Достапни линкови

Гласот на македонската младина ќе патува од Скопје до Њујорк


Илустрација

Младиот Петар Барлакоски, како прв младински делегат од Македонија во „Обединети нации“, ќе ги застапува младинските прашања и ќе се бори за подобрување на младинскиот стандард.

Првиот младински претставник од Македонија во „Обединети нации“, Петар Барлаковски, доби задача да го пренесе гласот на младите, но и шанса да го подобри младинскиот стандард во државата. Идејата е да промовира и охрабрува носење на одлуки во име на развојот на заедницата и ширење на свеста и значењето на ОН за младите луѓе.

Младинските проблеми и политики не се непозната област за 25 годишниот Барлакоски, со оглед на тоа што во моментов е претседател на младинската заедница „Младински образовен форум“, каде е член од 16 годишна возраст.

Вели дека се пријавил на повикот бидејќи има искуство во креирање на истражувања низ кои се лоцираат главните проблеми со кои се соочуваат младите, сака да ги застапува младинските прашања и младинскиот стандард, но е заинтересиран и за дипломатијата и меѓународните односи, како и сето она за што се залага ОН.

Нема прв проблем кој би го адресирал, бидејќи има впечаток дека младите во пандемијата се соочуваат со најголем број на проблеми, па првично би се фокусирал во три насоки.

„Тоа се дефинитивно невработеноста и економската стабилност, квалитетот на образованието и заштитата на животната средина“, изјави Барлакоски за РСЕ

Во добиената функција, младиот Барлакоски гледа двојна шанса.

„Освен тоа што дејствува надвор во меѓународните односи и ОН, дополнително може да претставува и одличен мост внатре во самата држава, во смисла на одредени национални процеси“, додава младинскиот претставник

Младинскиот делегат Петар Барлакоски
Младинскиот делегат Петар Барлакоски

Прогресивната младина носи позитивен ветер

Во однос на граѓанското учество на младите, делегатот смета дека во Македонија, има млади кои не се баш заинтересирани, но и такви кои се прогресивни и гладни за промена.

„Мојот генерален впечаток, меѓутоа и овој што го говорат бројните истражувања кога станува збор за граѓанското учество на младите е дека младите не се замараат многу со политика народски кажано, не се многу активни на политичката сцена, не зборувам на партиската, туку општо на политичката, меѓутоа, нели, секако и на партиската. Ова го кажувам поради тоа што сметам дека недоволно се слушнати нивните потреби и сметам во најголем број дека сето тоа време што го потрошиле за некаква промена нема да биде вреднувано, дали од институциите или од самото општество. Но, секако, како позитивен аспект на ова, е и фактот што сепак имаме одреден број на млади лица кои се навистина амбициозни, прогресивни и желни за промена, така што, и покрај тоа што се, еве да кажеме во помал број, сепак претставуваат некаков вид на позитивен ветер во смисла на подобрување на статусот на младите во државата“, истакна Барлакоски

Првата од вкупно две години колку што трае мандатот на Брлакоски, е активна година, а втората вели ќе биде нешто попасивна, односно тогаш тој ќе има задача да го менторира неговиот наследник или наследничка.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG