Достапни линкови

Пандемијата ја зголемува невработеноста на младите


Кафеаните во Македонија отворија по затворањето поради пандемијата на коронавирус
Кафеаните во Македонија отворија по затворањето поради пандемијата на коронавирус

Младите полесно губат работа во кризни времиња зашто работат не несигурни и пониско платени работни места. Од друга страна, оне што имаат компјутерски вештини побрзо ќе се снајдат на пазарот на труд.

Секој четврти човек, кој изгубил работа за време на пандемијата на коронавирус во земјава, е помлад од 29 години, објави Агенцијата за вработување. Според нивните податоци, од 11 март до 31 мај годинава, без работа останале скоро 12 илјади луѓе, а скоро 3300 од нив се под 29 години. Тука не се пресметани и оние кои работат „на црно“.

Тоа ја зголемува и онака големата младинска невработеност во Македонија, која е една од највисоките во Европа. Според податоците на Државниот завод за статистика, младинската невработеност во земјава е 35 проценти. Повисоки стапки од овие имаат само некои африкански земји. Како млади во оваа смисла се сметаат луѓето од 15 до 24 години, додека Агенцијата за вработување дава податоци за помлади од 29 години, но сепак податокот дава одредена слика за невработеноста на младите.

Младите почесто работат на понесигурни работни позиции и имаат договори на определено време, што ги прави поподложни на губењето на работата, вели Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

„За жал младите се соочуваат со недостиг на искуство, имаат слаб социјален капитал и многу тешко доаѓаат до пристојна работа. Брзото наоѓање на работа ги тера да прифатат најчесто работи коишто се на кратки договори, коишто се без достоинствени плати и тоа ја отвора вратата на најлесно губење на работа. Од друга страна, пак, имаме млади коишто поседуваат и голем број на неформални вештини, оние коишто се сега популарни на пазарот на трудот, дигиталните вештини, и можат лесно дополнително да заработуваат или лесно да се преструктурираат од една на друга работа“, вели Дуковска.

Меѓународната организација на трудот објави дека секој шести млад човек во светот ја изгубил работата поради пандемијата на коронавирусот.

Професор Алаудин Зекири вели младите обично работат во трудоинтензивните дејности, кои вработуваат голем број луѓе.

„Сега, размерот еден од шест не е за сите земји во светот, туку особено е изразено во земјите во транзиција и во земјите во развој“, вели Зекири.

Според податоците на Агенцијата за вработување, најголем дел од оние кои ја изгубиле работата во земјава поради пандемијата на коронавирус биле со основно или средно образование, а најпогодени сектори биле преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало, како и угостителско-туристичкиот сектор. Најголем дел од оние кои изгубиле работа во овој период, односно скоро половина, биле вработени на определено време.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG