Достапни линкови

Србија и Косово се договорија за економска нормализација на односите


Во Белата куќа во присуство на претседателот на САД Доналд Трамп, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово Авдула Хоти постигнаа договор за економска соработка.

Делегациите на Србија и на Косово денеска во Вашингтон постигнаа договор за економска нормализација. Трамп оцени дека тоа е голем чекор и најави дека Србија ќе работи на тоа да ја премести својата амбасадата во Израел, во Ерусалим, а Косово и Израел се договориле да воспостават дипломатски односи.

Делегациите на Србија и на Косово денеска во Вашингтон по дводневни преговори постигнаа договор за нормализација на економските односи, соопшти претседателот на САД, Доналд Трамп, кој присуствуваше на потпишувањето на документите.

Договорот во присуство на Трамп, во Белата куќа го потпишаа претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Авдула Хоти. Тие се договориле за соработка по низа економски прашања за да привлечат инвестиции и да отворат работни места.

Трамп потпишувањето на договорот го нарече голем чекор во односите меѓу двете земји, по прогласувањето на независноста на Косово во 2008-та, јави агенцијата Ројтерс.

„Навистина, ова е историски“, рече Трамп во Белата куќа каде ги прими лидерите на Србија и Косово.

Тој најави дека ќе ги посети двете земји, како што вели, во не толку далечна иднина, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.

Во Белата куќа потпишан договор меѓу Белград и Приштина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:08 0:00

Претседателот на САД, говорејќи во Овалната соба во Белата куќа, пред средбата со лидерите на Србија и на Косово, рече дека Србија ќе работи на тоа да ја премести својата амбасадата во Израел, од Тел Авив во Ерусалим, а Косово и Израел се договориле да ги нормализираат односите и да воспостават дипломатски односи, пренесува Ројтерс.

Администрацијата на Трамп го призна Ерусалим за престолнина на Израел во 2017 година, а една година подоцна таму ја преместија и својата амбасада.

Веста за постигнатиот договор, ја пренесе на Твитер, Џуд Дир, помошник на претседателот на САД.

„Претседателот на САД објави дека Србија и Косово постигнаа договор за економска нормализација. Уште еден историски договор кој го постигна овој претседател за да го направи светот помирно и попросперитетно место“, напиша Дир на Твитер.

Мораториум и за Косово и за Србија

По потпишувањето на Договорот, премиерот на Косово, Авдулах Хоти, рече дека тоа е огромен чекор напред кој треба да доведе до меѓусебно признавање на двете држави, пренесуваа Ројтерс.

Хоти вели дека договорот предвидува големи инфраструктурни проекти, вредни преку милијарда евра.

Претседателот на Србија, Вучиќ, пак, вели дека е потпишан билатерален договор меѓу Србија и САД, а третата страна, односно Косово, „не е признаена“.

„Договоривме добри работи за нашата земја. Ние тука нема од што да се плашиме“, рече Вучиќ по потпишувањето на договорот.

Тој вели дека со билатералниот договор директно се одредува односот на Србија со една од најголемите светски сили

„Се занимаваме со економски и некои политички прашања, но кои не се болни за нашата земја, вели Вучиќ.

Српскиот претседател рече дека договорот има 16 точки, кои, како што вели, не се исти за Србија и за Косово. Вучиќ вели дека во договорот веќе нема точки со кои се предвидува взаемното признавање.

Што содржи договорот?

„Косово се согласило на едногодишен мораториум на барањето членство во меѓународни организации, а Србија исто така се согласила една година да се откаже од кампањата со која бара држави да го повлечат признавањето на независноста на Косово“, е една од точките од договорот.

Првата точка од договорот за економска нормализација се однесува на автопатот Белград-Приштина. Двете страни се обврзале да го применат договореното за автопатот во договорот потпишан на 14 февруари, 2020, стои во денешниот договор.

Втората точка се однесува на железничката пруга од Белград до Приштина, како и на тоа дека треба да изработат заедничка студија за изводливоста на проектот за изградба на железничка инфраструктура до пристаништата на Јадранско Море.

Потоа се наведува дека Србија и Косово заеднички ќе работат со американската Меѓународна корпорација за финансиски развој и со ЕКСИМ банка, за да може да се спроведат на дело повеќе меморандуми –за изградба на автопати и железнички траси, како и за финансиски заеми за мали и средни претпријатија и друго билатерални проекти.

Во договорот стои и дека Косово ќе се придружи на „Мини шенген“. Станува збор за заедничката иницијатива на Србија, Албанија и Македонија од 2019, за слободен проток на стоки и луѓе.

Двете страни се обврзале взаемно да си ги признаат дипломите и професионалните сертификати. Двете страни се обврзале и на диверзификација на снабдувањето со енергија.

Во договорот станува збор и за религиските слободи. Се обврзале на обнова на меѓурелигискиот дијалог, заштита на верските знаменитости и на примена на судските одлуки со кои се штити Српската православна црква, како и да се продолжи со реституција на имотите на жртвите на холокустот кои немаат наследник.

Во договорот се споменуваат и исчезнатите лица. Двете страни се обврзуваат да ги забрзаат напорите за пронаоѓање и идентификација на останки на исчезнати лица.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи на Твитер го поздрави потпишувањето на договорот.

„Се заблагодарувам на Белата куќа, Доналд Трамп и Ричард Гренал на нивното водство на овој процес“, пишува Тачи на Твитер.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека ова е значаен ден за Србија и за целиот регион.

„Самото присуство на Трамп и на други високи претставници на американската администрација, на некој начин, дава една дополнителна гаранција“, рече Дачиќ во изјава за приватната српска телевизија Пинк.

Тој вели дека Србија речиси ништо не ѝ верува на косовската страна, бидејќи, како што вели, многу работи потпишале, а не ги оствариле. „Ова можеби е една гаранција повеќе“, изјави Дачиќ.

Вашингтон ја засили својата вклученост во преговорите Србија-Косово во минатата година во процес што се одвива паралелно со скоро една деценија напори за нормализација со посредство на ЕУ. Во јули, Вучиќ и Хоти ги одржаа своите први директни преговори по 20 месеци во рамките на процесот на дијалог со посредство на ЕУ, откако Косово ги укина тарифите за увоз на српска стока.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG