Достапни линкови

Важен ден за Македонија и ЕУ - одржана првата меѓувладина конференција


Прва меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ во Брисел. Премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји
Прва меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ во Брисел. Премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Во Брисел се одржа првата меѓувладина политичка конференција на ЕУ и Северна Македонија, со што е означен почетокот на скрининг процесот. Почетокот на преговорите е условен со внесување на Бугарите во Уставот, а од Брисел повик до опозицијата да докаже дека е посветена на европската иднина.

Историски ден - беа најчестите зборови кои денеска се слушаа во Европскиот совет во Брисел каде се одржа првата меѓувладина политичка конференција на Северна Македонија со Европската унија, прв чекор пред старт на преговорите за полноправно членство на земјата во ЕУ. Во исто време започнува скрининг процесот со кој ќе и се овозможи на земјата да се запознае со правата и обврските во ЕУ.

„Оваа одлука е историска, затоа што земјата тргнува кон својата втора стратешка цел, членството во ЕУ и тоа е одлука која ја одобри Парламентот со големо мнозинство на гласови каде што беа вкучени политички партии и од позицијата и од опозицијата“, порача премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски, чија земја претседава со ЕУ.

Ковачевски се осврна и на улогата на опозицијата со оглед на фактот што одржувањето на втората меѓувладина конференција е условено со вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Според премиерот, одговорноста е на пратениците од опозицијата да учествуваат во дебатата и понатаму, а Собранието е местото каде ќе бидат донесени понатамошните чекори кон ЕУ.

„Не смее политичар“, како што рече Ковачевски, „да мисли само на својот личен рејтинг и на својата политичка кариера“.

Во сите свои обраќања премиерот потенцираше дека зборува на својот мајчин, македонски јазик во европските институции.

„Се водевме од иднината на државата и донесување на одлука која ќе овозможи иднина и просперитет на државата. Верувам дека сите пратеници во Собранието ќе бидат одговорни и ќе бидат во служба на граѓаните. Затоа што денес паднаа во вода сите манипулации, сите шпекулации. Се она што беше кажано, а не беше вистина. Денес РСМ одржа прва меѓувладина конференција. Денес јас говорев на македонски јазик. Денес потпретседателот на ЕК зборуваше дека нашиот идентитет ќе стане посилен во ЕУ. Денес држам прес-конференција на македонски јазик. Денес на првата меѓувладина конференција сите земји членки го поздравија нашиот прв чекор кон полноправно членство во ЕУ. Одговорност е на сите политичари во државата да го поддржат тој пат затоа што тоа е единствениот пат за РСМ кон градење на поуспешна демократска, просперитетна иднина. Друга алтернатива нема“, рече Ковачевски.

Денеска и Македонија достави еднострана изјава за јазикот, која ќе биде приложена кон записникот од првата политичка меѓувладина конференција. Претходно тоа го направи и Бугарија.

Прва меѓувладина конференција - скринингот почнува
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Вархеји упати пофалби дека прашањето за францускиот предлог било разгледувано и усвоено во Парламентот и дека тоа е најдемократскиот пат. Тој рече и дека е јасно оти уставните промени мора да се случат и ја повика опозицијата да докаже дека е посветена на европскиот пат на земјата.

„Се надевам дека сите политички партии, вклучително и опозицијата ќе работат на европската иднина и нема да почнат со контроверзии и нема да ги загреваат емоциите. Емоции кои нема да ја носат земјата напред. Емоции кои нема да решат ништо значајно за земјата и затоа ја повикувам опозицијата, иако видовме дека политичката пристојност, европски вредности беа заобиколени во дебатата. Но, се надевам со оваа одлука денеска ќе ја свртиме страницата и ќе го направиме она што е потребно за С.Македонија брзо да стане членка на ЕУ“, изјави Вархеји.

Вархеји додаде дека опозицијата секогаш тврдела дека е посветена на европската иднина.

„Па докажете го тоа!“ и порача тој на опозицијата.

Вархеји со повик до опозицијата да докаже дека е про-европска
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:08 0:00


Претходно Вархеји рече дека денот е важен и за ЕУ и за Северна Македонија на која и претстои еден долг процес, но дека се надева оти ќе се заврши побрзо отколку чекањето за отпочнување на преговори за членство.

Шефот на чешката дипломатија Липавски, изјави дека процесот за Македонија бил болен. Според него, преговорите ќе бидат ригорозни и напорни. Следната меѓувладина конференција ќе се одржи без одлагање и други политички услови откако, како што додаде, „Северна Македонија ќе ги изврши уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот“.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел за време на меѓувладината конференција порача дека идентитетот на земјата е заштитен.

„На патот кон ЕУ нема да го загубите вашиот идентитет. Никој од нас не го прави тоа. Ние имаме комплексен, повеќеслоен идентитет. Идентитетот на Северна Македонија, богатата историја и култура, секогаш биле дел од ЕУ“, рече Борел.

Тој притоа рече и дека ЕУ ќе ја поддржува земјата во обидите на трети страни да влијаат врз неа и ќе помогне во справување со последиците од руската агресија во Украина.

Пред одржувањето на меѓувладината конференција, Ковачевски заедно со премиерот на Албанија Еди Рама се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Чешка, Петр Фиала како претставник од чешкото претседателство.


Фон дер Лајен изјави дека двете меѓувладини конференции за Северна Македонија и за Албанија се историски момент. Според неа, двете земји ги направиле потребните реформи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата, слобода на медиуми и модернизација на економијата.

„Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ туку пред сè затоа што се добри за вашите земји и тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за важите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целиот пат и ќе продолжиме така“, рече Фон дер Лајен.

Договорот од ФРОНТЕКС, како што информира Фон дер Лајен, ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти и ѕвездички на еднакво ниво на сите 24 европски јазици. Според неа, со отпочнување на преговорите ќе има има зголемени инвестиции, подобрени трговски врски, поблиска соработка во клучни области како енергетиката и транспортот и ќе се максимилизира потребата и ефектот од финансиите од ЕУ.

„Тоа значи нови работи места, нови бизнис можности и ова е она што вашите граѓани го чекаат, работеа напорно и го заслужуваат“,рече Фон дер Лајен.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој учествуваше на меѓувладината конференција во Брисел, на социјалните мрежи соопшти дека наскоро ќе почнат преговорите со ЕУ за Фронтекс, но не наведе кога точно договорот ќе биде потпишан.

Според најавите на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи скринингот ќе трае година и половина. По негово завршување предвидена и втора Меѓувладина конференција на која треба да се комплетира фазата за отворање на преговорите, меѓутоа, нејзиното одржување е условено со донесување на уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот. Чешкиот премиер Фиала, синоќа ја објави одлуката на Европскиот совет за одобрување на преговарачките рамки на ЕУ со Македонија и Албанија.

С.Македонија од 2005 година имаше статус на земја-кандидат за членство во ЕУ. Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија беше блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата. По усвојувањето на францускиот предлог во Собранието и Владата беше потпишан протокол меѓу С.Македонија и Бугарија, кој беше последниот чекор за одржување на првата меѓувладина конференција.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG