Достапни линкови

Доктор Доновски – За коронавирусот стануваат свесни дури откако ќе легнат во болничка постела


Доктор Кирил Доновски, специјалист по интерна медицина

Доктор Кирил Доновски, специјалист по интерна медицина од Болницата во Отешево кој 18 дена помагаше во лекувањето на пациентите заболени од ковид-19 во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, апелира ковид-19 да се сфати сериозно. Луѓето мислат дека ќе помине само од себе, и за сериозноста стануваат свесни дури тогаш кога ќе легнат на болничка постела, вели тој.

Дел од пациентите со кои сум се сретнал, коронавирусот го сфатиле сериозно дури откако легнале на болничка постела, раскажува доктор Кирил Доновски, специјалист по интерна медицина од Болницата во Отешево кој 18 дена помагаше во лекувањето на пациентите заболени од ковид-19 во ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Доновски апелира болеста да се сфати сериозно и да се применуваат мерките за заштита носење маска, дистанца од најмалку 2 метри и миење раце.

„Мислат дека е како обична настинка, грип, ќе помине сам од себе. Но, мои лежечки пациенти кои дојдоа во една таква критична ситуација, станаа свесни за состојбата во моментот кога легнаа на болнички кревет. До тогаш не веруваа дека ова може да им се случи, дека е далеку, дека е теорија на заговор, на 5-ГЕ, Бил Гејтс… Но, велат, стануваме свесни за целата состојба во моментот кога ќе легнеме на болнички кревет, во моментот кога сме поврзани на довод на кислород. Но, тогаш за некои е веќе доцна“, вели Доновски.

Асимптоматските случаи позитивни на ковид-19 и по цел месец

Тој беше дел од тимот на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација во Отешево што се одзва на повикот на Министерството за здравство и повеќе од две недели минаа лекувајќи ги најтешките пациенти од целата земја хоспитализирани во Скопје.

„Вистинската слика да се претстави е многу тешка, почнувајќи од персоналот, колегите кои се крајно преморени, четири месеци не отишле дома, не се виделе со семејствата и секоја помош е добредојдена. Работното време е 24 часа, но никој од нас не погледнал колку е часот, дали му завршила смената, дали е време за пауза или за ручек, се гледа само да им се помогне на пациентите. Од 24 часа на ден, 12 до 14 саати минувавме облечени во скафандер што навистина исцрпувачки делува врз организмот, прави дехидратација, замор, омалаксаност“, раскажува лекарот.

Додека беше во „8 Септември“ еден од најтешките моменти му беше смртта на неговиот сограѓанин, ресенчанец и ракометар кој битката со коронавирусот ја загуби на 41 година.

„Мака ми е што до утрото до крајот на моето дежурство беше во ред. Ми следуваше ден за одмор и тогаш почина. До последно дававме оптимизам, верба дека ова ќе помине, дека заедно сите, медицинскиот тим и тој, ќе се вратиме во Ресен, сѐ ќе биде како порано. Вчера разбрав и дека почина наш колега од Тетово, прв здравствен работник е што ја изгуби битката со оваа болест. Целиот медицински персонал ги сметам како браќа и сестри по струка, па загубата е како да си загубил некој од семејството“, вели Доновски.

Болницата од Отешево на медицинскиот тим кој помагаше во Скопје јавно им се заблагодари за покажаната професионалност и храброст.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG