Достапни линкови

Власта бара избори на 5 јули, опозицијата обвинува дека ќе се бројат жртви наместо гласови


Илустрација - седиштата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

На разговорите на седницата на Советот за безбедност беше донесена одлука за продолжување на вонредната состојба за уште 14 дена, пред сѐ поради спроведување на економски мерки и можноста да се носат одлуки и уредби со законска сила и според тоа, ако се пресмета, изборите треба да се одржат на 5 јули, изјави денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски по координативна средба со кандидатите за пратеници за Изборна единица 2 од коалицијата на СДСМ во Куманово.

„Јас посакувам политичките партии да имаат разбирање и консензус за почитување на Уставот и законите. Се разговараше, добро е за демократскиот капацитет сите политички партии да учествуваат на изборите, а во оној момент кога не можат да се договорат политичките лидери, одговорноста мора да ја преземаат институциите на системот“, изјави Спасовски.

Продолжена вонредната состојба за нови 14 дена

Првично закажаните избори за 12 април беа одложени поради избувнувањето на кризата на коронавирусот, откако Собранието беше распуштено на 16 февруари, а првиот случај на заболен од Ковид – 19 беше регистриран на 26 февруари, а потоа претседателот пендаровски на 18 март ја прогласи првата вонредна состојба.

Нов датум за избори официјално сѐ уште нема, иако паритиите велат дека постои меѓупартиска комуникација околу договарање на датум.

Опозицијата пак и денеска ја критикува власта обвинувајќи дека Спасовски повикува на избори на 5 јули во денови кога дневно се регистрирани на 50 заразени од коронавирусот.

„Лошите резултати со кои се соочуваме денес се последица на лошото менаџирање во текот на изминатите три месеци. Комисијата за заразни болести работи под диктат на Заев и наместо да работат самостојно, беа само извршител на диктатите и политичките желби на Заев“, соопштија денска од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија лидерот на СДСМ Зоран Заев и министерката за одбрана и потпретседателка на СДСМ Радмила Шекеринска за „нечовечност“ и дека сакаат да го втурнат народот во „црни избори“ во кои ќе се бројат жртви и заболени наместо гласови.

Мицкоски - Македонија го живее вториот бран на коронавирусот

Од ДУИ велат дека „принципиелно“ остануваат на ставот датумот за избори да се донесе со консензус, како што изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши во својство на партиски функционер, пренесува МИА.

„Подготвени сме и наредната недела да одиме на избори, но треба да ги имаме предвид препораките на Комисијата за заразни болести и ситуацијата со бројот на заразени, вели Бектеши.

Вчера и претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност меѓу другото, побара од лидерите на партиите да се договорат за датумот за изборите за да се добијат институции со полн капацитет, бидејќи „ситуацијата е премногу сериозна.“

XS
SM
MD
LG