Достапни линкови

Млади сакаат да останат во земјава зашто тука „сè е нивно“


Тетовската средношколка Магдалена Антовска е државен победник на конкурсот за средношколски есеј на тема „Зошто сакам да останам во Македонија“
Тетовската средношколка Магдалена Антовска е државен победник на конкурсот за средношколски есеј на тема „Зошто сакам да останам во Македонија“

Голем дел од младите иднината ја гледаат во странство, но некои од нив велат дека не сакаат да си одат од земјава, каде што „сè е нивно“. Една од нив е тетовската средношколка Магдалена Антовска.

Магдалена Антовска, која е прва година во тетовската гимназија, е државен победник на конкурсот за средношколски есеј на тема „Зошто сакам да останам во Македонија“, а освен во литературниот израз, таа вели и дека навистина сака да остане во родната земја и покрај тоа што за младите најчесто се поврзува нивното иселување во странство. Таа во есејот вели останувам тука, каде сè е мое. Патот е трнлив, ако треба и боса ќе го газам. Ако моите издржале, ќе издржам и јас.

„Овде е убаво! Навистина е убаво! Тука сè е мое. Моето семејство, мојот дом, моите другари, моето кафуле, мојата улица, моето училиште, мојата слобода, мое, сè е мое. Можеби навистина не е идеално, а каде е? Убавината на нештата е во несовршеноста. Убавата вазна е уметничко дело, но само една пукнатина ја прави непроценлива и вечна“, прочита Магдалена дел од есејот.

Таа не се согласува со најчестиот став на младите дека во другите земји има подобар живот.

„Секој ден слушам како секој заминува, а никој не останува тука. Тоа е навистина тажно. Јас ја сакам мојата татковина, тука се образувам тука растам. Мојата татковина ме одгледала и сега плодовите од нејзиниот труд некој друг да ги бере. Мислам дека во другите држави нема нешто подобар живот. Можеби има повеќе пари, подобра работа, но подобар живот нема. Далеку си од сè што сакаш, од своето семејство, од своите пријатели од својот дом. И едноставно тоа мене ме прави тажна“, вели гимназијалката.

Иако само што исчекорила од детството, цврсто верува дека тука може да има убава иднина. Сака да заврши факултет, а смета дека секој со личен напор и работа може да придонесе Македонија да биде добро место за живеење.

„После гимназија планирам да завршам или филологија или архитектура, зависи, уште не сум се одлучила. Ако се потрудиме, има надеж да останеме тука и да работиме, работа што е добра за нас. Јас би сакала тука да останам зашто оваа убавина не се напушта, ова никаде не можеме да го најдеме во другиот свет, во некое друго место. Овде едноставно сè е наше, толку сме се бореле за тоа и едноставно сега да го напуштиме мислам дека тоа не е баш добро“, вели 15-годишната Магдалена.

Таа како награда добила преносен компјутер за есејот од организаторите на конкурсот, здружението за подобрување на иднината на младите „Сакам да останам“.

XS
SM
MD
LG