Достапни линкови

Неопходна е долга и скапа борба за животната средина


Заштитените природни зони со Натура 2000 во земјите членки на ЕУ.

Македонија се наоѓа во почетна фаза во достигнувањето на стандадите на ЕУ за заштита на животната средина. Загадувањето на воздухот, цврстиот отпад и непланираното користење на природните ресурси се само дел од областите во кои е потребна многу работа.

Еколошките проблеми на Македонија, како високото ниво на аерозагадување и загаденоста на почвите и водите, претставуваат сериозни предизвици за чие решавање ќе бидат потребни многу знаење и пари.

Земјата во моментов се соочува со криза, но во услови на започнување на пристапните преговори со Европската унија тоа ќе значи соочување со Поглавјето 27 за животна средина, односно со еколошките стандарди на Европа.

Поглавјето 27 е едно од најзначајните и бара многу внимание за исполнување на условите, велат познавачи на областа, додавајќи дека за нивното исполнување ќе бидат потребни милионски суми.

Во изминатиот период од 13 години откако земјата доби кандидатски статус, властите работеа на усогласувањето на правната рамка со директивите на ЕУ за животна средина, во областите води, воздух, управувањето со отпад и заштитата на природата и биолошката разновидност, вели извршниот директор на Македонското еколошко друштво Робертина Брајаноска. Сепак таа посочува дека тоа не е доволно и освен донесувањето на законите е потребно и нивно спроведување.

„Бидејќи некои од директивите, особено директивата заштита на дивите птици и директивата за заштита на живеалиштата коишто се најзначајни во делот за природа, бараат да бидат спроведени многу активности до денот на станување на членка во Европската унија. Значи нема таков тразиционен период којшто Македонија ќе може да го исполни откако ќе стане земја членка. Особено за воспоставувањето на еколшката мрежа Натура 2000 која што е една од најзначајните алатки на ЕУ за заштита на биолошката разновисност, а тука Македонија е во некоја многу иницијална фаза за нејзина идентификација“, вели Брајаноска.

Натура 2000 е еколошка мрежа на заштитени природни подрачја на Европската унија и е најголема област на заштитена природа во светот. Секоја земја кандидат, во пристапните преговори со Унијата треба да утврди кои природни делови во рамките не нејзината територија ќе бидат заштитени.

Робертина Брајаноска посочува дека за исполнувањето на директивите и поставените стандарди за животната средина на ЕУ, е потребен долг временски период и многу истражувања.

„Тоа не е нешто што може да се срботи преку ноќ или да се остави период од една година. Неопходни се многу подготвителни активности претходно, особено во делот на биодиверзитет, неопходни се повеќегодишни истражувања на терен за да се приберат информации во однос на состојбата со одредени значајни животински и растителни видови, некои живеалишта што се од големо значење за ЕУ, за потоа да може добро да се постават стандардите и ние да идентификуваме соодветни подрачја од Натура 2000“, вели Брајаноска.

Кога ќе почнат преговорите со ЕУ, ќе бидат формирани тимови за секоја област посебно од Поглавјето 27, објаснува Брајаноска. Таа потенцира дека ќе биде неопходно да се вклучат експети од различни институции, истражувачки центри и претставници на граѓански организации и тие да бидат преговарачки тим кои ќе ги бранат ставовите за животна средина пред Европската комисија.

Таа истакнува дека Македонија ги има потребните луѓе за формирање на преговарачките тимови и затоа според неа е неопходна соработка меѓу засегнатите страни.

Политиката за животна средина на ЕУ има за цел да ја заштити животната средина за сегашните и идни генерации, подобро здравје и квалитет на живот на европските граѓани, заштита на природните ресурси и конкурентно земјоделство.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG