Достапни линкови

Можно ли е поништување или непочитување на Договорот од Преспа?


Архивска фотографија- поставување табли на границата со Грција со името Република Северна Македонија

Има четири услови за да се поништи Договорот од Преспа - да има двотретинско и бадентерово мнозинство, согласност од Грција и согласност од меѓународната заедница, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Други опозиционери пак ветуваат непочтиување на новото име ако бидат избрани.

Власта и опозицијата остануваат на сосема различни позиции за Договорот од Преспа, а очекувањата се дека таквата дебата ќе се префрли и разжести во претседателската трка.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и шеф на парламентарната делегација за НАТО Илија Димовски е исто така критичен кон Договорот од Преспа. Иако периодов постојано патува на ратификациите на членството на Северна Македонија во НАТО во парламентите на земјите членки вели дека договорот е штетен, но дека не ја спори неговата цел - членство на Македонија во НАТО пактот и ЕУ.

На прашањето дали и тој е за поништување на договорот вели дека постојат четири предуслови за тоа - да има двотретинско и бадентерово мнозинство во Собранието, да има согласност од Грција и да има согласност од меѓународната заедница. Не смее да се заборави, но треба да се биде искрен и да се каже дека ќе биде ужасно тешко, вели Димовски.

“Мислам дека ниту еден политичар не смее да ја заборави болката и тегобата на содржината на овој договор, повторно сакам да ја исцртам границата меѓу содржината на договорот и целта. Доколку во иднина се создадат меѓународни услови и разбирање за нашето право на идентитет, да, тоа не треба да биде заборавено за век и веков ”, вели Димовски.

„Држете ме за збор јас никогаш нема да го употребам името Северна Македонија“, им порачува на граѓаните кандидатката на опозицијата Гордана Силјановска Давкова, која за разлика од други претставници на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја кандидираше, не ветува лично поништување на овој или пак, нов договор, туку вели дека тоа би можел да го стори Уставниот суд.

Партискиот потпретседател Александар Николоски пред референдумот тврдеше дека тие ќе направат подобар договор со Грција ако овој не поминел, но и тогаш не откри како би го постигнале тоа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, тврди дека бил подготвен да биде премиер на Република Македонија, а не на северна, но и тој исто така не открива што ќе се случи со договорот за името кој веќе е во сила.

„Откако ќе ја добиеме довербата на народот, а ние ќе ја добиеме на следните предвремени парламентарни избори, ќе видите кои ќе бидат чекорите и ќе видите кои процеси ВМРО-ДПМНЕ ќе ги примени во иднина“, рече Мицкоски во интервју за РСЕ во минатиот месец.

Но, според Ана Чупеска Станишковска од правниот факултет Јустинијан Први, ниту поништувањето ниту непочитувањето на договорот не е можно.

„Изјавите за поништување на договорот сметам дека се кампања на опозицијата за да го мобилизираат своето гласачко тело, а не е возможно ниту во иднина некој да не биде претседател или премиер на Северна Македонија затоа што кандидатурите и за двете позиции поминуваат низ каналот на актуелното име“, вели Чупеска Станишковска.

Инаку, во интервјуто на Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, Димовски зборува и за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на држава. Силјановска- Давкова е добар кандидат и ја заслужува поддршка но нагласува и дека ќе бил „посреќен ако кандидатот бил од ВМРО-ДПМНЕ“. Димовски, кој во Собранието е веќе петти мандат, во интервјуто зборува и за случувањата во неговата матична партија, работата на раководството и неговите позиционирања во ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG