Достапни линкови

Договорите за добрососедство и новите учебници


Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.
Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Договорот меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името, како и со Бугарија за добрососедство предвидува и формирање Заеднички комитет на експерти. Намерата е да се изработат модерни учебници од кои ќе се отстранат сите работи кои предизвикуваат иредентизам. Дали е ова остварливо?

Историите на народите на балканските простори во некои работи се заеднички, но погледите за тие случувања се често различни до степен да се конфронтираме за нив, велат експертите.

По потпишувањето на Договорот на Македонија со Бугарија и со Грција за добрососедство се предвиде дека треба да се менуваат и учебниците како резултат на потребата да се направат нови модерни училишни книги кои нема да бидат идеолошки обоени. Намерата со ова, како што изјави премиерот Зоран Заев, е да се отстранат сите оние работи кои предизвикаа иредентизам, или се спротивни од желбата за градење на пријателство. Ревидираните учебници треба да се изработат откако ќе бидат изнесени мислењата на историчари и експерти за разни поглавја од минатото. Дали е тоа остварливо? Одговорот на ова прашање е различен.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров смета дека идејата е остварлива и за тоа наведува повеќе причини. Тој вели дека историјата на овие простори во многу работи е заедничка, но оти кога се работи за настани кои се од чисто македонски национален карактер треба да се најде решение кое ќе ги задоволи двете страни.

„Не може да се каже дека македонскиот јазик не го признаваат. Тоа се остатоци од средновековното минато на чело со Каракачанов. Бугарската власт треба да се дистанцира од изјави кои не одат во насока на добрососедство. Но, тие се малубројни и се остатоци од минатото. Договорите се потпишани и со Бугарија и со Грција. Не може да го спречи никој тој процес на развој на добрососедство. Овој Балкан треба да заживее во мир и благосостојба и треба да гледаме напред”, вели Лазаров.

До неговиот коментар доаѓа откако Mинистерот за одбрана и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов изјави дека има многу јасни клаузули во Договорот за пријателство со Македонија, но според него во Скопје треба да престанат да ја фалсификуваат историјата.

Професорот Лазаров напоменува дека ова прашање за ревизија на учебниците не зависи само од историчарите, макар што тие треба да ги напишат учебниците, туку и од многу други фактори. На пример од политичката волја или вреднување на одделни случувања и личности во историјата. Во моментов се води полемика помеѓу македонските и бугарските експерти и за заедничко чествување од страна на двете земји, на некои настани и личности меѓу кои и на светите браќа Кирил и Методиј.

„Науката е таа која ќе решава. Има комисии​ кои ќе одат чекор по чекор и ќе наоѓаат решение. Не може да славиме Илинден со Бугарија, востанието не било ни во Варна ни во Софија, тоа е македонско востание, а има настани и личности како Кирил и Методиј, борбата против османлиското ропство и други кои може да ги славиме и со Бугарите и со Србите и со сите балкански народи, тука е заедничко”, вели Лазаров.

Во минатото размислувањата за заеднички учебници беше на дневен ред помеѓу историчарите во регионот, но тие немаа поголем успех.

„Ова не е прва комисија со Бугарија. Досега историчарите со Грција немаа контакти, а со Бугарија ова е петта комисија. Работата на последната комисија заврши со тоа што бугарските историчари си ги објавија нивните документи, а македонските своите документи”, вели историчарот Новица Вељановски.

Историчарот Новица Вељановски укажува дека и со Грција има многу прашања за кои има спротивставени гледишта, почнувајќи од античкиот период. За овој период, како што вели Вељановски, има разбирање дека е грчко наследство и никој нема право да се меша во тоа, додека во нашите учебници овој период е исто така третиран како настани и појави од кои произлегува и македонската национална историја и се зборува во учебниците за македонски кралства и кралеви.

„Ние зборуваме за македонски кралеви во учебниците и кралства кои се и наши како Аминта итн. Тие тоа го негираат и кажуваат во Преспанскиот договор дека тоа треба да се преиспита. Тие имаат разбирање дека античкиот период е грчко наследство и никој нема право да се меша и тоа се однесува на Тракија и Византија”, вели Вељановски.

Координаторот на Комитетот со Грција Виктор Габер вели дека антиката нема да се вади од учебниците, но оти проблемот е во формулациите. Тој дополни дека политиката и историјата се две различни толкувања на одредени состојби. Политиката секогаш се води од она што претставува дневно живеење, развој и безбедност, изјави Габер и посочи дека историјата треба да се гледа низ неколку фази.

„Едно е историографија каде имате елементи кои се факти, а друго е историска анализа која не ги зема само фактите, туку врз основа на фактите прави длабинско скицирање на настан, однесување, личност, итн социолошки, антрополошки, културолошки, економски, социјални... Ние се трудиме сите овие елементи да влезат во експликацијата, зошто нешто треба да остане во книгата или не треба да остане, за да може новите генерации да се развиваат во еден современ, поинаков дух. Ќе си стои фактот, фактот е едно, но интерпретацијата да не биде таква што ќе создаде непријатни чувства, анимозитет кон другиот народ или другите ученици”, изјави Габер.

Извештај за сработеното комитетот ќе го поднесува до Советот за соработка, тело чие формирање е исто така обврска согласно Договорот од Преспа , а со кое ќе раководат премиерите на двете земји.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG