Достапни линкови

Продажбата на ноќната вишок струја е законска, но сомнителна


Електрична централа

Вишоците на струја државата треба да му ги понуди на стопанството и на општините, а не да ги продава по евтина цена за една фирма да направи профит, вели професор Константин Димитров. Тој додава дека државата продава и струја произведена од хидро-потенцијалите, наместо да ја штеди.

Со професор Константин Димитов разговараме за тоа како Македонија ги продава вишоците на струја, откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски деновиве го обвини раководството на државната енергетска компанија ЕСМ/ЕЛЕМ за корупција преку продажба на ноќни вишоци на стуја во Албанија. Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски одговори дека продажбата била направена транспарентно на јавна аукција.

Мицкоски тврди дека македонската државна енергетска компанија ЕСМ/ЕЛЕМ продавала ноќни вишоци на струја на албанската државна енергетска компанија КЕШ, а дека продажбата се случувала преку поврзаност на ЕСМ/ЕЛЕМ, албанската државна компанија КЕШ, компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје и компанијата од Тирана ЕНЕРТРЕЈД.

Според Мицкоски, ЕСМ/ЕЛЕМ распишало оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 30 август до 6 септемви, од 2 до 7 часот наутро во вкупна количина од 2.000 мегават часови (MWh), а истовремено албанската државна компанија КЕШ распишала оглас за набавка на струја за периодот од 29 август до 4 септември за количина од 2.100 мегават часови. ЕСМ/ЕЛЕМ ноќните вишоци на струја и ги продала на компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје за 350 евра за мегават час, а албанската државна компанија КЕШ струјата ја купила за 525,55 евра по мегават час, како што вели Мицкоски. Тој додава дека со тоа била направена разликата од околу 10.800.000 денари и за оваа сума биле оштетени граѓаните на Македонија.

Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски одговори дека компанијата ги продава ноќните вишоци, бидејќи АД ЕСМ има обврска да произведува струја 100 проценти за ЕВН Хоум, да ги покрива загубите во системот и дека поради тоа во моментов се вклучени сите капацитети кои АД ЕСМ ги има на располагање. Ковачевски вели дека во моментот кога се случува помало конзумирање од страна на потрошувачката на ЕВН Хоум, а истовремено се вклучени сите капацитети на РЕК Битола и двата блока на ТЕЦ Неготино, се појавувале вишоци на струја од 2 до 7 часот науторо со инсталирана моќност од 50 мегават часови и дека АД ЕСМ морала да ја произведе оваа енергија, затоа што биле вклучени сите капацитети и дека нема техничка можност да се намалат или да се исклучат овие капацитети, бидејќи нивното повторно вклучување ќе трае 12 или 24 часа.

Ковачевски вели дека енергијата која се продава на јавна аукција од 2 до 7 часот, АД ЕСМ може да ја продава по одредени цени кои, како што вели, кои индикативно ги дава берзата УПЕКС, а дека цената ја формираат врз основа на добиените понуди, а ноќните вишоци што ги продава ЕСМ се на слободниот пазар и може да ги купи било кој што ќе понуди највисока цена.

Г-не Димитров, опозицијата деновиве обвинува дека ноќни вишоци на струја купена за пониска цена во Македонија се продава поскапо во Албанија и дека со тоа се оштетени грѓаните во Македонија. Дали такво нешто е можно?

Можно е, бидејќи кога некој ќе излезе да нуди на пазарот вишок на електрична енергија се јавуваат купувачи. Е сега, во даден момент, веројатно многу брзо, се јавува еден купувач којшто има своја фирма во Македонија, купува струја на пазарот и си ја продава на својата фирма во Албанија за од 30 до 50 проценти повисока цена, што е законски дозволено. Но, прашањето е како ние во државава каде што прогласуваме енергетска криза и велиме сите да ги исклучуваат светилките навечер за да се штеди енергија и кога се вели дека општините имаат проблем да ги платат сметките за уличното осветлување, а ние имаме вишок сопствена енергија, која ајде да не кажам не знаме што да правиме со неа, односно ја продаваме многу евтино за првиот што ќе се јави. Сомнително е тоа што тој првиот што се јавува, веднаш ја продава струјата и не навлегувам колку време имал за тоа и каков е тој јавен повик, кога бил даден и како е направен. Но, сомнително и чудно е еден исти човек, кој е сопственик на двете компании, по 50 проценти во Македонија и во Албанија, го добива тоа и прави промет. Многу е чудно што државата, таа повеќе произведена електрична енергија во ноќниот период не ја пренасочи кон ЕВН, која што се грижи за снабдување со осветлување во општините, за да им се намалат нивните трошоци, бидејќи се мачат да ги покријат од своите лимитирани буџети. Второ, зошто тој вишок на електрична енергија не се продаде по таа цена на нашите стопански организации, а имаме ние стопански организации кои работат ноќно време и кои би се пријавиле да ја превземат. Трето, што за мене исто така е чудно, е што во ноќните часови, после 22 часот, јас имам увуд дека на 30 и 31 август, за септември нема податоци, ние трошиме по 200 мегават часови хидро-енергија и која ја продаваме. Наместо да ја оставиме во нашите хидро-потенцијали и акумулации. Хидро-енергијата не ја штедиме, а потоа ја продаваме евтино за некој да направи профит.

Зошто некои сметки за струја изгледаат нелогично?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:01 0:00

Дали е легитимно приватни комапнии како прекупци да купуваат поевтино електрична енергија и потоа истата да ја продаваат за повиско цени?

Тоа е законски одредено и со тоа нема проблем. Тоа е игра кога трговец купува - продава, а работата е дека тоа се прави во исто врме. Тој во истата фирма која што ја купува, ја купува како за Албанија само што овде ја купува за евтино, а таму ја продава за нешто поскапо и разликата во цена, дали е во фирмата или како тоа оди, не можам да навлезам. Но, во секој случај македонското стопанство и граѓаните во Македонија се оштетени за таа разлика. Таа електрична енергија требала да оди во општините или во стопанските организации во Македонија, а не да се продава на пазар и да се троши хидро-енергија.

Димитров - Државата продава хидро-енергија за некој да направи профит
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:02 0:00
Директен линк

Како го објаснувате моментот, во енергетска криза Македонија да произведува ноќни вишоци на струја, а Албанија да има потреба од тие ноќни вишоци?

Веројатно во Албанија и дење и ноќе имаат потреба од зголемена количина, ако земеме предвид дека тие сега трошат многу, бидејќи Албанија има многу поразвиен туризам и им треба многу електрична енергија во ноќниот период. Веројатно е зголемена потрошувачката на електрична енергија и за ладење и за туристичките региони покрај морскиот брег. Албанија има електрична енергија претежно од хидро-потенијалот, којшто можеби во моментов сакаат дел паметно да го сочуваат за денските периоди кога значително е поскапа струјата. Тие ќе го штедат хидро-потенцијалот, ноќе ќе купат поевтино за дење да не платат скапа електрична енергија. Тоа е нивна политика, веројатно добра.

Колку е реално струјата да се продава далеку поевтино од онаа цена што е на берзата, бидејќи има ситуации кога берзанските цени на струјата достигнуваат до 600, 700 евра, а Македонија вишоците периодов ги продавала од 200 до 300 евра?

На ниво на берзата во Европската енергетска заедница формираат определена цена за да се заштитат прозводителите на електрична енергија. Тие имаат дефинирано услов цената на електричната енергија да биде висока, онолку колку некој од производителите мора да плати најскапо за да ја произведе, за да не банкротира. Во моментов, најскапа електрична енергија произведуваат централите кои користат природен гас. Цената не им се зголемува на оние што произведуваат од јаглен, на оние кои произведуваат од нуклеарна енергија, од ветерни и сончеви централи, туку само од централите на гас кои ја дефинираат цената. Сите други прават неверојатен профит – тие производни организации на електрична енергија дебело заработуваат, освен централите кои работат на природен гас и ги покриваат трошоците. Сите други плаќаме цех. Моментално и на ниво на европската енергетска заедница го согледуваат ова и покренуваат иницијатива да се измени ова правило на дефинирање на цената на електричната енергија, но ќе видиме кога тоа ќе се случи. Сега ние сме колатерална жртва на таквите цени, бидејќи купуваме по најскапата цена како да е произведена од гасни централи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG