Достапни линкови

Пендаровски: За „Рекет“ треба да има и политичка одговорност


Прес-конференција на претседателот Стево Пендаровски

Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така. Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, на прес-конференција по повод последните случувања во врска со случајот „Рекет“.

Според него, доколку има докази, треба да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не и дека треба да има и политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата.

„Сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти“, рече претседателот и додаде дека тој, колку е во негова надлежност, ќе направи се за независно судство и обвинителство.

На новинарско прашање, Пендаровски рече дека, како претседател не би можел да каже даи е разочаран од специјалната обвинителка Катица јанева за тоа да не биде протолкувано како притисок, но како човек рече дека „е разочаран“.

Пендаровски, на новинарско прашање, рече дека не треба да се оди на предвремени избори додека не се завршат преговорите за влез во НАТО и дека треба да се направи и попис, пред да се одржат следните избори.

XS
SM
MD
LG