Достапни линкови

Ново толкување на немилите настани од македонско-грчката историја


Виктор Габер.

Во учебниците треба да се избегнува она што претставува анимозитет, непријатност. Односно, ако имате еден настан кој бил „немил“ за едната страна, да не биде веќе така третиран, вели амбасадорот Виктор Габер, копретседавач на македонскиот дел на македонско-грчката комисија.

На втората средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти формиран согласно со Преспанскиот договор, постигната е согласност за интензивирање на активностите, а наредниот состанок е закажан за 12 и 13 април во Атина.

Амбасадорот Виктор Габер, копретседавач на македонскиот дел на Комитетот, вели дека се работи на усогласување на учебниците по историја, археологија, и воопшто образовниот систем во врска со едукацијата на новите генерации, во една пријателска и солидарна атмосфера, атмосфера на градење на заедништво во иднина. Тој додава дека е воспоставена динамика која ќе придонесе во наредниот период да се премине на изучување на конкретни формулации во учебниците и да се адаптираат на новото време кое го донесе Преспанскиот договор.

„Атмосферата беше колегијална, конструктивна, се работи за два концепта кои треба да се усогласат, бидејќи се работи за два образовни система кои со години се граделе и си имаат своја историја, а треба да имаат заедничка иднина“, рече Габер.

Тој истакнува дека во учебниците треба да се избегнува она што претставува анимозитет, непријатност. Односно, ако имате еден настан кој бил „немил“ за едната страна, да не биде веќе така третиран. Но, според него, тоа ќе биде тема за следната фаза, која почнува идниот месец во Атина.

Во досегашната работа на Комитетот разгледани се учебниците по историја и географија за основно и средно образование, како и оние по етика и социологија. Габер нагласува дека станува збор за огромен материјал и поради тоа два пати се одложени состаноците на Комитетот.

Работата на овој Комитет е дел од поширокиот процес за постигнување клима на доверба меѓу двете земји, па и најавената посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас е дел од тој процес, велат во Комитетот. Во таа насока, во учебниците кои се разгледуваат не треба да се отфрлаат одредени содржини, туку треба да се работи на нивно реидентификување и усогласување, за да се избегне каква било форма на иредентизам. Усогласените ставови треба да се во согласност со одредбите на Советот на Европа и на УНЕСКО, каде што Македонија е членка и треба да внимава на обврските што произлегуваат од тоа членство, велат во Комитетот.

Инаку, ова тело е формирано во септември минатата година и беше единствената обврска на двете страни што требаше да профункционира пред да стапи во сила Преспанскиот договор.

Во почетокот на ноември во Солун беше одржана првата средба, на која двете страни го усвоија Деловникот за работа и се согласија за динамиката на идните состаноци. „Согласно членот 8 од Спогодбата од Преспа, беше донесена заедничка одлука да се работи на отстранување на одредени референци во учебниците, што беа присутни во минатото“, соопшти по средбата Министерството за надворешни работи.

Членови на Заедничкиот интердисциплинарен комитет од македонска страна, покрај амбасадорот Габер се професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе.

Од Грција, пак, во комитетот што го предводи заменик министерот за надворешни работи, Маркос Боларис, членовите се во најголем дел професори од солунските универзитети.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG