Достапни линкови

Фискална стратегија - Опоравување на економијата догодина


Пандемијата со ковид-19 се одрази на економијата, но тоа според владината фискална стратегија е само привремено, оти стратегијата предвидува опоравување на економијата од следната година. Проекциите се оптимистички, а остварувањето ќе зависи од тоа дали новата влада ќе ја постави економијата за прв приоритет, вели академик Абдулменаф Беџети.

Годинава ќе биде лоша на економски план, но според фискалната стратегија 2021-2023, од догодина се очекува подобрување. Владата пред истекот на својот мандат ја донесе новата Фискална стратегија. Економијата е погодена од корона-кризата, па годинава ќе има помал економскиот раст, помали приходи, јавниот долг ќе расте. Владата предвидува нови даноци, но и поправедно оданочување. Мерката повраток на ДДВ за физичките лица останува.

Бруто домашниот производ годинава ќе падне за 3,4 отсто, за следната година се проектира раст од 4,8 отсто и следните две година се предвидува тој да изнесува 4,2 отсто. Стапката на инфлација годинава ќе биде 0,2 отсто, во 2021 ќе биде 1,3 па следната година 1,7 и потоа 1,8 проценти.

Нето платата годинава ќе забележи пад, но потоа се очекува раст од 3,9 отсто во 2023. Стапката на невработеност годинава се очекува да биде 17,4 отсто, а потоа да се намалува и во 2023 да изнесува 14, 5 отсто.

Академик Абдулменаф Беџети вели дека проекциите изгледаат доста оптимистички, но дека насекаде за следната година се предвидува оптимистички раст на економијата.

„Лично мислам дека тоа не може така генерално да биде пренесено со ист оптимизам и во наши услови, но ќе зависи и како ќе се заземе новата влада во однос на поставените приоритети, дали навистина од првите моменти економијата ќе биде прв приоритет или не“, вели Беџети.

Во стратегијата стои дека економските мерки во посткризниот период ќе бидат насочени кон стимулирање на приватната потрошувачка на граѓаните и дополнителна поддршка на стопанството за заштита на ликвидноста и работните места, зголемување на конкурентноста, продуктивноста и модернизирање на опремата и процесите.

Со ребалансот на буџетот за годинава е предвидено буџетската дупка да надмине 750 милиони евра, односно 6,8 проценти од БДП. За од догодина се очекува намалување на буџетскиот дефицит на 3,2 отсто од БДП, за во 2022 година да се намали на 2,2 отсто и 2 проценти од БДП во 2023 година. Отплаќањето на долгот ќе се прави преку нови задолжувања дома и во странство.

„Ние одамна сме го потрошиле фискалниот простор, па и другите економски простори, од таа гледна точка доколку пак продолжи и идната година ковид-19 со ваков интензитет и ако навистина потрае, тогаш ќе биде многу тешко од причина што ние 60 отсто од БДП сме задолжени, што е 10-15 отсто над оптималниот праг, што во случајот за Македонија се смета околу 52, 53 отсто според нашите пресметки“, вели Беџети,

Тој вели дека треба да се најдат други извори и да се искористат други потенцијали, оти како што вели, ако пандемијата продолжи, тогаш и изворите за финансирање ќе бидат многу поскапи.

„Тогаш ќе треба да се размисли за алтернативните потенцијали што ги имаме, односно од други ресурси да се најдат решенија. Не може со задолжување, зашто веќе и светот наголемо е задолжен“, вели Беџети.

Како алтернативни потенцијали тој ги посочува јавно-приватните партнерства, за кои, како што вели, сега нема институционални капацитети да се користат.

Министерството за финансии викендов соопшти дека заклучно вториот квартал од 2020 јавниот долг надмина 6,5 милијарди евра и изнесува 59,5 отсто од БДП. Само во второто тримесечје, јавниот долг се зголемил за скоро 1 милијарда евра.

Покачувањето на јавниот и државниот долг во вториот квартал, како што посочуваат оттаму, се должат пред сè на повлекувањата на средствата преку еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд, со цел обезбедување на ликвидност во време на ковид-кризата, обезбедување на средства за реализација на антикризните мерки и непречено извршување на буџетот и покрај кризата, односно покривање на зголемениот дефицит поради падот на приходите како резултат на ковид кризата.

Jавниот долг споредено со претходното тримесечје е зголемен за 8,8 процентни поени, а проекциите се до крајот на годината да се одржи ова ниво.

Зелен данок за помало загадување

Според стратегијата, предвидено е да се воведе зелен данок, односно „да се стимулираат даночните обврзници преку давачките да придонесат за помало загадување“. Се предвидува да се намали и стапката на ДДВ за топлинска енергија од 18 на 5 отсто, како и поголема праведност во оданочувањето, за како што се наведува секој да го плаќа својот праведен удел од данокот, но засега прогресивното оданочување е ставено во мирување.

Владата, согласно стратегијата, што се однесува на расходите и натаму планира најмногу пари да троши на социјални надоместоци, на тоа би отпаднало 54 отсто од трошоците, потоа, 14 проценти за плати и од 8 до 10 отсто за материјални расходи, субвенции, единици на локална самоуправа и пет отсто за камати.

И за наредниот период се планира да се одвојат повеќе пари за јавни инвестиции, односно изградба и вложување во патишта, железници, здравство, образование, култура, земјоделство, спорт, животна средина, правосудство. Проектите ќе се финансираат со пари од буџетот, но и од пари позајмени од меѓународни институции и преку кредити.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG