Достапни линкови

Јанева e во посебен оддел во притвор, има една „цимерка“


Приведување на специјалната обвинителка Катица Јанева од нејзината куќа во скопската населба Козле.
Приведување на специјалната обвинителка Катица Јанева од нејзината куќа во скопската населба Козле.

Затоа што е лице од посебен интерес поради безбедносна проценка специјалната обвинителка Катица Јанева не е сместена во женското притворското одделение, вели директорот на истражниот затвор Скопје, Есад Рахиќ во интервју за Радио Слободна Европа.

Во посебен оддел, со уште една приведена, специјалната обвинителка Катица Јанева ги минува деновите во притвор. Јанева не е во женското одделение, таа е во посебен оддел поради безбедносна проценка на затворската управа, изјави директорот на истражниот затвор Скопје Есад Рахиќ во интервју за Радио Слободна Европа што в целост ќе се емитува в недела.

„Во принцип ниедно притворено лице не е само. Секогаш мора да има уште еден. Меѓутоа, со оглед на тоа дека станува збор за личност која била специјален обвинител, од посебен општествен интерес, и бидејќи тоа е така брзо направено, ние сметавме дека во еден временски период ние треба да направиме комплетна проценка од безбедносен и здравствен аспект, вели Рахиќ.

Тој додава дека сега во притворот има 18 жени, што е најголем број на притворенички досега, а затворот Шутка е ограничен со капацитетите за сместување.

„Тоа се поголеми оддаи да не речам ќелии во кои има по 4, 5 до 6 жени. Знаете, малку е незгодно, има различни профили на жени, имате женски лица осудени за убиства, имате за изнуда, знаете малку е тешко да вклопите еден таков профил како Јанева меѓу тие лица. Но ние си ја вршиме нашата работа, таа е сместена на најдобар начин на кој ние можеме да сториме,“ вели Рахиќ.

Условите во притворот во изминативе години честопати беа мета на критики на домашни и меѓународно организации. Во Хашкото одделение на притворот е сместен осомничениот Бојан Јовановски и тој е одвоен од неговиот соработник и осомничен во предметот „Рекет“ Зоран Милески Кичеец, потврди Рахиќ во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Мерката притвор од 30 дена на Јанева и беше доделена поради можност од бегство, влијание врз сведоци и инволвирани во истрагата за предметот „Рекет“ и уништување на докази.

Обвинителката Вилма Русковка по излегувањето од Кривичниот суд, кога беше одредена мерка притвор за Катица Јанева, изјави дека сметале оти во овој момент е неопходно да се одреди мерка притвор за специјалната јавна обвинителка во оставка.

„На почетокот имавме само разговори. Се слушаше гласот на колешката и немавме ништо повеќе од тоа. Јас никогаш нема да донесам наредба за истрага, а камоли да барам притвор, без доволно докази. Во меѓувреме се собраа доволно докази за да постои основано сомние дека го сторила кривичното дело. Во овој момент сметавме заедно со јавниот обвинител дека е неопходна оваа мерка притвор“, изјави по одредување на мерката притвор обвинителката Русковска и додаде дека на почетокот од истрагата немале докази против Јанева.

Финаниската истрага за Рекет продолжува и во овој момент не се знае колку пари од рекетот точно завршиле кај Јанева, изјави Рускоска.

Јанева по исказот во Обвинителство ден пред да биде приведена изјави дека не чувствува никаква вина.

За три месеци Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да ја заврши истрагата и да поднесе обвинение. Од она што досега го откри обвинителството, Јанева е третиот осомничен во случајот Рекет. Првите двајца - Бојан Јовановски и Зоран Милески во притвор го поминуваат веќе вториот месец. Јанева, според обвинителството, со незаконски дејствија прибавила предмети и мебел во вредност од околу 5000 евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG