Достапни линкови

Продолжена вонредната состојба, Пендаровски побара договор за избори


Седница на Советот за безбедност во во Кабинетот на Претседателот „Вила Водно“. 30.5.2020.

По одржувањето на седницата на Советот за безбедност, претседателот на државата Пендаровски ја продолжи вонредната состојба во земјата за нови 14 дена, за како што рече, институциите да можат ефикасно да се справат со епидемијата на коронавирусот. И покрај зголемениот број на заразени, тој наведе дека мерките мора да попуштаат поради опасност од „економска катаклизма“, но побара и лидерите да договорат датум за избори.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски по четврти пат донесе одлука за продолжување на вонредната состојба во земјава за нови 14 дена поради здравствената криза на коронавирусот, по завршувањето на денешната седма седница на Советот за безбедност во претседателската „Вила Водно.“

Членовите на Советот за безбедност дискутираа за мерките и активностите во изминатите 14 дена за време на траењето на вонредната состојба, но и за активностите на Владата и на другите надлежни органи, рече тој.

„Имајќи го предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица во текот на денешниот ден, ќе донесам одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба која ќе започне да тече од утре“, изјави Пендаровски.

Тој нагласи дека одлуката за новите 14 дена е поврзана исклучиво со намерата да се овозможи Владата и останатите надлежни институции поефикасно да се справуваат со здравствените и со економско-социјалните аспекти од пандемијата и дека нема „никаква корелација“ со датумот на парламентарните избори.

„Бројот на новозаболени и за жал на починати, започна да расте во изминативе денови. Точно е дека во најголемиот број од општините ситуацијата е стабилна, но за неколку општини постои сериозна загриженост. Со оглед на последните трендови, премиерот Спасовски на седницата го образложи барањето за воведување на дополнителни 14 дена вонредна состојба“, вели Пендаровски.

Претходната двонеделна вонредна состојба Пендаровски ја прогласи на 15 мај, која беше трета таква одлука, по првата која ја донесе на 18 март во трање од 30 дена, исто како и втората.

На седницата како постојани членови присуствуваа претседателите на Собранието и на Владата, Талат Џафери и Оливер Спасовски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и членовите на Советот, професорите Љатифи, Гоцевски и Марковиќ. На покана на претседателот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Пендаровски се заблагодари „на огромното мнозинство граѓани“ кои како што рече, трет месец дисциплинирано и совесно ги почитуваат препораките за заштита на здравјето, но и упати апел да нема опуштање за да не бидат доведени во прашање „сите позитивни резултати“ во борбата против пандемијата.

Тој упати и порака до Владата за негативните трендови во некои општини, дека не смеат да бидат повод за враќање на рестриктивните мерки на цела територија и кон сите граѓани, а дека надлежните министерства и органи мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, независно од нивната етничка припадност.

„Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите, се остава простор за враќање на кризата на самите почетоци и крајно неоправдано сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки, иако сето време ги почитувале“, рече Пендаровски.

Нема договор за избори ни најава за нова лидерска

Тој до лидерите кои учествувале на сите лидерски средби побара да бидат на „историска одговорност“ и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори за да се добијат институции со полн капацитет, велејќи дека државата нема парламент и дека постои техничка влада која има лимитирани овластувања и дека ситуацијата е премногу сериозна.

Пендаровски за преговорите на партиите за изборите, рече дека до пред неколку дена, до новите трендови со пандемијата, политичките лидери биле „прилично блиску“ до датум за одржување на изборите.

Пендаровски изјави дека ќе биде добиена борбата против Ковид -19, но дека мора граѓаните да научат да го организираат животот во услови на постоење на коронавирусот, бидејќи како што посочи, случаи ќе има во наредните месеци до крајот на годината, но и потоа. Тој рече дека државата нужно мора да се отвора и мерките да попуштаат, во спротивно „ќе дојдеме во економска катаклизма“, рече тој.

Мицкоски - Македонија го живее вториот бран на коронавирусот

Претходно, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека очекува претседателот Пендаровски по денешната седница на Советот за безбедност да ја продолжи вонредната состојба за нови 14 дека и дека тоа ќе биде направено согласно потребите на владејачката партија СДСМ во однос на одредување на датум за избори.

Тој на новинарско прашање рече дека би прифатил да присуствува на лидерска средба на која ќе се разговара за здравјето на граѓаните, но дека власта и СДСМ треба да престанат да лицитираат со датуми за избори и да се грижат за здравјето на граѓаните, бидејќи како што посочи, земјата е со најголем број на починати и заразени луѓе во регионот.

„Се чувствувам непријатно да зборувам за датум за избори, кога се уште броиме загубени животи и по 30-40 новозаразени од коронавирус на дневно ниво“, изјави Мицкоски.

Четворица починати и 35 нови случаи на Ковид - 19

Министерството за здравство денеска соопшти дека регистрирани се 35 нови случаи на Ковид – 19, од кои 22 во Скопје, во Тетово 6, Куманово 4, Штип 1, Струга 1 и Гостивар 1, од направени 1120 тестирања.

Во истиот перид починати се четворица пациенти, а во извештајот е евидентирано и бебето од Скопје почина во Швајцарија откако беше транспортирано во земјата на лекување.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира и 19 оздравени пациенти, а направени вкупно 28804 тестирања.

Досега од почетокот на епидемијата во земјава регистрирани се вкупно 2164 заболени од Ковид - 19, од кои 498 се активни случаи, а излечени се 1535 според податоците на Министерството за здравство. Починати се 131 лице.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG