Достапни линкови

Дали Белата куќа ќе го спроведе договорот за Србија и Косово ако Трамп победи?


Претседателот на САД Доналд Трамп со косовскиот премиер Авдулах Хоти (Д) и српскиот претседател Александар Вучиќ (Л) на потпишувањето на договорот за економски односи, во Овалната соба на Белата куќа во Вашингтон, 4 септември 2020 година
Претседателот на САД Доналд Трамп со косовскиот премиер Авдулах Хоти (Д) и српскиот претседател Александар Вучиќ (Л) на потпишувањето на договорот за економски односи, во Овалната соба на Белата куќа во Вашингтон, 4 септември 2020 година

Иако администрацијата на Трамп посредуваше во важен економски договор меѓу Србија и Косово како засилен регионален ангажман, некои аналитичари се прашуваат дали администрацијата ќе остане посветена на овој договор доколку добие втор мандат.

Кога српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти потпишаа договор за економска нормализација во Овалната соба на 4 септември, администрацијата на Трамп го нарече „историски“ и знак на посветеноста на Вашингтон кон Балканот.

Интересот на администрацијата на Трамп за еден од најнерешливите проблеми во регионот изненади некои балкански експерти, кои очекуваа Стејт департментот да ја продолжи долготрајната политика и да и дозволи на Европа да ги предводи разговорите за решавање на балканските спорови.

На крајот на краиштата, Трамп во 2018 година запраша зошто Соединетите држави треба да ги изложат на ризик своите војници да ја бранат Црна Гора, балканска земја која влезе во НАТО една година претходно. Неговиот коментар предизвика загриженост за посветеноста на Вашингтон кон регионот.

„Многумина од нас размислуваа - добро, тој само ќе го игнорира регионот и нема да направи штета. Но, Трамп дефинитивно се замеша“, изјави за РСЕ Тања Доми, професор на универзитетот Колумбија и експерт за Балканот.

Вклучувањето на САД во групата држави, меѓу Јадранското, Средоземното и Црно море што ја сочинуваа Југославија до 1991 година, се намали во последните две децении, бидејќи војните за независност беа заменети со кревок мир во Босна и Херцеговина и Косово.

И вниманието на Белата куќа се префрли од Европа кон Авганистан и Блискиот исток по терористичките напади на Соединетите држави на 11 септември 2001 година.

Вучиќ: Србија е за компромис со Косово, не за ултиматум

Руската анексија на Кримскиот полуостров во 2014 година и поддршката на Москва на сепаратистите во регионот Донбас го принудија Вашингтон да го засили своето учество во Источна Европа, вклучително и на Балканот, каде што повеќедецениските нерешени спорови го прават регионот ранлив на влијанието на Кремљ.

Трамп посочи дека неговиот ангажман на Балканот ќе продолжи доколку го добие вториот мандат на 3 ноември, велејќи им на Вучиќ и Хоти дека со нетрпение очекува да ги посети обете земји „во не толку далечна иднина“.

Тој би бил првиот американски претседател што би ја посетил Србија откако Џими Картер присуствуваше на погребот на југословенскиот лидер Јосип Броз Тито во 1980 година.

Што сѐ Европската Унија ќе финансира во Западен Балкан?

Како и да е, некои регионални аналитичари ја доведуваат во прашање посветеноста на администрацијата да биде длабоко вклучена во комплицираната политика на Балканот.

Некои дури сметаат дека церемонијата на потпишување на Белата куќа била водена од желбата на администрацијата да покаже победа во надворешната политика пред изборите во ноември.

„Немаше вистински стратешки пристап или планирање за решавање на српско-косовскиот спор, туку тоа беше еден вид PR настан што беше многу важен за кампањата“, смета Мајда Руге, аналитичарка за Балканот во Европскиот совет за надворешни односи во Берлин.

Трамп моментално заостанува зад неговиот демократски конкурент Џо Бајден во анкетите за она што се очекува да биде тесна претседателска трка.

Маршал Харис, поранешен службеник на Стејт департментот, кој служеше во амбасадите на САД на Балканот, а подоцна го советуваше сенаторот Боб Дол (републиканец од Канзас), вели дека договорот е чекор во вистинската насока, но не повеќе од обична церемонија во Овалната соба.

„Ако многу внимателно го погледнете договорот, тој не е како што го продава администрацијата. Не е огромен успех во надворешната политика “, рече тој за РСЕ.

Договорот ги обврзува Косово и Србија да градат патни и железнички врски што ќе ги поврзуваат нивните престолнини со цел да се подобри протокот на стоки и луѓе, развој што може да привлече западни инвестиции.

Тачи: Дијалогот со Србија нема алтернатива

Исто така, го обврзува Косово да се приклучи на иницијатива без пасоши и без давачки, што треба да ги вклучи Албанија, Србија и Северна Македонија.

Но, не успеа во рамките на меѓународно наведената цел да го убеди Белград да ја признае својата поранешна покраина.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година. Како и да е, договорот го обележа првиот опиплив знак за соработка меѓу двата соседа од прекинувањето на разговорите со ЕУ пред две години.

Во 2018 година, Приштина воведе казнена стопроцентна тарифа на српската стока за нејзината „агресивна кампања против Косово“, поточно нејзината политика на лобирање во земјите да го повлечат признавањето на Косово и да го спречат влегувањето во меѓународни организации, како што е Интерпол.

Договорот од 4 септември вклучува едногодишен мораториум на кампањата за признавање на Србија против Косово, но и на обидите на Косово да им се приклучи на меѓународните организации.

Ричард Гренел, специјален претседателски претставник за разговорите меѓу Србија и Косово и други американски официјални лица отпатуваа за Косово и Србија само неколку недели по церемонијата на потпишување за да ги проучат можностите за инвестирање на САД и да го придвижат економскиот договор.

Стејт департментот соопшти дека поголемиот приватен сектор на САД и инвестициите во Србија и Косово, овозможени со договорот, ќе помогнат против кинеското и руското влијание во тие земји.

Гренел тврди дека градењето силни економски и лични врски меѓу двете земји може да стане основа врз која на крајот ќе се постигне политичко решение.

Аналитичарката Руге, која сведочеше пред Конгресот за балканската политика во октомври 2019 година, вели дека администрацијата на Трамп - доколку добие втор мандат - нема да може да ги претвори економските договори во политички напредок без стратешки план координиран со Европејците.

Косовската Влада ќе основа Канцеларија за Прешевската долина

„Само така може навистина да се пристапи кон овие работи. Но, координацијата навистина не постои во овој момент “, рече таа.

Одлуката на Трамп во октомври 2019 година да го назначи Гренел - поранешен претставник на САД во Обединетите нации и тогашен амбасадор во Германија - во улога на специјален претседателски пратеник изненади многумина, бидејќи тој немаше искуство во дипломатија на Балканот.

Но, приврзаниците велат дека тоа му даде предност за решавање на проблем што им пркоси на западните преговарачи веќе две децении.

Флоријан Бибер
Флоријан Бибер

Дали економскиот договор ќе има значајно остварување во вториот мандат на Трамп, делумно зависи од тоа каква улога ќе преземе Гренел, смета Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии на Југоисточна Европа на австрискиот универзитет во Грац.

„Ако тој е надвор од сликата, договорот може да биде целосно исфрлен од администрацијата на Трамп. Особено ако сфатат дека нема што многу да се добие “, рече тој за РСЕ.

Во исто време, понатамошното вклучување на Гренел можеби не мора да ја олесни силната соработка меѓу САД и ЕУ за мировниот договор, вели Бибер, нарекувајќи го претставникот на Трамп „најмалку популарниот американски дипломат“ во Брисел и Берлин.

Влијанието на Бајден

Омразата на Трамп за постојните меѓународни договори - како што е Парискиот договор за климатски промени и историскиот нуклеарен договор - може да им даде надеж на лидерите на Балканот кои го поставуваат чувствителното прашање за промена на границата, доколку Трамп добие втор мандат, оценува Бибер.

Бајден го обвини Трамп за поттикнување насилство

Џон Болтон, советник за национална безбедност на Трамп од април 2018 година до септември 2019 година, изјави дека имало таква идеја, но Гренел рече дека никогаш не разговарал за промена на границите во разговорите со лидерите на Косово и Србија.

Победата на Бајден на 3 ноември веројатно ќе ја „закопа за добро“ идејата за радикален редизајн на повоениот поредок на Балканот, смета Бибер.

Регионални експерти исто така велат дека Белата куќа на Бајден ќе се обиде да работи со ЕУ на политичко решение за проблемите на Балканот.

Бајден постојано повторуваше дека ќе се обиде да ги подобри трансатлантските односи и да ја обнови довербата во посветеноста на Америка кон НАТО, за која рече дека Трамп ја поткопал.

Кампањата на кандидатот на Демократската партија не одговори на прашањата на РСЕ за неговата балканска политика. Бајден, кој беше член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот многу години пред да биде потпретседател на Барак Обама, има долга историја на вмешаност на Балканот.

Во април 1993 година, додека во поранешна Југославија беснееја етнички погони, Бајден помина една недела патувајќи на Балканот и одржувајќи состаноци со клучни функционери, вклучително и со српскиот претседател Слободан Милошевиќ.

Тој беше еден од ко-спонзорите на предлог-законот на Сенатот во 1995 година со кој се укина ембаргото за оружје на Обединетите нации за Босанците кои се бореа против Србите.

Бајден исто така го поддржа бомбардирањето на НАТО врз Србија во 1999 година за да се запре етничкото чистење на Косоварите и се залагаше за проширување на членството во НАТО во Источна Европа.

Како потпретседател во 2016 година, тој ги посети Србија и Косово за да ги охрабри тамошните лидери да ги нормализираат односите.

Бајден беше примен од некои локални жители во Белград, каде им изрази сочувство на загинатите во воздушните напади на НАТО во 1999 година, првиот висок американски функционер кој изрази такви чувства во Србија.

Следниот ден во Косово, тој беше почестен со улица именувана по неговиот неодамна починат син Бо, кој работеше на Косово по завршувањето на војната со Србија, помагајќи во обука на локалните обвинители и судии.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG