Достапни линкови

Корона и загаден воздух - смртоносна комбинација


Аерозагадување во Скопје
Аерозагадување во Скопје

Урбаното аерозагадување може да го направи Ковид-19 посмртоносен, покажуваат научни истажувања по избувнувањето на пандемијата оваа година. Во услови кога Македонија има сериозен проблем со загаден воздух, здравствените власти сѐ уште ги разгледуваат овие аспекти.

Додека се повеќе студии и истражувања покажуваат дека Ковид-19 и загаден воздух можат да бидат смртоносна комбинација, македонските здравствени власти допрва ќе го анализираат овој аспект.

Од почетокот на епидемијата досега починаа над 800 луѓе заразени од новиот коронавирус, а проценките според научните студии се дека во земјава годишно има од 1.300 до 3.000 случаи на предвремена смрт кои се поврзани со загадениот воздух.

Аерозагадувањето особено е засилено во сезоната есен/зима, кога главниот град Скопје но и Тетово често се на листите најзагадени во светот, поради што се отвора прашањето дали Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести веќе разгледуваат предлози за мерки до Владата, со кои би се намалиле токсичните емисии за претстојниот период.

„Во однос на прашањето за загаденоста, следствено на престојната грејна сезона, ќе се разгледуваат и анализираат аспектите во некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести, по што јавноста ќе биде дополнително известена“, велат од Министерството за здравство во пишана изјава за РСЕ на 6 октомври.

Инаку, во периодот по избувнувањето на пандемијата на новиот коронавирус беа објавени истражувања кои покажуваат дека загадениот воздух и Ковид-19 можат да бидат смртоносна комбинација.

Тоа значи дека високо загаден воздух може може значително да придонесе кон предизвикување на смртни случаи кај пациенти заболени од Ковид-19, бидејќи и вирусот и аерозагадувањето главно го напаѓаат човековиот респираторен систем.

Токму тао е наведено во истражувањето на германскиот Универзитет Мартин Лутер од Хале Витенберг неколку месеци по избувнувањето на пандемијата. Истражувачите наведуваат дека долгорочна изложеност на загаден воздух може да биде еден од најзначајните фактори за смртност предизвикана од Ковид-19, во регионите во светот каде има висок аерозагадување.

До слични податоци дојдоа и истажувачите од Универзитетот Емори во САД, кои на 21 септември објавија дека долгорочната изложеност на урбано аерозагадување може да го направи Ковид-19 посмртоносен.

Тие посочуваат дека тоа е така бидејќи долгорочна, но и краткорочна изложеност на аерозагадување е поврзана со директно и индиректно системско влијание врз човековото тело со зголемување на оксидативниот стрес, акутно воспаление и ризик од респираторна инфекција.

Од суштинско значење е оваа порака да стигне до здравствените власти за да ги заштитат ранливите категории граѓани, неведуваат истражувачите.

И додека активистите за заштита за животната средина сметаат дека македонските власти и натаму проблемот со аерозагадувањето не го третираат соодветно, градските власти уверуваат дека ќе најдат начин да донесат мерки за заштита пред се од ковид пандемијата, но и од аерозагадувањето.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов за РСЕ изјави дека ќе бара да бидат донесени мерки во „тешките денови.“

„Јас тоа ќе го барам, на пример редукција на сообраќај. Градот за прв пат даваше бесплатни јавни превози кога беа загадени денови, што сега, пак, е во некаква колизија да го ставите да го ставите јавниот превоз бесплатен во услови на ковид“, вели Шилегов.

Но, активистите за заштита на животната средина сметаат дека властите веќе требле да спроведат низа превентивни мерки за спречување на загадувањето.

Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ велат дека досега властите требале да споведат гасифицирани на сите болници, здравствени и образовни установи, јавни претпријатија, како ЈСП и Македонија Пат, да дадат субвенции за промена на начинот на греење во најзагадените места, да забранат затоплување со јаглен во урбаните средини, да бидат воведени еко налепниците за автомобили, еколошки јавен превоз, построги вредности за емисиите од индустријата, искоренување на палењето на отпад и кабли на отворено.

„Сметаме дека властите знаејќи ја позитивната корелација помеѓу аерозагадувањето и Ковид-19 уште пролетта, крајно неодговорно не направија ништо да се намали нивото на ПМ честичките во претстојнава сезона есен/зима. Едноставно аерозагадувањето беше оставено на маргините, наместо да биде во фокусот и превенција и од короната и од смртноста и морбидитетот поради загадениот воздух“, велат од „О2 Иницијатива.“

Со сличен став е и Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“ од Тетово, кој смета дека загадувањето оваа сезона ќе биде уште поголемо, бидејќи граѓаните помалку ќе го користат јавниот превоз за време на пандемијата.

„Многу е важно да имаме порадикални мерки за намалување на загадувањето онаму каде што може, да се принадуат компаниите кои загадуваат да работат повеќе на изнаоѓање на почисти методи и начини на производство без толку да загадуваат“, вели Џафери додавајќи:

„Мислам дека никогаш не сме доволно спремени како држава, повеќе остануваме на препораки отколку на мерки“, вели Џафери.

Елена Дамова – активистка од движењето „Петоци за иднината“ смета дека властите не се подготвуваат доволно за претстојниот период. Таа вели дека фокусот на властите треба да биде аерозагадувањето поради негативните последици кои ги предизвикува врз здравјето на граѓаните.

„Ние и другите еколошки движења во земјава, уште при појавата на овој вирус почнавме да зборуваме дека неизбежно постои врска меѓу климатските промени и сите еколошки проблеми кои се присутни денес и вурусите и болестите на денешницата“, вели Дамова.

Инаку, проценките во научните студии се дека илјадници граѓани во Македонија предвремено ги губат животите поради последици од загаден воздух, кој истовремено предизвикува и значителни штети врз економијата.

Светската банка уште пред десетина години објави студија во која се проценува дека во земјава има 1.300 случаи на предвремена смрт поради аерозагадувањето.

Европската агенција за животна средина минатата година објави дека во Македонија 3.000 луѓе предвремено ги губат животите како последица на загадениот воздух.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG