Достапни линкови

Младите расположени за психолошка и кариерна поддршка


Илустрација

Психолошка поддршка и помош за кариерен напредок со учење на дигитални вештини како посигурен пат до вработување, очекуваат младите кои се пријавуваат на програмите на проектот „МладиХаб - градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“

Колку младите во Македонија бараат шанса или колку ја препознаваат дадената шанса, па знаат да ја зграпчат и искористат за личен и кариерен напредок? Дел од одговорот на овие прашања може да се побара во нивниот одзив на повиците за вклучување во програмите на „МладиХаб“, спроведени од „Национален младински совет на Македонија“ и партнерите.

Вкупно 235 млади лица, од предвидени 100, се пријавиле на повикот за бесплатно психолошко советување, преку проектот „МладиХаб - градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“.

Бројот кој е повеќе од двојно поголем од очекуваниот, за екипата која стои зад МладиХаб и НМСМ е сигнал дека младите кај нас се отворени на тема - грижа за менталното здравје.

„Очигледно е дека ја разбираат важноста на водење грижа за своето ментално здравје и се отворени кон идејата да зборуваат со психолог. Немаме информации колкав број на млади редовно посетуваат психолог на своја сметка, меѓутоа имајќи го на ум големиот интерес за оваа бесплатна програма веруваме дека многу млади лица иако имале желба, до сега не посетиле психолог токму заради финансиски причини, но и поради самата достапност на психолозите, која е предизвик особено за младите лица од руралните средини“, изјави за РСЕ, Калина Прелиќ, комуникациски специјалист за проектот „МладиХаб - градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“

Програмата се однесува на лица од 16 до 29 години. Од „МладиХаб“ велат, дека поради големиот интерес ќе биде проширена, односно сите пријавени ќе добијат психолошка поддршка.

Промотивен настан на МладиХаб
Промотивен настан на МладиХаб


Дигитално „наоружана“ младина

„Млади Хаб“ го става фокусот и на дигиталните вештини на младите, како алатка за кариерен напредок во дигиталната ера. Па така, преку проектот „МладиХаб - Дигитална младина”, кој понуди градење на капацитетите на младите низ обуки за дигитални вештини во замена за општокорисна работа, пријавените добиле знаење кое сега ќе имаат шанса да го применат во пракса, на реални проекти, водени од тутори. И повторно велат - одличен одзив!

„Идејата на програмата за туторство е овие млади, кои веќе имаат основни познавања во дадена област да се поврзат со веќе искусни професионалци од индустријата и со нивна помош да изработат дигитални продукти за младински организации на кои ваква помош би им била добредојдена“, вели Прелиќ


Намалување на младинската невработеност

Во тек е и програмата за практиканство која им овозможила на 100 млади лица -двомесечна платена пракса во 65 локални компании или организации. „МладиХаб“ ја оценуваат како успешна. Тука, се пријавиле 250 кандидати и 88 компании или организации.

Освен програмите за практиканство, туторство и ментално здравје, во фокусот е и програма за кариерно советување со партнерската организација CEED Hub, како и младинска акцелераторска програма. Идејата е преку кариерно советување, што поголем број на невработени млади да добијат насоки и совети за тоа како да станат поконкурентни на пазарот на трудот и успешно да се вработат.

„Програмата за кариерно советување ќе помогне да се намали младинската невработеност преку воспоставување на менторска поддршка обезбедена преку индивидуални средби, групни средби, предавања, индивидуална работа и на крај, реализација на планот за кариерен развој. Акцелераторската програма, пак, е наменета за млади претприемачи кои сакаат да започнат свој бизнис или пак да го развијат својот постоен бизнис“, додава Прелиќ

Пријавувањето за програмата за кариерно советување е во тек. Во рамки на „МладиХаб“, креирана е и платформата „CareerHub" - за поврзување на млади професионалци со работодавачи кои имаат потреба од ангажирање на соработници.

За да ги реализираат идеите, „МладиХаб“ добиваат финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје. А за да продолжат со развивање на нови идеи за помош на младите, мотивација им се и позитивните приказни на млади кои веќе искористиле шанса за вклучување во понудените програми. Затоа и велат-остануваат нивна поддршка.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG