Достапни линкови

Добивање сведок или обид на Јанева да избегне одговорност за „Рекет“


Името на Јанева деновиве се спомнува во објавените аудио и видео снимки на италијанскиот веник „Ла верита“ поврзани со случајот „Рекет“.

Обвинител може да повика лица на разговор и потоа мора да направи службена белешка, но не смее тоа да го прави преку телефон, коментираат правни експерти за тврдењето на обвинителката на СЈО Катица Јанева дека преку посредници разговарала со лица за да добие подобри позиции во кривични предмети.

Добивање статус на заштитен сведок или соработник на правдата не се договара на начин како што тврди специјалната обвинителката Катица Јанева дека тоа го правела преку назначени посредници во интерес на истраги и предистраги кои се воделе во Специјалното јавно обвинителство, вели за РСЕ адвокатот Александар Тортевски.

Eксперти од сферата на правосудството ја коментираат неодамнешната изјава на Јанева по објавените аудио и видео снимки на италијанскиот веник „Ла верита“ поврзани со случајот „Рекет“, а во кои се спомнува и нејзиното име и се слуша нејзиниот глас.

По последната објавена снимка на „Ла верита“ во која шефицата на СЈО Јанева се слуша како му вели на бизнисменот Орце Камчев дека го држи „под контрола“ случајот „Империја“, додека истовремено тој телефонски разговара со осомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски алијас „Боки 13“, таа излезе со став дека повеќепати преку посредници разговарала со разни лица во обид да издејствува подобри позиции во кривичните предмети на СЈО.

Според Тортевски, ваквото нејзино тврдење е многу „невешт обид“ да избегне одговорност.

„Се знае, протоколите се сосема поинакви и нема право јавниот обвинител преку телефон, особено на лице кое што не е овластено, преку друг телефон, да се уфрла во други разговори и на овој начин да се договара некакво совојство на некое лице. Ова е далеку од вистината“, вели Тортевски.

Во снимката објавена на „Ла верита“, освен тоа што ,според весникот, Јанева го уверува Камчев дека држи се` под контрола во случајот „Империја“, таа вели и дека обвинителката на СЈО Лиле Стефанова, која го води предметот, без неа не може ништо.

„Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители“, вели Јанева во нејзината реакција на објавените снимки.

Според Тортевски „нема теоретска шанса“ да е вистина „ова што го зборува обвинителката.“

Јанева во реакцијата по објавените снимки ги повика истражните органи да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со „Рекет“ за целосно расчистување на случајот и обелување на нејзиното име.

Поранешниот обвинител Александар Наков објаснува дека според Законот за кривична постапка, спрецијалниот јавен обвинител има можност да повикува одредени лица со кои има потреба да обавува одреден разговор, но посочува дека обвинител тоа може да го прави само во просторите на јавното обвинителство, по што според законот потоа мора да состави и записник, односно службена белешка.

„Разговор прку телефон е недозволиво, посебно ако е веродостојно она што го слушаме, затоа што може тоа технички да биде и монтирано, меѓутоа мое лично убедување е дека таа (Јанева) таму е присутна каде што е, и за тоа ќе мора надлежниот обвинител, кој ја отвори постапката, да ја викне на разговор и таа да даде изјава“, вели Наков.

Весникот „Ла верита“ изминативе денови објави неколку видео и аудио снимки поврзани со случајот „Рекет“, откако на 15 јули Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција информираше дека се уапсени двајца осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски за сомненија дека рекетирале познат бизнисмен, а потоа добија притвор.

Во првите објавени снимки на„Ла верита“ се гледаат Јовановски, Милевски и сведокот Камчев како излегуваат со торба од куќа од која ги испраќа Камчев, откако претходно на видеото се гледа како илјадници евра се ставени во торбата и како до неа се бројат други евра и се подготвуваат рачно испишани спецификации за изброените банкноти.

Во снимката, глас кој се смета дека е на Јовановски, зборувајќи за притворот на Камчев ја спомнува Јанева наведувајќи дека таа „нема да употреби никакви правни лекови“ да го продолжува неговиот притвор.

Во втората објавена снимка на „Ла верита“ за „Рекет“ се посочува дека во нив се слушаат разговори меѓу Јовановски и Камчев во врска со „Империја“, како и гласот на Јанева која го уверува Камчев да не се грижи и дека се` ќе биде во ред.

Исто така во друга аудио снимка, според италијанскиот весник, Камчев прашува зошто Јанева викнала неколку лица на распит за случајот, на што Јовановски информира дека тие биле сведоци, а Јанева се уфрла и вели оти тоа е направено со цел да има некакви активности.

СЈО случајот „Империја“ го отвори во ноември 2018 година. Во него се осомничени 13 лица меѓу кои Камчев и екс шефот на УБК Сашо Мијалков за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.

По отворањето на истрагата и објавените снимки за случајот „Рекет“, Јанева прво поднесе оставка, а неколку дена потоа изјави оти се познава со Јовановски, но дека ниту свесно, ниту несевесно не ја злоупотребила функцијата.

Според Јанева нејзиното име се злоупотребува со цел спречување на нејзин реизбор и загрозување на кредибилитетот на СЈО.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG