Достапни линкови

Османи - Протоколот е базиран на реципроцитет


Mинистрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија, Бујар Османи и иТеодора Генчовска по потпишувањето на Билатералниот Протокол.
Mинистрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија, Бујар Османи и иТеодора Генчовска по потпишувањето на Билатералниот Протокол.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка Теодора Генчовска во Софија го потпишаа билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија. Османи го презентираше објаснувајќи дека е реципрочен. Генчовска изјави дека Бугарија и натаму не го признава македонскиот јазик.

Три прашања беа важни за Северна Македонија, а тоа е протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите откако се врати од Софија.

„Бугарија доби условување на втората меѓувладина конференција со Уставот“, рече Османи.

Османи и неговата колешка Теодора Генчовска денеска во Софија го потпишаа билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија. Протоколот беше потпишан по вториот состанок на меѓувладината комисија на двете земји.

Протоколот во својата правна суштина, како што посочи Османи, е записник од состанок, во кој има дневен ред, преглед на политичкиот дијалог, средбите и активностите, потоа преглед на секторска соработка и на меѓуресорските работни групи, како и пет теми за кои двете држави треба да преземаат мерки. Петте теми се однесуваат на историјата, поддршка на ЕУ интеграцијата, говор на омраза, територијални претензии и рехабилитација на жртвите на репресија од комунистичкиот режим.

Во Протоколот е наведено дека двете држави ја охрабруваат историската комисијата да ја забрза своја работа и да се постигнат јасни резултати. Потоа дека двете држави во рок од две години треба да се преземат мерки од моментот кога историската комисија ќе донесе одлука по определено прашања.

Во протоколот е наведено дека во 2023 и 2024 година ќе се чествуваат заеднички договорени датуми и личности од историјата, но по одобрувањето од комисијата. Двете држави ја охрбруваат комисијата да го заврши прегледот на периодот на среден век во рок од една годиа од потпишување на протоколот. Според Османи, историската комисија е таа што ќе носи одлуки, а Владата потоа треба да ги спроведува. Обврските се реципрочни, додаде тој.

„Политиката на политичарите, историјата на историчарите, тоа беше моја заложба во целиот процес и тоа е така формулирано во протоколот“, рече Османи.

Во точката која се однесува на ЕУ интеграциите Бугарија изразува подготвеност да се одржи прва политичка меѓународна конфернција со разбирање дека следната ќе се одржи веднаш кога Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав.

„Тоа значи дека утре вечер се носат одлуки за двете конфренции, првата е веднаш, тука е и скринингот, а втората по внесување на дел од бугарскиот народ во Уставот, односно на истиот начин како што се сега наведени другите етнички заедници во земјава“, објасни министерот.

Она што е важно, според Османи, е дека Бугарија се согласува на потпишување на договорот со Фронтекс. За прв пат во историјата, како што рече, министерот во ЕУ ќе биде потпишан договор на македонски јазик.

Генчовска на брифинг со новинарите рече дека отсега зависи само од Северна Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе трае преговарачкиот процес. Според неа, следните чекори треба да доведат до вклучување на Бугарите во македонскиот Уставн но и не само во него, туку во целото законодавство. Генчовска посочи дека Бугарија не отстапува од ставот за јазикот со оглед дека документите од преговорите со ЕУ ќе бидат преведени на македонски јазик.

„Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 членки, сепак, ова е поконкретно - тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став, но бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка“, рече Генчовска.

На прашањето каде е реципроцитетот во однос на малцинствата, Османи рече дека бугарскиот устав не препознава етнички заедници, како и други држави на пример Франција.

Во однос на говорот на омраза, како што објасни министерот, тоа е дефинирано врз основа на македонското законодавство и се однесува на омаловажување на одредени лица или групи врз повеќе основи и караткеристики.

Османи информира дека целиот текст на протоколот ќе биде објавен до крајот на денот, во ист момент со бугарското МНР.

Во вторник, во Брисел ќе се одржи првата Меѓувладина конференција која всушност е првата фаза од почетокот на пристапните преговори со ЕУ која веднаш по неа ќе почне скрининг на институциите. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за одржување на втората Меѓувладина конференција и отворање на поглавјата за членство во ЕУ.

Заедничката меѓувладина комисија е дел од обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете држави во 2017 година.
Собранието вчера со 68 гласа „За“ ги усвои заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Потоа на владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG