Достапни линкови

Кина и Русија заедно против САД


Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин

Иако пандемијата ја направи Кина многу поважна за економскиот спас на Русија, Москва стана се понеопходен партнер за Пекинг во судирот со Вашингтон.

Русија ја започна изградбата на една од најголемите светски постројки за пластични компоненти, проект вреден 11 милијарди долари, кој дополнително ќе ги зајакне бизнис врските меѓу Кина и Русија.

Тој е лоциран близу кинеската граница, на Далечниот исток, а го гради руската петрохемиска компанија „Сибур холдинг“ заедно со кинеската гигантска група „Синопек“, која ќе има 40 проценти од уделот во иницијативата. Предвидено е производството да започне во 2024 година.

Корона кризата го јакне влијанието на Кина во Централна Азија

Фабриката, која е еден од најголемите инвестициски проекти во Русија, е дел од растечкиот тренд на нови иницијативи меѓу Пекинг и Москва кои ги продлабочуваат врските во услови на двоен притисок - пандемијата на коронавирусот и економскиот и политичкиот конфликт меѓу САД и Кина.

Работници за време на почетокот на изградба на фабрика во близина на границата со Кина, 18.08. 2020 година.
Работници за време на почетокот на изградба на фабрика во близина на границата со Кина, 18.08. 2020 година.

Во декември, Русија започна да испраќа природен гас во Кина преку гасовод долг над 2 илјади километри, а претседателот Владимир Путин објави дека се планира во март да започне со работа на втор гасовод.

Иако, трговијата меѓу Кина и Русија падна во првите пет месеци од годинава поради глобалното економско забавување, таа лани забележа раст и достигна рекорд од над 110 милијарди долари.

Двете земји исто така најавија нова научна соработка насочена кон тестирање на вакцини за ковид-19.

Помпео – Плимата се свртува против Комунистичката партија на Кина

„Скоро на секој фронт, Русија и Кина се приближуваат“, изјави за РСЕ Артјом Лукин, рксперт за односите меѓу Кина и Русија на Федералниот универзитет во Владивосток, додавајќи: „Гледаме долгорочен тренд на растечката економска важност на Кина за Русија“.

Градење врски

Но, додека пандемијата ја направи Кина поважен економски пазар за Русија, Москва му стана попотребен партнер на Пекинг откако се судри со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за широк спектар на прашања, од трговската војна, до проблемите во Хонг Конг и правата во Јужното кинеско море.

Оваа нова динамика нуди пресврт на силите што ги тераа Пекинг и Москва да бидат заедно по анексијата на Крим од страна на Кремљ во 2014 година, откако Русија беше погодена од западните санкции.

Сега - како што нивните врски се проширија во области како што се војската, технологијата и финансиите, тие улоги се менуваат.

Првиот мост од Русија до Кина
Првиот мост од Русија до Кина

„Пред Трамп, Кина беше претпазлива да ја прифати Москва геополитички во целост, но Пекинг утврди дека притисокот на САД нема да попушти, така што тие немаат друг избор освен да се приближат до Русија“, вели Лукин, додавајќи: „Денес е Кина, а не Русија, која е позаинтересирана за формирање на овој квази-сојуз“.

Соработката меѓу Русија и Кина започна во 2014 година по анексијата на Крим и војната што следеше во источна Украина и оттогаш порасна во различни области.

САД ја предупредија Србија за ризикот од купување оружје од Кина

Една од нив се напорите да се ограничи зависноста од американскиот долар, процес наречен дедоларизација. Американскиот долар има моќна улога во глобалниот финансиски систем и дедоларизацијата станаа приоритет и за Кина и Русија за да и се спротивстават на американската доминација.

Заменувањето на доларот во трговските зделки стана неопходност за да се заобиколат санкциите на САД против Русија, а напорите добија брзина по наметнувањето американски тарифи за кинеската стока.

Санкт Петербург, Русија, илустрација
Санкт Петербург, Русија, илустрација

Новите податоци од Банката на Русија покажуваат дека во првиот квартал на 2020 година, уделот на доларот во трговијата меѓу Русија и Кина падна под 50 проценти, односно на рекордно ниво, забележителна промена имајќи предвид дека доларот сочинуваше повеќе од 90 проценти од трговијата во 2014 година.

Додека доларот сè уште сочинува 46 проценти од зделките меѓу нив, еврото порасна и стана валута на избор.

„Ова трае веќе неколку години и во никој случај не е ограничено само на Русија и Кина“, изјави за РСЕ Жанг Ксин, вонреден професор на Центарот за руски студии на Шангајскиот универзитет, наведувајќи:

„Но, тоа покажува како од 2014 година, двете земји се здружуваат поради заеднички надворешен притисок, особено од Соединетите држави“.

Навигација во нова реалност

Пандемијата и ниските цени на нафтата ѝ наштетија на Русија, оставајќи ја економски позависна од Кина. Во енергетската сфера, Русија претекна Саудиска Арабија како најголем снабдувач на нафта во Кина, а руски „Гаспром“ планира повеќе од тројна испорака на гас на Кина преку нејзините нови нафтоводи.

Русија ,исто така, сака да ја искористи трговската војна меѓу САД и Кина со зголемување на извозот на храна и минерали на штета на САД и другите западни земји.

Форум за меѓународна соработка „Појас и пат“ во Пекинг. 14 мај 2017 година
Форум за меѓународна соработка „Појас и пат“ во Пекинг. 14 мај 2017 година

Но, политичката привлечност на Русија порасна откако Пекинг се соочи со нов глобален притисок: иницијативата Појас и пат, претрпе неуспеси поради загриженост во земјите домаќини во врска со зголемувањето на долговите.

Тука се и пандемијата која првпат се појави во кинескиот град Вухан ја повреди кредибилитетот на Пекинг и отпорот кај западните земји против кинеската технолошка експанзија.

Нови тензии меѓу САД и Германија за „Северен тек 2“

По ваков притисок, Кина се придвижи кон Русија како постојан партнер.

За време на годишниот состанок на кинеското собрание во мај, министерот за надворешни работи Ванг Ји ја поздрави Русија, велејќи дека двете земји ќе стојат „ рамо до рамо “против напорите на САД да го сметаат Пекинг одговорен за последиците од пандемијата.

„Моделот на соработка се смени оваа година“, изјави за РСЕ Алексеј Маслов, директор на Институтот за Далечен исток при Руската академија на науките, наведувајќи: „Кина чувствува дека нејзината позиција во светот не е стабилна како порано. Ова доведе до тоа тие да се премислат кон Русија“.

Неизвесна иднина

Но, растечките врски меѓу Кина и Русија, исто така, се придружени со тензии. Иако Москва сака да има корист од финансиските можности во Кина, таа исто така е претпазлива да не стане премногу зависна од Кина, како на економски, така и на политички план.

„Не мислам дека можете да го наречете сојуз“, вели Маслов кој додава: „Во моментов, руските и кинеските интереси се совпаѓаат, но има многу области што можат да создадат проблеми и да ја расипат соработката“.

Проекти како фабриката за пластични материјали во Амур се најавуваат од обете страни, но иницијативи од минатото, како што е постројката за флаширање вода на Бајкалското Езеро и за сеча во сибирските шуми се соочија со протести во Русија.

Путин вели дека Русија има вакцина против ковид-19, но сомнежите растат

Првичните фази на пандемијата беа исто така извор на трвење, со тоа што Русија ја затвори границата со Кина.

Слично на тоа, Валери Митко, 78-годишен пензиониран научник, беше приведен во јуни со обвиненија за предавање руски технолошки тајни на Кина.

Митко ги негира обвиненијата, но случајот ги потенцира сомневањата што сè уште ги карактеризираат односите на двете земји.

„Довербата во највисокото раководство - меѓу Путин и кинескиот претседател Џинпинг - е многу солидна, но кога ќе се погледнете подобро, ќе ги видите проблемите“, вели Жанг, кој заклучува:

„Генерално, работите станаа попрагматични и пореални. Ниту една страна не очекува безрезервна поддршка од другата за секое прашање “.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG