Достапни линкови

ЕТМТ Енерџи најголем купувач на вишок струја од ЕСМ


АД ЕСМ ги продава вишоците на струја , а најмногу годинава купувала ЕТМТ Енерџи, која е формирана лани во март, а нејзин сопственик е фирма од Албанија. ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека се оштетени граѓаните и државата. Од продажбата на струја до септември АД ЕСМ наплатила над 6 милиони евра.

ЕТМТ Енерџи е фирмата која годинава најмногу купувала вишоци на струја кои ги продава АД Електрани на Северна Македонија- ЕСМ. Според документацијата достапна на интернет страницата на АД ЕСМ, продажба на вишок струја се вршела речиси во сите месеци освен јануари и април. ЕТМТ Енерџи за тоа време купила вкупно 17 990 мегавати струја. За разлика од останатите фирми кои заедно годинава купиле вишок на струја од 11 300 мегавати.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изминатиов викенд реагираше дека со продажбата на ноќните вишоци на струја се врши грабеж на граѓаните. Како пример ја посочи продажбата на струја на ЕТМТ Енерџи за периодот од 30 август до 6 септември по цена од 337 евра за еден мегават час.

Според Мицкоски, струјата која ја купила фирмата потоа за 525 евра за мегават час ја продала на албанската државна енергетска компанија КЕШ. Со, тоа, како што посочи лидерот на опозициската партија, државата и граѓаните биле оштетени за околу 10 милиони и 800 илјади денари или 175 илјади евра.

„Наместо вишоците да бидат понудени на стопанството кое плаќа според HUPX струја и грчевито се бори да опстане и да ги задржи работниците, парите се крадат и завршуваат во приватни џебови“, порача Мицкоски.

На ова реагираше директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој со цртање на
табла објаснуваше колку струја се произведува и како се продава. Според него конкретно вишокот на струја од 2 до 7 часот кој што се продава се врши преку транспарентна и конкурентна постапка, а цената се формира врз основа на добиените понуди.

„На оваа објава за продажба на овие ноќни вишоци може да се јави секое правно лице“, рече Ковачевски и додаде дека ако не се продава вишоците на струја ќе треба да се пуштат слободно во системот и да не се наплаќаат, а со тоа АД ЕСМ би имале нула приходи.

Која е ЕТМТ Енерџи

Фирмата, според податоците на Централниот регистар, била формирана лани во март, а нејзин сопственик е Енер Траде ШПК од главниот град на Албанија, Тирана.

Регулаторната комисија за енергетика на 27 мај лани, два месеци по нејзиното соновање и издала лиценца на ЕТМТ Енерџи за вршење на енергетска дејност, трговија со електрична енергија.

Енер Траде како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со Артур Мицкај кој е сопственик на 50 отсто од фирмата и кој е директор на форумот на млади на социјалистичката партија на Еди Рама.

Професор Константин Димитров вели дека е законски вишокот на струја да се купи за поевтино во земјава, а да се продаде поскапо во Албанија.

„Сомнително е тоа што тој првиот што се јавува, веднаш ја продава струјата и не навлегувам колку време имал за тоа и каков е тој јавен повик, кога бил даден и како е направен. Но, сомнително и чудно е еден исти човек, кој е сопственик на двете компании, по 50 проценти во Македонија и во Албанија, го добива тоа и прави промет“, вели Димитров.

Димитров - Државата продава хидро-енергија за некој да направи профит
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:02 0:00
Директен линк

Според него, во секој случај македонското стопанство и граѓаните се оштетени за таа разлика во цената на купената и продадената струја. Вишокот на струја, особено во енергетска криза, како што додава Димитров, би требало да оди во општините или во стопанските организации во Македонија.

Цени на вишок струја

Вишок струја купиле уште три фирми. Енерџи фајненсинг тим, ГЕН-И продажба на енергија и Данске Комодитис. Цените се движеле од најниската 2,5 евра по мегават час во февруари до највисоката 337 евра во август.


Најмногу вишок струја, според документацијата на АД ЕСМ, се продала минатиот месец. Најголемиот дел го купила ЕТМТ Енерџи, 5500 мегавати за вкупна цена од 1.651.200 евра. Во просек еден мегават час изнесувал 300 евра.

АД ЕСМ од продажбата на вишокот на струја до септември годинава вкупно наплатила речиси 6 милиони и 115 илјади евра или во просек по околу 200 евра по мегават час.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG