Достапни линкови

Оздравен пациент: Иако го победив, корона вирусот остави траги


Фатим Круезиу

За оние кои успеале да го победат корона вирусот и да се најдат во категоријата оздравени пациенти, здравствените проблеми не престануваат. Повеќето пациенти кои веќе неколку месеци се излекувани од ковид 19, се уште чувствуваат замор, малаксаност, вртоглавици, слабост во мусулите.

Еден од нив е и новинарот Фитим Круезиу, кој покрај својата новинарска кариера е активен спортист и претседател на кошаркарски клуб во Скопје.
Неговата битка со болеста не била лесна. Првата недела се лекувал сам, но кога ситуацијата се влошила бил примен на Инфективната клиника во Скопје каде што поминал 14 дена. За среќа неговото тело добро реагирало на терапијата која ја примал и здравствената состојба постепено се подобрувала.
Од денешна дистанца, Круезиу вели дека негова најголема грешка било тоа што навреме не побарал помош во болница.

„Најголемата грешка што ја направив е кога инсистирав да се лекувам дома и не отидов во блница кога се појавија првите симптоми. Истата грешка веројатно ја прават сите кои задоцнето одат да се лечат во клиниката. Сакам да им кажам на сите кои мислат дека младите и физички активните не можат да заболат дека грешат. И јас се залажував мислејќи дека кај спортист полесно ќе поминат симптомите. Апсолутно не е така. Сите граѓани, особено младите треба да бидат максимално одговорни и да знаат дека корона вирусот е опасен и остава големи последици“, вели Круезиу.

Дека последиците се присутни и денес, потврдува Круезиу од лично искуство. Вели дека терапијата го спасила, но дека последиците по неговото здравје се чувствуваат и сега.

„Што се однесува на периодот по оздравувањето, тоа е исто така тежок период. Честопати и денеска ги чувствувам симптомите кои ги чувствував и кога имав ковид 19. Значи и денеска понекогаш чувствувам главоболки, вртоглавици, болки во нозете и рацете, се чувствувам омалаксан, ми се тресат рацете и нозете. Лекарите велат дека тоа е нормално и дека ќе треба доста време за да се вратам во кондицијата во која бев пред да се разболам од ковид 19“, раскажува Круезиу.

Кревката здравствена состојба кај излекуваните пациенти, според стручната јавност е нормална за лицата кои ја преживеале новата болест. Дилемите во јавноста за тоа дали силната терапија за лекување на овие пациенти остава последици по нивното здравје подоцна, фармацевтите ги негираат. Претседателката на Фарацевтската комора, Бистра Анѓеловска вели дека терапијата која се применува за лечење на ковид 19 не остава трајни последици на здравјето на пациентот и дека симптомите што ги чувствуваат се поврзани со корона вирусот, а не со лекарствата кои се примаат.

„Терапијата која сега се аплицира на пациентите за лекување на корона вирусот не става трајни последици, односно несакани реакции. Лекот додека се зема има време на елиминација, тој за одредено време се излачува од организамот и доколку не е компромитиран од некој друг коморбидитет, не би требало од терапијата да има последици понатаму. Тоа се се познати лекови, со познати безбедоносни профили, долго време се во употреба. Веројатно сиптомите како замор, омалаксаност и сл. кое го чувствуваат пациентите кои се излечени се поради самата болест или последица од неа“, ни изјави Анѓеловска.

Токму затоа Анѓеловска препорачува пациентите, но и сите други граѓани да внимаваат и да користат методи и начини со кои ќе го зајакнат својот имун систем.

„Како понатаму треба да се однесуваат тие пациенти зависи многу од животниот стил, живтните навики и сл. и што е многу важно за пациентите на рехабилитација да користат витамини или антиоксиданти за зајакнување на имунитетот. Фармацевтите во аптеките во разговор со нив знаат што точно да им препорачаат, што е најдобро и најефикасно за нивата здравствена состојба“, вели Анѓеловска.

Според некои научни студии, потребни се неколку години сите антивирусни лекарства и антибиотици кои биле примени во текот на лекувањето организмот да ги исфрли организмот. Голем процент од белите дробови се уништени кај пациентите кои прележале корона, а страдаат и бубрезите, црниот дроб и желудникот.

Во меѓувреме бројките на заразени во земјава растат и заклучно со вчера изнесуваат над 6000 заболени. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ситуацијата е многу сериозна и дека нема веќе места во болниците во Струмица, Куманово, Штип, Прилеп, додавајќи дека се отворило уште едно крило во Битола и оти секојднево се полни и болницата во Гостивар.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG