Достапни линкови

Светска банка предвидува најголем пад на економијата и раст на сиромаштијата


Илустрација
Илустрација

Светска банка советува искуствата од пандемијата да се искористат за земјите да изградат поквалитетни здравствени системи и да спроведат економски реформи кои ќе ја нагласат потребата од глобална соработка и заштита на ранливите групи.

Глобалната економија ќе се соочи со најдлабоката рецесија во последните 80 години и ќе достигне пад од 5,2%, предвидува Светска банка во последниот извештај Глобални економски перспективи.

Ваквите предвидувања, како што стои во извештајот, се резултат на огромниот и брз шок предизвикан од строгите мерки преземени од сите земји за запирање на ширењето на коронавирусот.

Економската активност помеѓу напредните економии се очекува да се намали за 7% во 2020 година како резултат на нарушувањата во доменот на домашната понуда и побарувачка, трговската размена и финансиите.

Новите пазари и економиите во развој, пак, ќе бележат пад од 2,5% оваа година.

Најпогодени од овие земји, како што наведува Светска банка, ќе бидат оние во кои има брзо ширење на коронавирусот, кои имаат слаби здравствени системи, кои се зависни од странски инвестиции, кои се потпираат на меѓународна трговија и туризам. Според дефиницијата на Светска банка за нови пазари и економии во развој во нив спаѓа и Македонија.

Ваквите текови ќе доведат и до намалување на приходите на граѓаните оваа година, поради што милиони луѓе ќе западнат во сиромаштија, предвидува Светска банка во извештајот.

„Наша прва задача е да се справиме со глобалната здравствена и економска вонредна состојба. Покрај тоа, глобалната заедница мора да се обедини со цел да најде начини за да изгради што е можно поцврст систем за закрепнување со цел да спречи повеќе луѓе да паднат во сиромаштија или да ги изгубат работните места“, вели Сејла Пазарбашиоглу потпретседателка на групата за правичен раст на Светска банка.

Доколку пандемијата со Ковид-19 трае подолго отколку очекуваното, рестрикциите за движење и за социјализација можат повторно да бидат наметнати, што ќе доведе до понатамошно и продолжено нарушување на домашната економска активност и намалување на довербата.

„Ваквите нарушувања ќе ја ослабат можноста на деловните субјекти да продолжат со работа и да го сервисираат својот долг, додека зголемувањето на стравот од ризик може да ги зголеми каматните стапки за позајмиците со поголем ризик“, стои во извештајот.

Светска банка во извештајот презентира и две сценарија - полошо и подобро сценарио за кризата во економијата поради коронавирусот.

Според поцрното сценарио, глобалниот раст може да се намали и до 8% оваа година. Закрепнувањето од ваквото сценарио ќе биде значително слабо, со голем потрес на финансискиот пазар и со широко распространет банкрот на земјите од групата нови пазари и економии во развој.

Посветлото сценарио, пак, предвидува дека економскиот раст може да започне веднаш по олабавувањето на мерките за контрола на вирусот и преку соодветни фискални и монетарни политики кои треба да ја вратат довербата на потрошувачите и на инвеститорите.

„Сепак, дури и ваквото позитивно сценарио кое предвидува дека намалувањето на растот на глобалната економија би изнесувал 4% ќе биде двојно поголем од она за време на кризата во 2009 година“, се наведува во извештајот.

Секој регион се соочува со свои слаби страни на пандемијата

Гледано по региони, во САД се очекува падот на економијата оваа година да дoстигне 6,1 процент како резултат на нарушувањата предизвикани од мерките за контрола на пандемијата.

„Споредено со глобалната финансиска криза, невработеноста расте многу побрзо, додека индустриското производство и продажбата на мало опаѓа многу драстично“, стои во извештајот.

Во земјите од евро зоната се очекува пад на производството од 9,1% оваа година.

„Споредено со САД, зголемувањето на невработеноста е умерено најмногу поради политиката за краткорочни вработувања која беше широко применета“, велат од Светска банка.

Според предвидувањата на Светска банка за Македонија, падот на бруто домашниот производ се очекува да изнесува 2,1%. Според извештајот, во 2021 година растот се очекува да изнесува 3,9%.

Што препорачува Светска банка

Иако се очекува умерен раст во 2021 година, кој на глобално ново треба да изнесува 4,2%, производството нема да се врати на вредностите од претходните години. Во многу земји, длабоката рецесија предизвикана од Ковид-19 ќе има силно влијание и на потенцијалот за производство во следните години.

„Владите можат да преземат чекори за да го ублажат негативното влијание на кризата врз потенцијалното производство со ставање на посебен акцент на реформи што можат да ги поттикнат изгледите за долгорочен раст“, стои во извештајот.

Пандемијата нè потсети на потребата од промена на здравствените и економските политики, вклучително и на глобалната соработка за ублажување на последиците од неа, заштита на ранливите групи и зајакнување на капацитетите на земјите за превенција и справување со слични вакви настани во иднина, велат од Светска банка.

И ММФ со песимистички прогнози

И Меѓународниот монетарен фонд предвиде пад на глобалната економија и неколкупати ги ревидираше своите прогнози од почетокот на годинава поради одразот на пандемијата со коронавирусот врз економиите на сите земји во светот.

Се очекува последните ажурирани податоци на ММФ да бидат објавени во овој месец.

Последно, ММФ предвиде пад на македонската економија од 4%.

„Економската состојба во Македонија се влоши значително поради пандемијата Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови на доверба и прелевањето од глобалните финансиски канали, создаде итна потреба од платен биланс. Изборите планирани за април 2020 година се одложени, што значи дека привремената влада ќе остане на сила следните месеци“, се наведува во извештајот од крајот на април.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG