Достапни линкови

Франција официјално забрани хидроксихлорокин за лечење на коронавирусот


Франција денеска одлучи да го забрани спорниот лек хидроксихлорокин за лечење на КОВИД-19, после неколкунеделни расправи за неговата ефикасност и објавата на истражувања кои укажуваат на неговите опасни дејства.

Во указот објавен денеска во Службениот весник на Министерството за здравство се укинува одредбата од крајот на март со која се дозволува препишување на тој лек за лечење на КОВИД-10, само во болниците за тешко заболени пациенти.

Истражувањата уште од претходно укажуваа на неефикасноста на тој лек, а минатонеделната публикација во престижниот магазин Лансет го зададе последниот удар, предупредувајќи дека лекот, кој инаку се користи против маларија, има опасни ефекти.

Сега тој лек може да се користи, сам или во комбинација со антибиотици, само при клинички тестирања врз пациенти заразени со коронавирус.

Светската здравствена организација веднаш по објавувањето на студијата во Лансет, поради претпазливост, ги прекина клиничките испитувања на лекот во повеќе земји.

Во студијата се наведува дека луѓето кои примаат хидроксихлорокин имаат поголем ризик од смрт и срцеви проблеми од оние кои не го земаат.

Тој лек во февруари дојде во центарот на вниманието кога францускиот професор Дидие Раул од Универзитетскиот болнички институт во Марсеј, пренесе кинеска студија која тврди дека лекот покажува знаци на ефикасност кај заболени од КОВИД-19.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го прима тој лек за да ги ублажи симптомите во случај да се зарази со коронавирус.

Хирдоксихлорокинот беше дел од голем број пробни третмани против коронавирусот од избивањето на пандемијата.

Неговата употреба и понатаму е дозволена за вообичаената употреба за борба против маларија, автоимуна болест, лупус и ревматоиден артритис.

Со денешниот указ исто така се прекинува со препишување, надвор од клинички испитувања, на лековите лопинавир и ритонавир, два антиретровирални лекови, на кои француската Агенција за лекови укажа поради нивните ризици за срцето.

XS
SM
MD
LG