цела недела. Главната фотографија на интернет сајтот domasiedoma.gov.mk, со која требаше да се промовира летување во Македонија беше од езерото Кенигзе во Германија. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека ја поправиле грешката и се извиниле. Човечки е да се погреши, ако било намерно ќе има одговорност, рече тој.

Веројатно истиот човек што ги бирал сликите, ги бира и грешните знамиња при пречек на странски делегации или картата на Хрватска за поштенските марки. Би било премногу да има повеќе такви, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Во исто време, твитерџиите се мајтапат со германската слика со која се промовираат македонските туристички убавини.

Со својот „талент“ за фотошоп и сталинистичка волја за бришење на „непотребните“ луѓе од фотографиите, на потсмев наиде вицепремиерот Бујар Османи, кој ја фотошопираше фотографијата од неговото поздравување со Папата Франциск. Фотографијата е објавена на официјалниот Твитер налог на Османи на 7 мај, но некој дури сега го забележал фотошопирањето.

Сепак, оние со поостро око забележаа дека со невештото бришење, Османи си оставил трето уво на сликата.

Но, можеби и папата сакал да остане насамо со вицепремиерот, иронизираат други.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG