Достапни линкови

Институциите бараат пари за капитални инвестиции ама не ги реализираат


Автопатот Миладиновци - Штип

Во првите шест месеци од годинава реализацијата на капиталните расходи во буџетот е 22,51 отсто. Од Министерствата најголема релизација има финансии, а најмала Министерството за економија. „Штедливи“ биле и Собранието, СЕП, Претседателот на државата.

Институциите во првата половина од годината биле „штедливи“ кога станува збор за капитални расходи. За половина година тие потрошиле само 22 отсто од планираното, односно од 320 милиони евра, реализирано е само 72 милиони евра, покажуваа податоците од алатката на Министерство за финансии. Капиталните расходи или капитални инвестиции, се расходите на буџетските корисници наменети за трајни добра како патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти, апарати за здравството, опрема хардвер, софтвер итн.

Минатата година беа реализирани 78 отсто од проектираните капитални расходи, но откако со ребалансот беа скратени. Од првичниот буџет беа реализирани 68 отсто.

Меѓу оние „најштедливите“ се Секретаријатот за европски прашања, Собранието, институцијата Претседател на државата, како и Државната изборна комисија (ДИК), Комисијата за спречување корупција, новата Оперативно техничка Агенција.

Има институции кои не потрошиле ништо, а и такви кои реализирано голем дел од предвиденото. Но, алатката на Министерството за финансии не нуди можност да се види какви капитални инвестиции требало да реализираат државните институции.

Меѓу оние со 0 проценти расходи се Секретаријатот за законодавство кој не потрошил ништо од планираните околу 5500 евра. Агенцијата за остварување на правата на заедниците не потрошила ништо од 1138 евра планирани за капитални расходи. Во оваа група се и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделство - Битола, Државен просветен инспекторат, Комисијата за слободен пристап до информации до јавен карактер, Комисијата за односи со верските заедници, Бирото за судски вештачења. Сепак овие институции немаат многу пари на располагање, сумите се движат од неколку стотини до неколку илјади евра.

СЕП за капитални расходи потрошиле 91 евра

Секретаријатот за европски прашања во првата половина до годината за капитални расходи потрошил 91 евро од планираните 114 илјади евра. Годинава се очекува да почнат преговорите за влез во ЕУ. Во март Унијата донесе одлука за почеток на преговорите, а на почетокот на овој месец земјава доби предлог-преговарачката рамка. До крајот на годината се очекува меѓувладина конференција и старт на преговорите.

Штедливи била и ДИК и тоа во година кога се организираат избори. Потрошиле 45 евра од планираните 172 илјади евра. ДКСК потрошила 112 од планираните 260 илјади евра.

Кабинетот на Претседателот на државата, потрошил 1.780 евра од предвидените 58.536 евра, Собранието од предвидените еден милион и 245 илјади евра, пак потрошило само речиси 7000 евра. Собранието се распушти во февруари за да се одржат предвремените парламентарни избори, првично предвидени за во април. Поради пандемијата со коронавирусот изборите беа одложени и се одржаа на 15 јули. Новиот парламент се очекува да биде конституиран во првата недела од август.

Министерката горда на транспарентноста

Алатката „Капитални расходи“, стартуваше кон крајот на мината година. Пред дваесетина дена министерката за финансии Нина Ангеловска во отчетот за сработеното откако е на функцијата, рече дека е горда на трите алатки „Отворени финансии„, „Јавен долг“ и „Капитални расходи“ со кои значајно ја зголемиле транспаретноста.

„Отворивме нова алатка „Капитални расходи со која им дадовме можност на сите да ја следат реализацијата на сите институции. Значајно ја зголемивме транспарентноста“, рече Ангеловска.

Од опозициската партија, ВМРО-ДПМЕ велат дека власта за половина година не успеала да реализираат ниту една четвртина од годишно планираните капитални инвестиции.

„Македонија со СДСМ стагнира. Ниво на реализација од 22.51% е срамно и доказ за класична неспособност. Половина година Македонија не се гради ништо, развојот на државата е закочен“, соопштуваат од партијата.

Неколку институции со нула реализација на капитални инвестиции

Има институции кои во првата половина од годината искористиле половина од она што го добиле од буџетот за капитални расходи. Во оваа група спаѓаат Државниот инспекторат за земјоделство кој реализирал 54 отсто од планираното, Агенцијата за разузнавање со 42 отсто, Советот за унапредување и развој на ревизија реализирал над 60 проценти, Службата за општи и заеднички работи на Владата потрошила над еден милион и 232 илјади евра или речиси половина од планираното за капитални расходи. Со сличен процент е и Агенцијата за управување со одземен имот, Управата за финансиска полицијата која реализирала речиси половина од планираното, Државниот инспекторат за животна средина, Инспекторатот за земјоделство и Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Има такви институции кои пак за пола година реализирале речиси целосна сума од парите за капитални расходи. Такви се Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој реализирал над 75 проценти или 36 илјади евра од планираните 48 илјади. Државниот инспекторат за труд има речиси 90 процентна искористеност на планираните средства, над 70 отсто има и Инспекторатот за шумарство и ловство иако станува збор за само неколку илјади евра. Слична е состојбата и со Инспекторатот за градежништво и урбанизам. Државниот инспекторат за транспорт потрошил речиси се од планираните нешто над 8000 евра. Со 94 проценти реализација е и Инспекторатот за техничка инспекција кој од буџетот имал 24 илјади евра за капитални расходи. Управата за водење матични книги имала далеку повеќе пари за капитални расходи, околу 617 илјади евра, но и тие реализирале 91 проценти од планираното само за половина година. Околу 80 проценти искористиле Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Македонија.

Речиси стопроцентна реализација има Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос, кои потрошиле 560 евра од планираните 569 евра.

Министерството за финансии со најдобра а за економија со најлоша реализација

Од министерствата најдобра реализација има Министерството за финансии, кои реализирало 58 проценти во првата половина од годината или од предвидените околу 10 милиони реализирале нешто над 6 милиони. Потоа е Министерството за култура со 55 проценти или реализирано еден милион од вкупно 1,8 милиони. Министерството за правда има реализација од 40 отсто, толку има и Министерство за земјоделство, околу 33 проценти има Министерството за животна средина. Министерството за транспорт околу 25 проценти. Министерството за економија има најслаба реализација, нешто под 2 отсто. На располагање од буџетот имаат речиси два милиони евра, но реализирале само 37 илјади евра.

Министерството за надворешни работи има и Министерството за локална самоуправа имаат околу 4 проценти, МВР околу 9, а Владата реализирала 15 отсто од капиталните расходи. За шест месеци од планираните 5.770.373 евра Владата потрошила 906.917 евра, додека пак Службата за општи и заеднички работи потрошила 1.232.140 евра од предвидените 2.647.154 евра или има реализација од 46,55 отсто.

Со години капиталните инвестиции не се реализираат ни приближно од планираното, а аналитичарите критикуваат дека тоа се должи на тоа што при носењето на буџетот властите ги „пумпа“ капиталните инвестиции од политички причини, за да го прикажат буџетот како развоен.

„Со години наназад капиталните инвестиции се извор на мито, корупција и големи афери, а никако како нешто што треба да се започне и да се заврши. Одредени проекти треба да започнат и да завршат со планираниот износ за тоа и со планираната динамика. Досега такви проекти во нашата земја не видовме, а сомнително е и дали ќе видиме“, вели неодамна за РСЕ, бизнисменот Мендерес Кучи.

Кога нема да се реализираат каиталните инвестиции, обично при крајот на годината тие пари со ребалансот се пренасочуваат за други потреби. Освен „дуењето“ на проекциите, како проблем аналитичарите го посочува и лошото планирање на инвестициите итрадиционалната неефикасност на администрацијата. Сега дополнително како причини за слабата реализација се додаваат и коронакризата, но и изборите.

До пред крајот на мината година, пред да се објави алатката „капитални расходи“, владата не кажуваше која институција затајува при реализација на капиталните инвестиции.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG