Достапни линкови

На институциите им се стемни - исклучени од струја поради неплатени сметки


Илустрација

Пробите во Албанскиот театар за одржуваат само додека има дневна светлина, зашто им ја исклучија струјата. Има уште најмалку 16 институции кои останаа без струја, а 184 се големи должници. Во владата нема одговор како ќе продолжат да функционираат.

Како во времето кога е напишана, на преминот од 19 во 20 век, Албанскиот театар ја спрема премиерата на „Три сестри“ во режија на Ќендрим Ријани. Драмата за сестрите Олга, Маша и Ирина на Антон Павлович Чехов, напишана во 1900 година, се подготвува без струја, откако минатата недела оваа национална установа беше исклучена поради неплатени сметки.

Поради неплатени сметки за струја во мрак се повеќе институции во земјава.

Актерот Фисник Зеќири вели дека пробите ги прават преку ден, додека се гледа, но не се сигурни кога ќе биде премиерата. Се надеваат дека ќе добијат струја до крај на неделава.

„Моментално држиме проби преку ден, од сабајле до 4-5, додека има сончева светлина. Се снаоѓаме со ајпад, јутјуб, батерии“, вели тој.

Минатиот месец без струја остана и Македонската опера и балет (МОБ), но по десетина дена повторно им беше вклучена, по што продолжија со репертоарот.

Читачка проба на претставата „Три сестри“ во Албанскиот театар 2022
Читачка проба на претставата „Три сестри“ во Албанскиот театар 2022

Министерството за култура денеска соопшти дека со внатрешна прераспределба на буџетот нашле пари за плаќање на сметките и враќање на струјата во двете институции.

МОБ должеле 6,5 милиони денари (околу 105 илјади евра), а Албанскиот театар 4,2 милиони денари, односно околу 70 илјади евра за струја.

Во Министерството велат дека, и покрај поскапувањето на струјата, обезбедиле пари за редовно плаќање на сметките.

„Не се очекува каков било прекин на работата на институциите од културата“, велат во Министерството.

Во ЕВН, најголемиот снабдувач со струја во земјава, велат дека не знаат колку јавни и државни институции се исклучени од другите снабдувачи, но оти кај нив има 430 корисници со неплатени сметки, од кои 186 се државни и јавни институции. Тоа се големи должници.

„Исклучени се 23 мерни места, а 16 од нив ги поседуваат државните/јавните институции“, велат во ЕВН.

Тие не ги откриваат имињата на најголемите должници поради доверливост, но велат дека меѓу нив има такви на кои не смее да им биде исклучена струјата.

Според законот, струја не смее да им биде исклучена на болници и други здравствени установи, објекти за водоснабдување и пречистителни станици, железници...

АД Водостопанство, фирмата која управува со каналите за наводнување во земјава, должи скоро 2 милиони евра за струја, а само годинава долгот е 1,6 милиони евра. Македонски железници – транспорт, фирмата која управува со железничкиот транспорт, меѓу што и електричните возови, должи 1,3 милиони евра за струја.

Здружението на јавни комунални претпријатија минатата недела се пожали дека претпријатијата се пред банкрот поради високите сметки за струја. Се пожалија дека сметките за струја им се за до десет пати повисоки од лани.

Во владата уште во петокот прашавме колку јавни и државни институции се исклучени од струја поради неплатени долгови, колку пари должат државните институции за струја и како ќе продолжат да функционираат без струја, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Граѓаните плаќаат струја која е субвенционирана од државата, но фирмите набавуваат на слободниот пазар, а цените сега се неколкупати повисоки од минатата година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG