Достапни линкови

Инфодемијата поопасна од самиот коронавирус


Илустрација: Клиника за инфективни болести - Скопје
Илустрација: Клиника за инфективни болести - Скопје

Сите медиуми се полни со информации за коронавирусот, откако во Македонија беше дијагностициран првиот случај. Претставникот на СЗО за Европа Ханс Клуге рече дека нема потреба од паника, зашто земјава ги спроведува нивните препораки, но ги повика граѓаните да внимаваат од каде се информираат зашто „ни се случува инфодемија“.

„Вкупно 12 лица се во изолација во своите домови, се чекаат резултати за еден сомнителен случај“ – ја пренесува Нова Македонија и другите електронски изданија на весниците изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче. Во меѓувреме, весникот ја пренесе веста дека човекот не бил заразен со вирусот.

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, кој престојуваше во Скопје изјави: „Македонија ги спроведува препораките на СЗО, нема потреба за паника“ – пренесе Нова Македонија, а порталот СДК.МК во наслов го пренесе и апелот на Клуге: „Ни се случува инфодемија, внимавајте како се информирате и третирајте ги заразените со коронавирусот со почит“.

Медиумите инаку се полни со информации во врска со мерките што ги презема Владата и другите надлежни институции за заштита на населението од вирусот и за намалување на опасноста од негово ширење во земјава. Нова Македонија и СДК.МК објавуваат: „Дополнително, односно, вонредно ќе се дезинфицираат автобусите на ЈСП по завршување на работниот ден“. СДК.МК ја пренесува и препораката на Владата вработените во администрација да не доаѓаат на работа ако биле во регионите со коронавирус.

Вечер со наслов: „Низ аптеките нема ни маски ни средства за дезинфекција, а немаат ни информација кога ќе ги добијат“, но подолу во текстот пишува дека Владата го задолжила Министерството за здравство итно да обезбеди доволна количина маски, ракавици, дезинфекциони средства и заштитни одела за институциите на системот на интегрирано менаџирање на границите на државава, како и дезинфекциони средства и сапун за училиштата и градинките. Слободен печат забележува дека „Паниката е позаразна од вирусот – во маркетите на ангро се купуваа намирници, брашно и масло...

На социјалните мрежи врие од различни коментари и предлози како треба да се постапува“. Порталите Плусинфо и СДК.МК и Слободен печат информираат дека „Струмичкиот карневал се прекинува поради ризик од ширење на коронавирусот“. Порталот Курир.мк со критички наслов: „Власта потклекна уште првиот ден: На граѓаните за откажаните аранжмани агенциите ќе им земаат пенали, надлежните мува не ги лази“.

Порталот Република објавува дека во северна Италија „масовно се затвораат музеите“, а Плусинфо пишува: „Светскиот туризам ќе загуби 22 милијарди долари поради коронавирусот“. На порталот СДК.МК се чита и следново: „Коронавирусот полека се шири низ цела Европа – Германија очекува епидемија, пријавени се први случаи на заразени и во Данска, Норвешка, Финска, Романија, Грузија, Естонија, Хрватска“.

Друга тема што доминира во медиумите е потпишувањето Декларација за предизборна коалиција помеѓу СДСМ и Беса. Нова Македонија пренесува дека лидерите на двете партии, Зоран Заев и Биљал Касами изјавиле дека нивните партии ќе настапат со заедничка инклузивна предизборна програма.

Електронското издание на Нова Македонија ја објавува изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: „Предизборно мали се шансите за коалицирање со албанска партија“, а Курир.мк со напад врз Заев во насловот: „Пред албанско знаме, Заев потпиша предизборен договор со Касами“. Слободен печат објавува колумна со наслов: „Заев и Касами испишуваат историја – уште еден чекор кон нормалноста, разбиено е уште едно табу, предрасудите надминати, стереотипите прегазени, за прв пат во историјата, партии од македонскиот и албанскиот политички блок склучуваат договор за предизборна коалиција и конечно се става крај на етничкиот концепт на функционирање на политичките партии во оваа земја“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG