Достапни линкови

Анализа: Зад ракувањето на Трамп и Путин


Германија-Претседателите на САД Доналд Трамп и на Русија Владимир Путин се ракуваат за време на својата прва средба,07.07.2017
Германија-Претседателите на САД Доналд Трамп и на Русија Владимир Путин се ракуваат за време на својата прва средба,07.07.2017

Во анализата за Радио Слободна Европа Мајкл Екел наведува пет поенти од првиот состанок на претседателот на САД Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин кој се случи вчера во Хамбург, каде што се одржува самитот на Г20.

Додека сите состаноци на лидерите од Москва и Вашингтон беа проценувани од историјата, воената моќ и натпреварувањето во визиите за светскиот поредок, нема да биде потценување да се нарече средбата на 7 јули меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп историска.

Билатералните односи меѓу двете нуклеарни сили без двоумење се на најниско ниво во последините 30 години, поттикнувајќи ги стравовите за воени конфронтации во стилот на Студената војна.

Шестмесечното претседателствување на Трамп беше ослабено во мал дел поради заклучоците на американските разузнавачи дека Русија се мешала во иборите кои го донесоа Трамп во Белата куќа. Путин, кој го има третиот мандат, ужива голема популарност, но економијата во неговата земја се бори, популацијата старее, има ендемска корупција, а политичкиот систем во голема мера се потпира врз неговата личност.

Трамп често зборуваше за наоѓање заеднички основи со Кремљ, што е ехо и од поранешните американски претседатели кои веруваа дека добриот и позитивен пристап може да заврши работа. Барак Обама се обиде да ги обнови релациите со Путин по руската инвазија на Грузија во 2008 година. Џорџ Буш погледна во очите на рускиот претседател во 2001 година и рече дека ја чувствува неговата душа. И Бил Клинтон имаше добродушни односи со претходникот на Путин Борис Елцин, во еден случај подигнувајќи го буквално за време на неговото тешко претседавање во деведесетитте години.

Ако Трамп успее да одбегне да ја повтори историјата, тоа нема да биде мало постигнување. Еве пет поенти од првиот состанок меѓу двајцата лидери:

Кој беше во собата?

Во деновите пред средбата американските аналитичари и руските набљудувачи внимателно анализираа кој ќе биде во собата во која ќе се сретнат Трамп и Путин. На крајот таму беа топ дипломатите од двете земји, Рекс Тилерсон и Сергеј Лавров и преведувачите. Неприсуството на главната личност на Белата куќа за Русија, Фиона Хил, чие присуство многу набљудувачи го очекуваа ја лиши американската страна од длабоко познавање и искуство за Путин и руската внатрешна динамика.И додека искуството на Тилерсон е значајно, тоа е повеќе како на бизнисмен кој раководеше со нафтениот гигант Ексон Мобил и преговарањето со руската државна компанија Роснефт. Кариерата на Лавров како министер за надворешни работи се одвива за време на три претседателства, а неговите дипломатски контакти со САД почнуваат од времето кога Леонид Брежнев беше советски лидер.

Ракување

Ракувањето како говор на телото, стана неформален тест за набљудувачите на Трамп и неговите контакти со светските лидери. Неговото ракување со премиерот Шинзо Абе кое траеше 19 секунди, пропуштената можност да се ракува со германската канцеларка Ангела Меркел, “војната со ракување” со францускиот претседател Емануел Макрон, беа поттик за психолозите да анализираат што сака Трамп да им каже на своите колеги.

Ракувањето со Путин се случи за време на фотографирањето пред состанокот зад затворени врати, а претходно исто така се ракуваа неформално при пристигнувањето на лидерите на самитот на Групата 20.Краткото видео покажува како Трамп ја испружува својата рака кон Путин кога претставниците се собираат на масата, а потоа се насмевнува додека го тапка лактот на Путин. Потоа се гледа како Трамп го тапка Путин и по грбот додека стојат еден до друг.

Чест е да се биде со тебе, Трамп му рече на Путин кој возврати дека е воодушен што се сретнал со него.

“Имаше многу јасна, позитивна хемија меѓу двајцата” изјави Тилерсон пред новинарите.

А за нивното првично ракување? Се чини дека тоа траше околу две секунди.

Тик-так, тик-так

Првично средбата требаше да трае околу 35-40 минути. Но лидерите ја продолжија и таа траеше повеќе од два часа, што се смета за сигнал дека двајцата не зборувале за времето или за изборот на нивните вратоврски.

Во коментар за новинарите кои го чекаа состанокот на рускиот претседател со Абе кој се случи подоцна, Путин рече дека со Трамп разговарале за Украина, Сирија, борбата против тероризмот, сајбер криминалот и сајбер безбедноста. Тој не даде дополнителни детали.

Дури и пред да заврши состанокот, имаше гласини за договор за Сирија, каде што САД и Русија се на различни страни.Подоцна Лавров на прес конференција рече дека двајцата претседатели се согласиле за прекин на огнот во делови на Сирија кој ќе стапи во сила на 9 јули.

Прашан подоцна зошто состанокот траеше толку долго, Тилерсон одговори “имаше многу за разговор”.

Читање меѓу редови

Како што е често случај тоа што не се зборува на состаноците има иста тежина како и тоа што е кажано.Лавров рече дека нема договор за враќање надвата имота во областа на Вашингтон кои беа користени од руски дипломати, а кои САД ги затвори во декември. Русија гласно се противеше на ова и најавуваше презeмање на американски дипломатски преставништва во Москва како одговор на потегот на администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама.

Лавров реагираше неутрално и на претходното соопштение за назначување на специјален американски претставник во Украина за Договорот од Минск за таа земја. Но, судејќи и според неговиот коментар и според тој на Тилерсон, нема никакви значајни договори за притискање на потписниците меѓу кои се Русија, Украина, Франција и Германија да ги преземат обврските предвидени со тој договор.

Исто така не споменати останаа и други важни точки за односите меѓу Москва и Вашингтон, како догороворите за контрола на вооружувањето кои датираат од Студената војна.

Ниту изјавите на Трамп за време на посетата на Полска не беа коментирани по средбата. Во Варшава, која тој ја посети пред да замине во Хамбург, даде поддршка на НАТО и ја критикуваше Русија дека сака да ги дестабилизира некои европски земји. Тој исто така го поздрави против ракетниот систем за одбрана на полската војска и ја пофали владата на Полска која има непријателски однос кон Русија.

Слонот во собата

Најголемото прашање со кое со соочуваат Трамп и Путин, кое и двете страни го негираат е руското мешање во американските избори во 2016 година. Тилерсон рече дека прашањето се појавило кога лично Трамп ја изнел загриженоста.

“Претседателот го притисна Путин во повеќе од една прилика за руската вмешаност. Претседателот Путин негираше таква вклученост, како што мислам дека го правеше и порано” рече Тилерсон.

Лавров во меѓувреме тврди дека Трамп јасно слушнал од Путин дека Русија не се мешала и рече дека двете страни се договориле да формираат заедничка работна група за да се адресира проблемот со сајбер криминалот и сајбер нападите.

Ако историјата се смета за некаков водич, ова веројатно не оди никаде. Русите и Американците и порано се обидуваа да соработуваат на прашањата поврзани со сајбер просторот но тоа не доведе до никаков успех.

Освен тоа, прашањето за руското мешање најверојатно не е едно за кое двајцата имаат интерес да го туркаат. За Трамп давањето до знаење дека Русија се обидувала да се меша во негова корист, како што тврдат американските разузнавачи, може да ја поткопа неговата изборна победа и да потенцијално легитимитетот на неговото претседавање.

За Путин, објавувањето дека Русија се мешала во американските избори само ќе го поткрепи она во што се сомневаат многу експерти дека се случува во многу европски земји сојузници на Вашингтон. И тоа може да ги повика Американците на одмазда.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG