Достапни линкови

Младите во 2019: Погласни, поактивни и посвесни


Илустрација - млади на протест за чист воздух

Новите генерации во земјава ги земаат работите во свои раце. Со овој став се повеќето млади кои ги прашавме како гледаат на изминатата година во однос на младинскиот статус и случувања. Иако имаше негативни ситуации, како последниот со објавување видеа на социјалните медиуми додека кршат мебел во училиштата, сепак има инспиративни млади кои носат позитивни промени во своите генерации и општеството. Особено што годината се заокружи со младинскиот „крик“ против аерозагадувањето, кога бојкотираа настава па го предводеа протестниот марш за почист воздух.

Младите во 2019 година

Може да се издвои реакцијата на членовите од Средношколскиот сојуз кои на прес конференција ги истакнаа проблемите на почетокот од учебната година. Тие реагираа на недостигот на учебници и на материјали за работа, корумпирани професори, несоодветен училишен кадар...

„Гледајќи назад на 2019 и она што ја обележува оваа година е тоа што младите почнаа да бидат свесни за своите проблеми, да зборуваат гласно и да се борат за нивните права. Она што според мене е добра страна на мојата генерација е тоа што сме отворени и полесно прифаќаме, водени сме со замисла за инклузија и за прифаќање и мислам дека тоа е голема предност за иднината на општеството. Го обoжавам тоа што сме активистичка генерација а не само да го споделуваме нашето незадоволство со хаштаг“, смета Бленди Ходаи, поранешен претседател на Средношколскиот сојуз, кој се кандидираше и за нов мандат.

Задоволен од заедничкото дејствување на младите годинава е и Дамјан Николовски од здружението „Ајнштајн“.

„Неколку работи според мене ја одбележаа 2019 година - би го издвоил тука извештајот на Светска банка во кој што се вели дека 500 илјади граѓани ја напуштиле нашата држава, од кои најголем дел млади луѓе. Тренд кој што продолжи, траеше во текот на целата година, за жал, но следствено на тоа како позитивен чекор би го напоменал формирањето на Мрежата за спречување на одлив на мозоци, составена од неколку граѓански организации кои што заеднички се решени да се борат да ги спречат младите да се иселуваат од државата. Исто така, тука ќе ги споменам и средношколските протести, заедничката ангажираност на средношколците да се борат за чистиот воздух и тоа што не успеаја да потклекнат на притисоците кои што беа упатувани кон нив“, вели Николовски.

И архитектката Сара Симоска од МЕЛЕЕМ Скопје се надоврзува на најсвежото случување, односно тоа дека 2019 година ја обележа младинскиот глас против аерозагадувањето.

„Сметам дека 2019 година ја обележа дефинитивно реализацијата на голем број иницијативи, проекти, создавањето на платформи и реализацијата на настани и тоа во голем број од страна на младите кои што дефинитивно безусловно се дадоа и ни ги отворија вилиците на сите од различни аспекти во нашево општество“, вели Симоска.

Од друга страна, Александар Лазовски кој е дел од невладината организација „SmartUp - Social Innovation Lab“ истакна дека младите годинава размислуваа и создадоа конкретни, позитивни и практични решенија на проблеми во општеството.

„Во 2019 година за мене од аспект на млади особен впечаток ми оставија групи на млади, со кои што имав чест да соработувам, кои што креираа односно ги земаа работите во своите раце и креираа решенија и реални проекти кои што се потребни за подобрување на општеството, на теми од борба на меѓуврсничко насилство, креирање на едукативни игри за најмладите и креирање на сеопфатни решенија кои што се реално потребни на образовниот систем“, вели Лазовски.

2020: Очекувања за поголема младинска улога

Бидејќи младите оставија белег изминатата година, Ивана Балабанова од културно уметничкиот центар „Beatrix“ очекува оваа година идеите на младите да бидат земени во предвид.

„Во 2020 година се надевам дека конечно нивниот труд ќе биде препознаен и дека ќе добијат поголема поддршка од страна на одговорните институции и од приватниот сектор кои што и тоа како може да влијаат во создавањето на нови нешта и во поддршката на младите со цел тие да може да си ги издигнат нивните проекти на повисоко ниво бидејќи за развојот на едно општество според мене едно од најважните нешта е тоа постојано да се инвестира во младата сила, во младите мозоци и во тоа тие да ги имаат потребните услови за да можат на соодветен начин да ги реализираат своите идеи“, истакна Балабанова.

Според Лазовски, младите во секое општество се предвесници на промената и тоа треба да продолжи и во Северна Македонија.

„2020 ќе биде годината на младите, сега е нашето време, а ние не сме тука само да ги кажуваме нашите мислења, туку да ја одлучиме нашата судбина и нашата иднина. Младите денес ќе влијаат на иднината на оваа земја“, изјави Ходаи.

Архитектката Симоска истакнувајќи дека изминатата година младите имаа креативни решенија од повеќе области, особено за подобра животна средина, очекува властите да понудат шанса за нивно реализирање.

„Се надевам дека во 2020 година државата ќе го препознае конструктивно ова движење на младите и ќе направи некакви програми каде што ќе ги вклучи во изнаоѓање креативни решенија за како да се справиме со овој проблем кој што е проблем за сите нас без разлика на возраста, на професијата, на полот, на националноста, на политичката определба итн“, додаде Симоска.

XS
SM
MD
LG