Достапни линкови

Нови аудио снимки за Рекет: Боки 13 за прв пат го спомнува Заев


Бојан Јовановски, осомничен во случајот „Рекет“
Бојан Јовановски, осомничен во случајот „Рекет“

Во новата трета серија по ред на аудио снимки поврзани со случајот „Рекет'“, според италијанскиот весник „Ла Верита“, се слуша како шефицата на СЈО, Катица Јанева му вели на бизнисменот Орце Камчев дека го држи случајот „Империја“ под контрола и за прв пат Боки 13 го спомнува премиерот Зоран Заев.

Италијанскиот весник „Ла Верита“ објави нови аудиоснимки за случајот „Рекет“, во кои, според весникот, се слушаат разговори меѓу Бојан Јовановски, бизнисменот Орце Камчев и специјалната обвинителка Катица Јанева во врска со случајот „Империја“. За прв пат на серијата снимки се споменува и името на премиерот Зоран Заев.

Јанева вели дека држи се под контрола во случајот по констатацијата на Јовановски дека Камчев се плаши од обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“, при што Камчев негира.

„Јас сум многу ангажирана затоа не ја држам редовно под контрола. Инаку без мене она не може ништо“, вели Јанева за Стефанова.

Во друга аудио снимка, според италијанскиот весник, Камчев прашува зошто Јанева викнала неколку лица на распит за случајот, кои Јовановски информира дека биле сведоци, а Јанева дека станува збор за техничко прашање.

Во трета аудио снимка Јовановски, како што наведува весникот, го информира Камчев дека има закажана средба со премиерот Зоран Заев.

„Знам јас што збори он. Знам што сум зборел со него за тебе, што не знае“, вели Јовановски.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по објавата на аудио снимките реагираше дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во СЈО, повеќе пати разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа, според неа, често се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.

„Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители“, вели Јанева.

Заев на Фејсбук реагираше дека осомничените го злоупотребуваат неговото име. Според Заев, во разговорот се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник.

„Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот "Рекет" и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај. Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста“, напиша Заев на Фејсбук.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека никој не верува во алиби соопштенијата на Владата, ниту пак во правдањата на компромитираното СЈО. Вистината, според него, е оти Владата под маската за борба против криминал создала и штити криминал.
„Симплифицирано ова би значело, Катица, која е пуленот на Заев, треба да почекаме да се врати од “боледувањето” кое случајно го врви на море кај јужниот сосед, со надеж дека можеби и ќе залади за да се одоброволи да даде изјава за нејзиното учество во милионскиот рекет. Кики и Фрики се заштитените светињи, не затоа што се невини, туку затоа што блиску до врхушката на власт, а Заев ако треба и би жртвувал по некој само за да се спаси себе си. Знаеме дека ова не е изолиран случај, туку случајот Рекет е само камче од системот на криминал и корупција кој владее во Република Македонија. На површина ќе излезат и заканите кон многу други луѓе кои оваа власт ги правеше“, наведува Мицкоски.

Од СДСМ возвратија дека во ниеден момент аудио снимките не укажуваат на било каква вмешаност на премиерот Зоран Заев во случајот „Рекет“ туку сосема спротивно.

„Од снимките е повеќе е јасно дека премиерот Заев ниту директно ниту индиректно не е вмешан во овој случај, но станува јасно дека единствена цел на овие снимки е токму тој да биде дискредитиран. Премиерот Заев го пријави случајот и се бори за правда, создавајќи независни институции кои вистински се борат против криминалот и корупцијата. Сега надлежните институции мора да ја забрзаат истрагата за актуелниот случај „Рекет“, да ги лоцираат нарачателите, извршителите и помагателите“, изјави портпаролот на партијата Костадин Костадинов.

Ова е трета серија на снимки која ја објави италијанскиот весник. Во вчерашните објавени снимки, како што наведоа од весникот, може да се слушне како Јанева го уверува Камчев да не се грижи и дека се ќе биде во ред.

Во првата серија на снимки пак имаше видео запис во кој, според весник, се гледа средба на Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец) со Камчев. Во објавеното видео што било снимено во февруари годинава, како што наведува весникот, се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG