Достапни линкови

Светот против одлуката на Трамп за напуштање на Парискиот договор


Глобална осуда на повлекувањето на САД од Парискиот договор
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Глобална осуда на повлекувањето на САД од Парискиот договор

Американските сојузници и ривали на сличен начин ја осудија одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече Соединетите Држави од Парискиот договор за климата. Тие истовремено ја отфрлија понудата на Трамп за повторно преговарање во врска со овој договор.

Во обраќањето до јавноста пред Белата куќа, Трамп, наведувајќи дека длабоко се грижи за животната средина, додаде дека не може да поддржи договор што ги казнува Соединетите Држави.

Тој притоа рече дека со оваа негова одлука ја исполнува својата обврска за заштита на граѓаните на Соединетите Држави.

„Значи, ние излегуваме, но ќе почнеме да преговараме. И ќе видиме дали ќе можеме да постигнеме фер договор. Ако постигнеме, тоа е сјајно, ако не, тоа е во ред. Како претседател не можам да разгледувам нешто друго пред благосостојбата на американските граѓани“, рече американскиот претседател.

Според Трамп, постојниот Париски договор бил „нефер спрема американските фирми, работници, граѓани и даночни обврзници“.

Тој, исто така, оцени дека другите држави врз основа на овој договор, добиле поповолни аранжмани.

Американското повлекување наиде на остри критики во светот.

Во телевизиското обраќање до јавноста, францускиот претседател Емануел Макрон категорично отфрли секакво повторно преговарање.

„Нема план Б, бидејќи не постои планета Б“, изјави Макрон додавајќи:

„Јасно потврдувам дека Парискиот договор останува неповратен и ќе биде спроведен не само од Франција, туку и од сите други земји“, рече тој.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, пак, оцени дека одлуката на Трамп била „сериозно погрешна“.

Велика Британија, Јапонија и Германија изразија разочараност што САД, кои се втор најголем загадувач во светот со штетни гасови, ја одбрале опцијата да се повлечат од Парискиот договор.

Русија, изразувајќи почитување за одлуката на Трамп, најави дека нема да се повлече од договорот, а Кина оцени дека станува збор за „глобално уназадување“.

Американското повлекување наиде на критики и во Соединетите Држави, а во Њујорк, Вашингтон и други градови луѓето излегоа на протести.

Поранешниот американски претседател Барак Обама оцени дека со тоа Соединетите Држави им се придружија на малкуте земји кои ја отфрлаат иднината.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG