Достапни линкови

Македонија - и во НАТО и во европските сили за безбедност


Војници на АРМ
Војници на АРМ

Францускиот претседател Емануел Макрон подолго време најавува дека ќе поднесе нови предлози за Европската унија за да може да биде зајакната нејзината безбедност. Според него, Унијата мора да престане да биде зависна од американската воена моќ. Каде е Македонија меѓу желбата за членство во НАТО и зајакнувањето на европските сили за безбедност? Што ќе значи новата европска безбедноста архитектура за Западниот Балкан?

Зголемувањето на структурната интеграција на европските сили не е во спротивност со НАТО и Македонија евентуално би станала членка и на НАТО и на заедничките европски сили за безбедност. Националниот координатор за НАТО на Македонија, Стево Пендаровски, вели дека идејата е Европа да не се потпира толку на американската воена моќ и повеќе сама да се грижи за сопствената безбедност, додека НАТО повеќе би било ангажирано во справување со подалечни закани, вели тој.

„Тоа од почетокот воопшто, па дури и сега, колку и да звучи чудно, нема да се коси со соработката на скоро истите држави во НАТО. Значи нема да има дуплирање на ресурси, нема да има дуплирање на ангажман, нема да има трошење повеќе пари за иста намена, за одбрана на државите во Европа, ќе си ги исполнуваат своите обврски и кон НАТО, кој ќе биде завртен повеќе кон некои подалечни мисии како што е Авганистан, а ова ќе биде повеќе завртено кон заканите коишто се насочени примарно кон Европскиот континент. Во НАТО постои официјален став на Алијансата дека оваа поблиска соработка на европските партнери и сојузници од НАТО не значи уривање на кохезијата на Алијансата, туку напротив е комплементарна активност на она што НАТО генерално го правеше во однос на безбедноста на континентот“, вели Пендаровски.

Тој посочува дека заедничките европски сили не се нов проект, но најавите за засилување на воената соработка во ЕУ се поттикнати од ставот на сегашната американска администрација, која се обидува што повеќе да се повлече од Европа и да се насочи кон други делови од светот.

„Сето тоа е провоцирано од односот на новата американска администрација, која де факто се дистанцира во изминатава година и половина повеќе од безбедносните проблеми на своите европски сојузници и се насочи секаде низ светот само не толку кон Европа. Како поттекст на ова претходново и да кажам дека покажуваше, благо да кажам, амбивалентен став кон пенетрацијата на руските интереси на континентот, кои според европските сојузници, и клучните, па и помалите европски држави, се во овој момент една од главните безбедносни закани, особено преку политичката пропаганда и лажните вести“, вели Пендаровски.

Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија потсетува дека и оваа, но и претходната американска администрација постојано бараа од европските партнери да ги зголемат трошоците за одбрана. Тој исто така се согласува дека НАТО и вооружени сили на ЕУ не се исклучуваат едни со други.

„Сметам дека донекаде и пораките на американската дипломатија се во таа насока, Европјаните сами да преземат одговорност за својата одбрана, во насока на тоа што секоја од државите би го зголемила буџетот до она што е договорено на претходните три-четири самити“, вели Џугуманов.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност се согласува дека НАТО и заедничките европски сили не се преклопуваат едни со други, туку може да се надополнуваат и да соработуваат.

„Република Македонија своето место во тоа глобално безбедносно опкружување го бара и го сака со членството во НАТО. Тогаш кога Република Македонија ќе стане членка на ЕУ, таа може паралелно со членството во НАТО, исто така од своите структури да обезбедува одреден број на припадници на безбедносните сили за безбедносните структури на ЕУ“, вели Марковски.

Постојаната структурна соработка(ПЕСКО) е предвидена со Договорот од Лисабон од 2009 година, но не функционираше, или како што оцени претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, беше „заспана убавица“. По гласањето на Велика Британија, која се спротивставуваше на таквата соработка, за излез од ЕУ во 2016 година, и по изборот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги критикува европските сојузници зашто не трошат доволно за одбрана, се отвори простор за поголема воена соработка меѓу европските земји. Членките на ЕУ немаат обврска да учествуваат во ПЕСКО, туку тоа е доброволно, а оние кои учествуваат не мора да учествуваат во сите заеднички проекти. Велика Британија, која излегува од ЕУ, како и Данска и Малта, не учествуваат во заедничката воена европска соработка. Во најмногу заеднички проекти учествуваат Италија и Шпанија, а потоа и Германија, Ирска, Португалија, Белгија и Холандија.

ЕУ повеќе да се грижи за безбедноста на Западниот Балкан

Марковски посочува дека не е нова ни идејата ЕУ повеќе да се грижи за безбедноста на Западниот Балкан, отколку САД.

„Кое било кризно жариште на тлото на Европа може да предизвика негативни импликации по безбедноста на членките на ЕУ. Безбедносните структури на ЕУ треба да се грижат и пошироко од членките на Унијата, односно да го зафатат и Западниот Балкан како невралгично или потенцијално кризно жариште кое може да предизвика последици по безбедноста на ЕУ“, вели Марковски.

Пендаровски потсетува дека првата воена мисија на ЕУ, Конкордија, беше токму во Македонија пред 15 години, како замена на мировната мисија на НАТО.

„Се сметаше и тогаш и сега дека е многу пологично тие што се најблиску до жариштето, значи европските партнери, тие да дојдат први за помош и асистенција во западнобалканските држави, наместо да имате американски или канадски војници. Значи, не е ништо ново и не треба да се плашиме дека во оваа груба смисла ќе има баш замена на Американците со Европјани, бидејќи сè уште, наспроти овие тонови кои доаѓаат од Вашингтон и од нивната администрација, тоа е практично и културолошки, и политички, и стратешки иста организација, односно тоа се организации кои се многу слични по своите заложби, по својата мисија“, вели Пендаровски, кој посочува дека тоа не значи американско „кревање раце“ од регионот.

Тој посочува дека токму НАТО ѝ помага на ЕУ во своите мисии.

Тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, на состанокот на министрите за одбрана од ЕУ во Рим во 2003 година, ја посочи токму Македонија како позитивен пример за соработка на НАТО и ЕУ.

„Клучна работа за НАТО и за ЕУ е да работат заедно хармонично и ефикасно. Тоа го правиме во Македонија и нам не ни треба непотребна конкуренција или дуплирање и јас сум сигурен дека тоа ќе биде една од темите денеска и сигурен сум дека ќе има позитивен исход“, рече Робертсон во пресрет на состанокот на министри во Рим во 2003 година.

Пендаровски посочува дека стратегиско партнерство на ЕУ со Турција и со Русија навистина може да ја засили безбедноста на континентот, но оти во овој момент не гледа можност за такво нешто.

„Може да направите договор со Русија и Турција во однос на блискоисточните војни, во однос на Авганистан, во однос на подалечните жаришта, кои може да имаат безбедносни последици и кон Европјаните, и кон Русија, и кон Турција. За жал, во однос на руската пенетрација на тлото на Европа, не можам да видам како ќе направат стратешко партнерство со страната за која самите тие велат дека влијае на нивните избори, и сега и во иднина. Значи, како вие ќе соработувате стратешки со држава за која тврдите дека сака да го обликува вашиот политички систем или политички трендови“, вели Пендаровски.

Марковски исто така смета дека тоа стратегиско партнерство би се однесувало на подалечни закани.

ЕУ да престане да биде зависна од американската воена моќ

НАТО, новата безбедносна архитектура на ЕУ и Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:22 0:00

Францускиот претседател Емануел Макрон подолго време најавува дека ќе поднесе нови предлози за Европската унија за да може да биде зајакната нејзината безбедност. Според него, Унијата мора да престане да биде зависна од американската воена моќ.

Гоце Атанасов

Францускиот претседател Емануел Макрон, откако деновиве повтори дека Европската унија мора да ја прекине зависноста од американската моќ, министрите за одбрана на Унијата одржаа неформален состанок во Виена на кој беше потврдено дека Европската унија работи на нејзината нова воена одбранбена архитектура. Всушност станува збор за дополнително унапредување на соработката во одбраната со цел зајакнување на европските капацитети за одбрана.

Ова го потврди и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, која по неформалниот состанок во Виена изјави дека станува збор за таканаречена „Постојана структурна соработка“ или ПЕСКО, која е дел од заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската унија. Во неа 25 од 28-те национални вооружени сили се стремат кон структурна интеграција и се одвива непречено и се промовира чекор по чекор.

Добивме повеќе од 30 нови предлози за проектите на ПЕСКО што сега ги оценуваме и тие ќе бидат, сметам, подготвени за усвојување во ноември, со што ќе се додадат на 17-те постоечки проекти за ПЕСКО. Значи, тоа напредува и спроведувањето се одвива со добар ритам и на добро ниво“, рече Могерини.

На средбата во Виена министрите се фокусираа и врз воените односи меѓу Унијата и земјите од Западен Балкан.

„Ние се движиме од перцепцијата, ние како Европска унија да бидеме провајдери на безбедноста во Западен Балкан кон формирање партнерство со Западен Балкан во безбедноста и одбраната на заеднички начин“, рече Могерини.

Според неа, веќе се разговарало со НАТО и со Обединетите нации, за кои рече дека на Унијата ѝ се клучни партнери во регионот како да се зголеми соработка за безбедноста и одбраната на Балканот.

Таа додаде дека австриското претседателство извонредно работело на одржувањето на Западен Балкан на агендата на Унијата, како што тоа беше сторено со бугарското претседателство, а како што се очекува и од романското претседателство.

Австрискиот министер за одбрана Марио Кунасек, прецизира за што станува збор:

„Постојат три специфични области каде што треба да ја подобриме ситуацијата: модерен воен капацитет, подобро планирање и команда и, конечно, нови финансиски модели“, рече тој.

Всушност овој состанок следуваше по најавата на францускиот претседател Емануел Макрон за нови напори во европскиот одбранбен проект. Тој притоа рече дека безбедноста на Континентот не треба да се потпира толку многу врз САД.

„Европа повеќе не може да се потпре единствено врз САД за нејзината безбедност. На нас денес е да ги преземеме нашите одговорности и да ја гарантираме европската безбедност и, следствено, европскиот суверенитет. Мораме целосно да ги сфатиме последиците од крајот на Студената војна. Алијансите сè уште ја имаат сета своја важност денес, но мора да се ревидираат балансите или механизмите врз кои тие се изградени, а тоа исто така значи дека Европа мора да се соочи со сите последици“, рече тој.

Повикувајќи ја Европа сериозно да ја разгледа својата безбедност во иднина, Макрон изрази надеж дека Франција може да работи заедно со европските партнери, вклучувајќи ја и Русија, за да ја зајакне сопствената безбедност.

„Нашиот интерес со Турција и со Русија е да имаме стратегиско партнерство кое ни овозможува да ги стабилизираме односите во Европската унија на подолг рок“, вели Макрон, додавајќи дека сепак „НАТО останува важен сојузник“.

Неговите предлози, како што рече, ќе бидат претставени во наредните месеци при што наведе:

„Сакам да започнат исцрпен преглед на нашата безбедност со сите европски партнери, во кои спаѓа и Русија“, рече тој.

Макрон дојде на власт минатата година, ветувајќи дека ќе ја промени ЕУ. Сепак, неговите залагања за длабоки политички реформи досега наидоа на млака поддршка во Брисел. Коментарите на Макрон дојдоа по низата гестови на американскиот претседател Доналд Трамп, за дистанцирање од традиционалниот сојузник НАТО, постојано критикувајќи ги членки на НАТО за нивните расходи за одбрана, што предизвика грижи кај европските земји.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG