Достапни линкови

Корона криза- кој е виновен, власта или граѓаните?


Архивска фотографија- луѓе со маски во Скопје

Ниту ВМРО-ДПМНЕ не кажува какви мерки би презеле тие, ниту пак СДСМ дали има кластер од протестите на опозицијата па затоа секојдневно ја обвинуваат, но меѓупартиските препукувања продолжуваат додека бројот на заболени и починати расте. Доктор Никола Пановски вели- вината е кај сите.

Заболени над 20 000, активни случаи повеќе од четири илјади, а починати од коронавирусот околу 800- ова е билансот во Македонија осми месец по почетокот на епидемијата, која здравствените власти во март прогнозираа дека ќе зафати околу 2000 луѓе во земјава.

Мерки се донесоа уште пролетта. Се спроведуваа полициски часови долги и над 80 часа, има забрани за групирања се уште, протоколи за речиси се и обврска за носење маска секаде каде што не може да се држи потребната физичка дистанца од два метра за да се спречи ширењето на ковид-19. Во оваа ситуација мислењата се поделени. Министерот за здравство Венко Филипче секојдневно потенцира дека заразата се шири онаму каде што не се почитуваат мерките, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, секојдневно ја напаѓа власта дека е виновна за ситуацијата и бара оставка од Филипче.

За тоа чија е вината микробиологот, професорот Никола Пановски вели дека е двојна и на граѓаните и на државата. Властите вели тој, кога вирусот се ширеше на верскиот празник Бајрам наместо постепено олабавување на мерките, нагло ги укинаа, а за не санкционирањето на прекршителите го обвинуваа тогашниот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев. Изборите поминаа во јули, сега е владата е политичка, а не техничка па контролата не се засили, а вирусот и натаму се шири, додава тој.

„Вината кај народот е што огромен дел не почитуваат мерки, некои пак се збунети оти мерките некогаш се нелогични, како оваа за носење маски каде било надвор, што е нелогично, значи двојна е работата“, вели Пановски.

Жестоки партски обвинувања

За тоа, пак, каде партиите ја гледаат вината може да се види во нивните обраќања полни со жестоки и силни зборови насочени кон политичкиот ривал. СДСМ деновиве тврди дека ВМРО-ДПМНЕ со протестите поттикнува ширење на заразата.

Радио Слободна Европа го праша портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов дали како партија имаат сознанија дека има кластер заразени од протестите на опозицијата и врз основа на тоа ги темелат тврдењата за ширењето на ковид на опозициските собири?

„Доволно е да се видат јавно објавените фотографии и видео снимки од овие така наречени протести за спас на фотелјата на Мицкоски и се е јасно. Групирања, не се носат маски, не се почитуваат мерките за заштита на здравјето. Се праќа порака дека не треба да се почитуваат мерките, што срамно и крајно неодговорно“, одговори Костадинов.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, бараат оставка од Филипче кој го нарекуваат министер за „зараза и смрт“ , „најголем виновник за сите несреќи што и се случуваат на Македонија“, ги критикуваат мерките, а тврдат и дека комисијата која ги препорачува не е составена од експерти. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на прашањето дали имаат анализа врз која што ги темелат мислењето дека ако Филипче замине состојбата ќе се подобри и кои се нивните предлог мерки не одговори конкретно.

„Мерките на Венко Филипче во дадени моменти беа задоцнети и нерационални, исто како и во моментов одредени мерки што се носат. На пример има план да се забрани во домашни услови да не седат повеќе од 4 присутни, а хронично болните одат на работа задолжително, најголем дел од луѓето со јавен превоз. Оставка веднаш, на негово место да дојде експерт и личност со капацитет и од страна на стручен тим, експертски, а не партиски како сега, да направи план и стратегија“, вели Арсовски без да одговори на прашањето кои мерки тие би ги преземале.

Потребна партиска одговорност

Доктор Пановски зборувајќи за ваквиот партиски дискурс кон здравствен проблем и како тој влијае врз граѓаните и почитувањето на мерките вели дека има решение.

„Тоа е сите заедно, лидери на партии, бидејќи оваа е национален проблем кој не разликува нација, религија и партиска припадност, заедно со верските лидери, со докторите кои имаат авторитет да излезат и да го повикаат народот да ги почитува мерките бидејќи не чека есен “, вели Пановски.

Според него, во време на најава на „национална здравствена и економска катастрофа“ партиите треба да покажат одговорност и да бидат обединети за ова прашање, а како што вели нека се препукуваат силно за сите останати.
Инаку есенва вирусот се шири секаде во Европа, а државите преземаат дополнителни мерки. Бројот на починати во светот се искачи над милион.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG