Достапни линкови

Димитров: Претседателските избори судир меѓу надежта и стравот


Владата во идниот претседател да има принципиелен партнер
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:03 0:00

Владата во идниот претседател да има принципиелен партнер

Главна тема на претседателските избори треба да биде иднината, а не минатото. Тоа ќе биде судир меѓу надежта и стравот, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи во неделното интервју за РСЕ. Со него разговаравме и за цената на договорот со Грција за односите со Бугарија и шансите на Македонија во Јуни да даобие датум за преговори со ЕУ.

Има ли доволно високо расположение во ЕУ за доделување датум во јуни за преговори со оглед на сите критики од Брисел, посебно за владеењето на правото?​

Ние имавме одличен извештај минатиот јуни и ЕУ рече дека патот до преговорите се исцртува. Одлуката ја проектира за јуни оваа година. Ќе биде голем проблем за кредибилитетот за целиот пристапен процес за политиката на ЕУ кон Балканот, ако не се подржи успехот на нашата земја која успеа да си го расчисти патот кој беше забарикадиран сериозно последниве години од 2005. Мислам дека е од голема важност иднината на СЈО. Тоа е важно. Мислам дека имаме голем аргумент не само со новиот закон со кој се формираше Комисијата за корупцијата, туку и како ги избравме антикорупционерите. Значи имаме Комисија со заби која може да гризе а составена од луѓе избрани на јавен транспарентен начин. И од секаде добивам сигнали дека таму има извонредна експертиза. Ако испорачаме уште некои работи ќе имаме добра кондиција по европските избори да ни дозволат да го почнеме патот кон Европа.

Господине Димитров грчката пречка е надмината, за висината на цената не постои национален консензус. Можно ли е некакво отстранување на тој договор или негово ревидирање од некои идни власти во Скопје и Атина, за што има и најави?

Германскиот министер за европски прашања Михаил Рот имаше скоро коментар околу ова. Вели – Не гледам после вакви честитки и восхит од меѓународната заедница, што ќе донесе ако се вратиме назад кон проблемот. Реакциите укажуваат дека проблемот бил многу тежок и растојанието било значително меѓу позициите на двете страни. Има еден елемент заокружување на нашата државност која што почна 1991. Во 1993 имавме обврска од Советот за безбедност на Обединетите нации да го надминеме овој проблем и има еден вид афирмирање пред светот, со соседите пред сè во нашиот регион на нашиот македонски идентитет.

Да, но колку овој Преспански договор е меѓународно осигуран? Можни ли не некакви проблеми да речеме во Обединетите нации, бидејќи првичната реакција на Москва, ако се сеќавате, беше дека за нив Македонија останува Република Македонија без она Северна.

Ќе видиме, одговор ќе има на нашата нота упатена до сите држави, меѓу кои и Руската федерација. Ќе видиме што формално ќе ни стигне. Мислам дека патот во Обединетите нации е јасен. Имаше исто така многу позитивна изјава од генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш, кој истакна дека ова е еден огромен успех, што е добро за регионалната стабилност пример за други проблеми и тој ќе ги информира и Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН дека проблемот е затворен.

Но според досегашниот настап на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, таа како да сака токму Преспанскиот договор да биде една од главните теми во кампањата. Вие не рековте, меѓутоа не ги ни одрековте вашите претседателски амбиции. Според некои внатрепартиски сондажи доста добро котирате. До каде се тие работи, дали сте вие можниот кандидат на владејачката коалиција?

Мислам дека главната тема на претседателските избори треба да биде иднината на нашата земја. Како до подобар живот за нашите граѓани, како да не се мислиме што ќе биде со нас, дали ќе не биде и тука ќе се судрат двата наративи, едниот на надежта и другиот на стравот. Јас мислам се работи за последни денови овој процес на широки консултации околу кандидати за претседател е при крај. Има консултации со граѓаните преку анкетите, преку фокус групи, консултација со политичките играчи, партиите во коалицијата, вон коалицијата. Мислам дека има многу квалитетни луѓе, бидејќи многу е важно владата во идниот претседател да има принципиелен партнер за да го фатиме патот и да ги искористиме овие години пред нас коишто можат да бидат златни години, бидејќи искуството на другите земји коишто влегле во НАТО и зачекориле кон ЕУ, покажуваат дека тие години се годините на вистински промени, на економски развој. Ние дома да се договориме да туркаме сите напред, да не биде дел да туркаме напред, дел да влечеме назад.

Каков е ставот на ДУИ околу евентуалната ваша кандидатура? И дали би прифатиле ако на крај владејачката коалиција се реши за консензуален кандидат и тој да биде Никола Димитров?

Јас сум фокусиран на мојата работа, тоа може да звучи како клише, ама имаме уште многу работа. Договорот влезе во сила, има уште многу околу имплементацијата. Наскоро ќе одам во билатерална посета во Софија, тоа е еден однос кој исто е важен, бара негување, почнавме еден процес на заедничко растење. Според моето искуство ефектот е 80 отсто личност и 20 отсто позиција. Дали ќе биде од оваа канцеларија или од онаа канцеларија, од трета канцеларија, јас ќе дадам се од себе нашата генерација, не само тие што се со мене родени, туку сите што сме сега активни да ја поминеме линијата на сигурност, да им дадеме барем пристојна шанса на следната генерација за среќен живот.

Со бугарската министерка Захариева делувате многу пријателски кога човек ќе ве погледне и во Брисел и на други форуми. Како ги оценувате нејзините изјави за бугарскито карактер на дел од македонското минато. Дали тие се во насока на градење заедничка европска иднина?

Тоа е еден процес кој има три цели. Од една страна треба да не зближи вистински, да направи таква атмосфера да не можат да се добиваат политички поени со негативни изјави кон другиот. Да им ја отежниме работата на тие кои сакаат да ја растураат приказната и односите.

Второ - растење. Да бидеме доволно силни во тоа кои сме и во тој однос, тоа посебно се однесува на Македонците, на македонскиот народ, да погледнеме отворено кон сопственото минато, а во Бугарија да бидат исто така доволно силни да погледнат во реалноста денеска каква е и да не прифатат кои сме.

Има ли Министерството за надворешни работи дипломатски активности за случајот Груевски, за негова екстрадиција?

Тој проблем сега се реактуелизира дополнително со последните чекори од Обвинителството во однос на 27 април. Ние тука имавме делумна амнестија, која направи дистинкција, ги разграничи они кои организирале, оние кои учествувале во насилство, ќе видиме што ќе направи обвинителството, мислам дека ќе има тука кон Министерството за правда едно дополнување на барањето за екстрадиција.

Со Унгарија имаме заеднички интереси и различни интереси. Заедничките интереси ни се да продолжиме да тргуваме, да продолжиме да се поддржуваме за крупните интереси -евроатланските интеграции.

Имаме различен интерес и целосно различно гледање на случајот со Груевски, бидејќи ние имавме домашна задача од Европскиот совет во заклучоците од минатата година – да има одговорност за индициите за злоупотреби, криминал, корупција од прислушуваните разговори и за нападот врз собранието, посебно за организаторите и иницијаторите.

Целото интервју со министерот Никола Димитров, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG