Достапни линкови

Инвестиции во инфраструктура и дигитализација за повисок економски раст


Илустрација
Илустрација

Во предлог буџетот за наредната година, владата предвиде рекордно ниво на капитални инвестиции од 614 милиони евра. За годинава беа предвидени скоро 500 милиони евра, но на два месеци пред крајот на 2021 се потрошени само половина од нив. Бизнисмените велат дека токму инвестициите во инфраструктура се една од клучни работи за развој на економијата.

Спроведување на реформите, зголемени инвестиции во инфраструктура и дигитализација се трите главни работи кои треба да се направат за да може да има повисоки стапки на економски раст, вели новиот претседател на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.

Економистите со години посочуваат дека за граѓаните да може осетно да почувствуваат раст на животниот стандард, потребни се стапки на раст од над 5 проценти повеќе години по ред. Сепак, Македонија не успева да постигне годишни стапки на раст повисоки од 3 проценти.

Ангелоски вели дека повисок раст на економијата е можен.

„Може, меѓутоа треба да се воведат три базични принципи – под еден реформи, под два инвестиции во инфраструктурата и под три дигитализација. Ако ги следиме овие три базични принципи очекувано е стапките на раст да бидат 5 проценти, но можеби и повеќе. Меѓутоа, за жал досега ние гледаме многу слаб учинок во овие неколку параметри што ги набројав“, вели претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.

Во предлог буџетот за наредната година, владата предвиде рекордно ниво на капитални инвестиции од 614 милиони евра. Во владата велат дека тоа е зголемување на капиталните инвестиции во однос на годинава од 27 проценти.

Сепак, ако се погледнат податоците на Министерството за финансии, на два месеци пред крајот на годинава се реализирани само половина од предвидените капитални инвестиции за 2021. До крајот на октомври биле потрошени неполни 250 милиони евра за инвестиции во инфраструктурата, иако владата во буџетот предвидела двојно повеќе.

Ситуацијата е слична со години. На почеток се проектираат високи капитални инвестиции и буџетот се прогласува за развоен, за до крај на годината да се реализираат најмногу две третини од планираното, а парите со ребаланс да се пренаменат.

Лошо планирање и неефикасна администрација

Како главни причини се наведуваат лошото планирање и неефикасната администрација која треба да го спроведе планираното. Професор Марија Зарезанкова – Потевска вели дека проблем е и тоа што нема долгорочна стратегија за тоа што се сака да се постигне, туку планирањето се прави ад хок. Таа посочува дека институциите треба да бидат приземни кога ги планираат расходите, зашто тоа не е список на желби.

„Отсуствува стручност, не дека нема стручни лица, меѓутоа политиката надвладува и кажува не тоа ќе биде вака за да се добијат некакви поени, меѓутоа факт е дека институциите потфрлаат оти политиката е над сè, над стручноста“, вели таа.

Во 2020 година, кога почна пандемијата на коронавирус, падот на економијата во земјава беше 4,2 отсто. За годинава се очекува економски раст од 4,1 отсто, а за наредната од 4,6 проценти.

Наредната година се очекува економијата да го достигне предпандемиското ниво. Сепак, остануваат бројни неизвесности за тоа до кога ќе трае пандемијата, а економскиот раст може да биде ограничен и од скапата струја и нарушените синџири на снабдување.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG