Достапни линкови

Нов Елисејски договор против растечкиот национализам во Европа


Лидерите на Германија и на Франција, Ангела Меркел и Емануел Макрон, денеска во Ахен потпишаа нов договор за француско-германска соработка

Лидерите на Германија и на Франција, Ангела Меркел и Емануел Макрон, денеска во Ахен потпишаа нов договор за француско-германска соработка, со кој се предвидува усогласување на економската, надворешната и одбранбената политика на двете земји.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска укажа на растечкиот национализам во Европа и повика на заживување на прекуграничната соработка, откако таа и францускиот претседател Емануел Макрон потпишаа нов договор за француско-германска соработка, со кој се обновува повеќедецениското пријателство меѓу двете земји.

Договорот треба да ја демонстрира блиската соработка на двете земји кои важат за мотор на Европската унија и воедно да ја нагласи солидарноста на двајцата лидери чија политичка положба на внатрешен план е разнишана.

Договорот беше потпишан во градот Ахен во западна Германија, точно 56 години откако тогашните лидери на Франција и на Германија, Шарл Де Гол и Конрад Аденауер го потпишаа историскиот Елисејски договор за помирување од 1963 година, кој им даде тон на блиските односи меѓу двете земји по Втората светска војна.

„Популизмот и национализмот растат во сите наши земји“, изјави Меркел пред француските, германски и европски претставници во градската куќа во Ахен.

Наведувајќи го излегувањето на Велика Британија од ЕУ и растечките тенденции на протекционизам во светот, Меркел изјави дека меѓународната соработка поминува низ тежок период.

„Седумдесет и четири години, цел човечки век од крајот на Втората светска војна, а она што само по себе изгледа очигледно повторно се доведува во прашање. Затоа, пред сè, треба да постои нова посветеност на нашата одговорност внатре во ЕУ, одговорност кога ја имаат Германија и Франција“, рече Меркел.

Со сличен тон зборуваше и францускиот претседател Емануел Макрон, кој укажа на „растечкиот бес“ внатре во европските општества и од притисокот од надвор. Тој ги осуди „лагите“ кои ги пренесува француската екстремна десница околу денеска потпишаниот француско-германски договор, пренесува Франс прес.

„Оние кои исмејуваат или шират лаги ѝ нанесуваат штета на нашата историја и на нашиот народ“, рече Макрон, обраќајќи им се на оние кои шират лажни информации, како на пример дека, според договорот,Франција ќе ѝ го отстапи на Германија местото на постојан член на Советот за безбедност на ОН.

Лидерката на екстремно десничарскиот Национален сојуз, Марин Ле Пен, претходно го обвини Макрон за „распродажба на земјата“ и „подривање на националниот суверенитет“. Таа рече дека Франција во иднина ќе го дели своето место како постојана членка на Советот за безбедност на ОН со Германија и дека, според договорот, дел од Алзас ќе падне под германска власт.

Германската канцеларка ја повтори желбата на Германија и на Франција за формирање европска војска.

„Новиот договор, кој предвидува приближување во областа на одбраната треба да биде придонес кон создавањето европска војска“, рече Меркел.

Таа ја спомена воената култура и заедничката индустрија за оружје кои се содржани во новиот договор.

Целта на договорот од Ахен е поттикнување на прекуграничната соработка на границата долга 450 километри, но и подобрување на координацијата меѓу двете земји кога станува збор за соочувањето со меѓународните проблеми како што се климатските промени или тероризмот.

Со договорот се предвидува усогласување на економската, надворешната и одбранбената политика на двете земји, како и заедничко парламентарно собрание составено од 100 француски и германски пратеници. Во една од клаузулите на договорот се зборува за заедничка одбрана во случај на напад, налик на моделот предвиден во НАТО. Клаузулата овозможува употреба на заеднички средства во случај на терористички напад или соработка на големи воени програми, како оние за тенкови или воени авиони.

Со договорот на 16 страници се предвидува и поголема економска интеграција меѓу двете земји, подобра координација на сообраќајните врски, како и соработка во академското образование, културата, науката и информатичките технологии. Една од целите е да им се дадат поголеми овластувања и ресурси на локалните власти и прекуграничните организации за реализација на заедничките проекти во областите како трговијата, екологијата, здравството, транспортот и енергетиката.

Меѓу договорените проекти што може веднаш да почнат се конечното исклучување на најстарата нуклеарна електрана во Франција, Фесенхајм, прекуграничните железнички проекти, заедничката примена на стандардите на ЕУ во регулацијата на финансиските услуги и формирањето висока работна група за енергетска политика.

Претставници на ЕУ го поздравија договорот. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, оцени дека на Европа денеска ѝ е потребно „заживување на вербата во смисла на солидарност и единство“.

„На Европа ѝ е потребен јасен сигнал од Париз и од Берлин дека засилената соработка во помали формати не е алтернатива на соработката на цела Европа“, рече тој.

Договорот ќе стапи во сила кога ќе го ратификуваат парламентите на Германија и на Франција.

XS
SM
MD
LG