Достапни линкови

Прв случај на коронавирус во Македонија, властите апелираат за смиреност


Скопје- Прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче, доктор Жарко Караџовски и премиерот Оливер Спасовски на кој потврдија за прв случај за коронавирус во Македонија, 26.02.2020

Во Македонија е потвден првиот случај на коронавирус, педесетгодишна жена која подолг период била во Италија. Идентификувани се и девет патници кои во комбе патувале заедно со неа. Здравствените власти уверуваат дека ситуацијата е под контрола и повикуваат на смиреност.

Во Македонија е потврден првиот случај на коронавирус. Министерот за здравство Венко Филипче попладнево рече дека се работи за жена родена 1970 година која била во Италија еден месец. Таму, како што рече министерот, била болна две недели и иницијално била третирана во италијанска болница, но таму не била тестирана за коронавирусот. Непосредно по влегувањето во земјата, околу два часот по полноќ, директно се упатила на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

„Нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Одделот за изолација, соодветно се третира нејзината состојба. Инкубацијата е помината и во моментот на транспорт веројатно таа не претставувала опасност за да ја пренесе болеста“, рече Филипче.

Инаку на нова прес-конференција вечерва во Владата Филипче соопшти дека се идентификувани сите патници кои патувале заедно со 50-годишната жена заболена од коронавирусот и оти станува збор за девет луѓе кои патувале во комбе, односно осум патници и возач кои се идентификувани на две места во Скопје, заедно со роднините на пациентката кои ја пречекале, како и три места во Струмица.

„Во овој момент веќе се упатени екипи на епидемиолози, заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи, да се направи соодветната анкета по однапред утврден прашалник којшто е во регуларниот пристап кај епидемиолозите за дознавање на податоци со кои се лица овие патници комуницирале денеска во текот на денот“, рече Филипче.

Тој додаде дека врз основа на тие податоци тие сите вечерва најпрво ќе останат во домашна изолација под полициски надзор, како што е предвидено во протоколите, и дека врз основа на податоците со колку луѓе контактирале во текот на денот и колку членови на семејствата има во куќите, ќе се одреди дали ќе продолжи домашната изолација или во текот на утрешниот ден ќе бидат префрлени во претходно утврдените инфективни одделенија за надзор.

„Сакам да упатам уште еден апел до јавноста дека нема простор за паника, имало и порано епидемии и сега има епидемиски грип и нема потреба од снабдувања и дополнителни залихи“, рече Филипче.

Тој исто така рече дека заболената пациентка е добра, сместена е во одделот интензивна нега и изолација на Инфективната клиника, има лесна форма на коронавирусот, зафатено е само едно белодробно крило.

На новинарско прашање, како жената успеала да помине на граничниот премин Табановце и дали кога биле правени прашалниците кажала дека претходно била болна подолго време во Италија, тој одговори дека „очигледно“ дека жената не одговорила и дека тоа го потврдиле претставници на граничната полиција.

„Очигледно дека патничката, пациентката не кажала вистински податок, инаку би било интервенирано на самиот грничен премин“, рече Филипче.

Тој уште еднаш упати апел патниците и граѓаните да постапуваат совесно и да ги кажуваат вистинските информации на прашањата кои им се поставуваат.

Во однос на случајот со заболената жена, доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје рече дека по утврдувањето таа потоа била преземена од здравствените работници со целосна заштитна опрема.

„Екипата од наша страна се задржа два часа и беше со комплетна заштитна опрема, потоа влегуваа од посебен влез на Инфективната клиника. Лицето било спроведено согласно сите протоколи. Во моментов е на интензивна нега и под будно следење од докторите. Тоа значи дека е изолирана од останатите болни. Свесна и дише самостојно. Лицата се дојдени со возило преку Табановце, а потоа со друго возило директно до клиниката“, рече Караџовски.

Министерот, пак, додаде дека остануваат исти мерки за контрола на граничните премини и нагласи дека засега не се размислува за целосна изолација на сите кои биле на патување во ризичните подрачја. Апелираше до сите компании, чии вработени биле во Италија, да ги ослободат од работа, а тоа да го сторат и државните и локалните институции, а училиштата да не ги примаат учениците кои биле во таа земја.

На смиреност апелираше и премиерот Оливер Спасовски.

„Ситуацијата е под контрола, а сите државни служби се подготвени да реагираат. Нема простор за паника“, рече премиерот Оливер Спасовски.

Инаку Македонија е трета земја на Балканот во кој има потврден случај на коронавирус. Вчера првиот случај беше регистриран во Хрватска, а денеска за потврден случај во Солун извести и Грција. И во трите балкански земји пациентите биле во Италија, која има најголем број заболени во Европа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG