Достапни линкови

Кој ќе пријавува, а кој ќе казнува говор на омраза?


Архивска фотографија од акцијата на клубот „Артивизам“ за покривање на графити со говор на омраза во Струга, мај 2021
Архивска фотографија од акцијата на клубот „Артивизам“ за покривање на графити со говор на омраза во Струга, мај 2021

Билатералниот протокол е прилично апстрактен и говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме со Бугарија, вели министерот за правда Никола Тупанчески. Поранешниот обвинител Константин Кизов пак смета дека одредбите на Протоколот оставаат простор за слободно толкување на говорот на омраза

Секој кој смета дека во некој текст или на некое друго место има елементи на говор на омраза, може да поднесе кривична пријава, но само институциите на нашата држава се оние кои треба да одлучуваат по тоа прашање, вели министерот за правда Никола Тупанчески во неделното интервју за радио Слободна Европа. Тој уверува дека најновите измени во Кривичниот законик каде што е додаден делот на омраза предизвикана „врз основа на закон или ратификуван меѓународен договор“ нема никаква поврзаност со неодамна потпишаниот Билатерален протокол со Бугарија и дека додавките се резултат на одредени меѓународни стандарди кои произлегуваат од дефинирањето на поимот омраза.

„Затоа што нашата дефиниција за говор на омраза што претставува предикативно дело за некои потешки форми на кривични дела е позиционирано врз основа на добро утврдени европски стандарди, така што без оглед на конкретните состојби, билатералниот договор е прилично апстрактен во таа сфера, меѓутоа ние имаме национална регулатива и доколку се држиме до националната регулатива практично ќе стигнеме и до посакуваната цел дека говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме со Бугарија, туку да му дадеме малку екстензивно значење“, вели Тупанчески во интервјуто.

Кривичниот законик е сменет независно од протоколот со Бугарија

Во однос на временската рамка тој додава дека новиот Кривичен законик бил подготвуван многу пред да се случат настаните во последните две недели.

Билатералниот протокол пак предвидува идентификувањето и преземањето мерки против говор на омраза во натписи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор да биде обврска на министерствата за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија кои пак, ќе ги контактираат и информираат надлежните институции за заедничко идентификување на таквите случаи.

Одредбите во протоколот се многу општи, па на прашањето каква ќе биде конкретната правна процедура, во случај некој од Бугарија да укаже на говор на омраза, Тупанчески вели дека ќе се реагира само во оној дел во кој ќе има флагрантно кршење на националните норми што ја регулираат оваа материја.

„Има кривичен законик кој што е ultima racio, односно последно средство кое се одговара за тие тешки форма на говор на омраза односно на дела од омраза, не само говор на омраза практично пакетот на омраза подразбира и сет на други кривична дела. Тоа е првата работа и тоа е последната општествена реакција во нашата држава кога станува збор за омразата. Вториот механизам или алатка е тука токму законот за заштита и спречување од дискриминација, каде што исто така се предвидени одредби односно норми. Апсолутно ќе се реагира само во оној дел кога ќе имаме флагрантно кршење на националните норми кои што ја регулираат оваа материја“, вели министерот во интервјуто.

Дали говорот на омраза ќе значи и цензура?

Поранешниот јавен обвинител Константин Кизов пак смета дека одредбите во Протоколот оставаат простор за слободно толкување на говорот на омраза.

„Јас веќе не знам ни дали имаме толку стручни луѓе кои ќе можат да следат и да оценуваат што е говор на омраза а што не е. Па ќе се остава на слободна проценка на тие комисии да ценат , а тоа ќе биде вид на цензура. Ќе биде многу тешко за новинарите и другите и да пишуваат, и да коментираат и да даваат свои ставови и мислења, ќе биде многу тешко“, изјави Кизов.

Тој додава дека во вакви околности Бугарија може се што не им се допаѓа да го окарактеризира како говор на омраза и да бара некакви мерки од земјава кои пак ако не бидат спроведени ќе бидат нивно алиби за понатамошни блокади за македонските евроинтеграции.

Во протоколот меѓудругото, дополнително за говорот на омраза е предвидено дека државите ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.

„Двете држави преку дипломатски канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали како и во јавниот простор на територијата на другата држава и да информираат во разумен рок за преземање активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификувани случаи на говор на омраза“, се наведува во Протоколот.

Северна Македонија и Бугарија треба да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција при што секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза. Непочитување на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект.

По потпишувањето на Билатералниот протокол, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека преку овие точки во Протоколот министерствата ќе го следат трендот и доколку увидат дека некој намерно провоцира, ќе ги информираат надлежните институции дека некој намерно провоцира и прави пропаганда.

Прашан дали ќе има реакција за некои зборови како „фашистички“, министерот рече дека тоа е работа на заедничката Комисија за историски прашања. Во однос на тоа доколку стигне нота од Министерството за надворешни работи на Бугарија за некој споменик каде што пишува фашистички окупатор, Османи рече дека кај нас ќе се реагира според нашиот закон за говор на омраза.

Инаку Протоколот беше потпишан на 17 јули во Софија од страна на министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска. Потпишувањето на Протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следува откако францускиот предлог беше одобрен од страна на Владата по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG