Достапни линкови

Нападот во Стразбур под истрага за тероризам


Франција ја крена безбедноста по нападот во Стразбур
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00

Франција ја крена безбедноста по нападот во Стразбур

Вооружен напаѓач убил две лица, додека 14 други ранил во близина на Божиќниот пазар во источниот француски град Стразбур. Полицијата сè уште трага по напаѓачот, кој според министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, ѝ бил познат на полицијата и имал криминално досие.

Според министерот Кастанер, случајот го води Одделот за контратероризам во обвинителството во Париз.

„Човекот е многу познат за кривични дела за кои тој веќе бил осудуван во Франција и во Германија“.

Во нападот во Стразбур загинале двајца луѓе, а 14 се повредени, од кои седум потешко, информира денеска регионалната полиција, ревидирајќи го бројот на загинати. Ноќеска беше јавено дека загинале четворица луѓе во нападот кој се случи околу 20 часот. Потоа, министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер на прес-конференција рече дека има тројца загинати.

Локалните безбедносни служби соопштија дека напаѓачот бил на списокот на сомнителни екстремисти и оти нападот го извршил со автоматска пушка.

Исам Фарес, продавач на Божиќниот пазар беше сведок на нападот:

„Најпрво слушнав неколку пукотници и мислев, можеби тоа се петарди или напад во продавница. Видов многу луѓе кои трчаа, уплашени, деца кои плачат, а потоа си реков, дека тоа мора да биде многу, многу сериозно“, рече тој.

Министерот за внатрешни работи Кастанер прецизира дека вооружениот напаѓач на два пати влегол во престрелка со француските безбедносни сили.

Тој додаде и тоа дека Франција го подигнува нивото на безбедносна закана и оти ја зајакнува заштитата на божиќните пазари во градовите, како и граничните контроли.

До овој инцидент доаѓа во време кога француските безбедносни сили се ангажирани околу антивладните протести на „Жолтите елеци“.

Во Стразбур се наоѓа Европскиот парламент кој во овој период одржува пленарна седница, па таму има стотици партеници од европските земји.

Тие по нападот останаа блокирани во зградата на парламентот.

Претседателот на европарламентот Антонио Тајани изјави дека парламентот ја продолжува работата и оти вакви терористички или криминални напади нема да ги спречат пратениците во нивната работа.

Францускиот претседател Емануел Макрон веднаш откако бил информиран за нападот упати порака со сочувство за жртвите.

Во Франција од 2015 година е зголемена безбедноста по серијата напади од страна на исламистичките милитанти.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG