Достапни линкови

Коронавирус - не паничите, следете ги релевантните препораки


По првиот пациент со коронавирусот однесувањето на луѓето упатува на голема вознемиреност. Упатените велат дека стравот не е ништо ново зашто се работи за здравјето. Но, тие велат дека паниката може да доведе до самоизолација. Важно е и медиумите да едуцираат, а портали да не шират паника.

Паниката кај луѓето од корона вирусот не е ништо ново, насекаде во светот па и кај нас и луѓето исплашено реагираат затоа што се работи за нивното здравје, велат социолозите.

По регистрирањето на првиот случај на заразен пациент во Македонија од пред два дена, однесувањето на луѓето упатува на голема загриженост па дел од нив веќе ги празнат полиците во супермаркети и изнесуваат полни колички со брашно, зејтин и конзерви.

Во исто време во аптеките е тешко да се најдат заштитни маски, а нивната цена е неколку пати поголема од пред една недела, иако здравствените власти предупредија дека маските не штитат од ширењето на вирусот.

Како што се засилува стравот кај граѓаните, на некои портали, а особено на социјаланите мрежи се појавуваат и лажни вести или текстови со доза на сензационализам, но и неетичност со што дополнително се создава збунетост кај луѓето, велат упатените.

Универзитетскиот професор Ѓорги Тоновски вели дека причините за вознемиреност кај луѓето се во човековата природа, меѓутоа тој нагласува дека лошо е што има злоубопотреба на новинарската професија, а проблем е и што граѓаните и покрај советите на докотрите реагираат по сопствено убедување.

„Корона вирусот направи вистински пустош во однос на јавното мислење. Во овој момент сведоци сме на необични однесувања кои поретко ги гледаме во јавноста. Но, станува збор за однос кон нешто што треба да предизвика мала вознемиреност бидејќи се работи за здравје. Ние велиме здравје, па се друго, вели Тоновски кој додава:

Корона вирусот се јави како нешто ново, тој страв од непознатото е иманентен на човековата природа, но стравот произлегува исто така од она што доаѓа со корона вирусот тоа се оние панични сцени што ги гледаме низ светот, особено во Кина и тоа нормално предизвикува страв и кај нас“ вели Тоновски

Ако се почитуваат советите на медицината паниката ќе биде помала

Во последните неколку денови пресс конференциите на здравствените власти се преплавени од прашања на новинари кои бараат информации за состојбата со вирусот во Македонија.

Професорот Тоновски, кој е социолог, вели дека добро е што здравствените власти секојдневно се обраќаат во јавноста и објаснуваат каква е природата на вирусот и како луѓето може да се заштитат. Но, тој вели дека се забележува појава и на непочитување на сознанијата на медицинската јавност и тоа според него создава поголема паника

" Докторите ги препорачуваат вообичените начини за заштита од типот на искашлување во марамче и секојдневно миење на рацете, итн, но секој од луѓето бара начин како да се заштити и спаси од евентуални последици , а тоа најпосле води кон појава на самоизолација на луѓето" вели професорот Тоновски.

Во меѓувреме минситерот за здравство Венко Филипче денеска предложи најмалку една недела да се забранат масовните јавни собири без разлика дали се организираат на отворен или затворен простор, како спортски настани, но и претстојните планирани карневали во Струмица и Прилеп, со цел превенција на ширење на коронавирусот

"Ние како Министерство за здравство предлагаме оваа мерка да важи најмалку една недела, со можност во кој било момент да се донесе и друга мерка во зависност од тоа како ќе се движи ситуацијата од случувањата во регионот", рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Нашиот предлог, додаде Филипче е да се забранат сите јавни собири каде има голем број луѓе, дали се во затворен или отворен простор.

Засега единствен случај на лице заразено со коронавирисот останува веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано. Пациентката, рече Филипче, се чувствува добро, и според лекарите веќе влегува во фаза на оздравување.

Медиумите треба да едицираат за вируст а не да шират паника

Стручните лица апелираат дека во овој момент особено е важно и медиумите да имаат едукативна улога заснована на факти, но оти за жал се појавуваат и текстови и информации на некои од порталите а особено на некои од социјалните мрежи кои значаат злоупотреба на професијата. Комункологот Сефер Тахири нагласува дека во вакви ситуации на непогода, медиумите траба да бидат многу внимателни, а не да шират паника или лажни вести.

"Во некои портали може да се видат видеа на кои се прикажани луѓе кои пааѓат на земја како последица од коронавирусот. Ваквото т.н клик новинарство треба да престане. Тоа може да има многу негативно влијание врз граѓаните и ширење на паника. Од недоволно познавање на последиците кои може да ги има вирусот може да се случуваат разни дејствија кај граѓаните, едно е ситуацијата со потрошувачката по продавниците но може и да се блокора секојдневниот живот и граѓаните да останат дома" вели Тахири кој нагласува :

"Мисијата на медиумите е кога има непогоди да ги смируваат граѓаните. Најдобро е да се придржуваат до кодексот за наовинари и да се воздржуваат од изестување со сензационализам и да се придржуваат до факите. Тие теба да имаат едукативна улога зашто се работи за вирус кој може да се прошири. И нивната улога треба да биде во таа наоска да ги едуцира како да се намали ризикот од ширење на болеста" порачува Тахири.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG