Достапни линкови

Мегаломански ветувања, неостварливи со општинските буџети


Гласање на првиот круг од локалните избори.

Како се наближува вториот круг од гласањето на локалните избори, така растат и ветувањата на кандидатите. Но, општините располгаат само со 5 проценти од БДП, а 11 општини имаат блокирани сметки. Според економистите, тоа се нереални ветувања.

Нови 4 градинки во општина Центар, нов базен во Свети Николе и Битола, нови училишта, бесплатни оброци за ученици, нови 250 автобуси и бесплатен јавен превоз, нови булевари, нови мега паркови. Ова се само дел од ветувањата на кандидатите за градоначалници пред вториот изборен круг. Како се наближува денот на изборите 31 октомври така растат и политичките ветувања. Економистите зајадливо прашуваат- кое претпријатие ќе ги плати исполнувањата на овие ветувања? Тие посочуваат дека ако изборните ветувања се претворат во конечни суми, збирот ќе биде неколку пати поголем од општинските буџети кои честопати не се доволни за подмирување на основните сметки.

Македонската локална самоуправа располага со буџет од 5 проценти од брутодомашниот производ за разлика од просекот во ЕУ кој изнесува 15,6% од БДП. Според последните податоци од министерството за финансии и ревизорските извештаи на завршните сметки на општините, вкупно 11 општини имаат блокирани сметки, што ги става во неповолна ситуација новите градоначалници кои треба да понудат план за излез од таквата должничка состојба.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека мегаломанските ветувањата на кандидатите за градоначалници се честа појава на секои локални избори, и честопати тоа се нереални проекти кои остануваат само на хартија.

„Апсолутно и објективно кажано немаат основа ветувањата дека ќе градат. Некои општини не можат ни плата да им исплатат на општинските административци, а не да инвестираат во капитални инвестиции. Народот тоа го гледа, очигледно е дека тоа го прават сите и опозицијата и власта“, вели Хајредини.

Тој укажува дека токму поради повторувањето на нереалните ветувања, излезноста во првиот круг беше ниска, луѓето се уморни од тоа. За нереалните очекувања од градоначалниците Хајредини го посочува Тетово.

„Тетово е релативно голем град, има 500 луѓе „вработени“ што се само на платен список а имаат 13 милиони долгови, а долговите се кон „урбаната мафија“ кои градат и ја држат општината заложник“, вели Хајредини.

Со досегашниот буџет со кој располагаат поголемиот дел од општините во земјава можат тротоари да сменат или да затворат дупки вели претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во една негова колумна.

„Зачудувачки е фактот што во настапот на стотиците кандидати за советници и градоначалници, зборот децентрализација не се споменува воопшто, а и врапчињата во Македонија знаат дека инвестициската активност на општините надвор од трансферираните средства од државниот буџет се доволни само за правење тротоари. Така, со доаѓањето на секоја нова власт, имаме прекопување на тротоарите, затоа што сите знаат дека со тие пари, тоа единствено е можно“ , пишува Азески.

Според податоците на министерството за финансии во првиот квартал од годинава, долгот на општините изнесува над 60 милиони евра.

Од друга страна, идните градоналалници од следната година за разлика од досегашните ќе добијат за нијанса поголем буџет доколку во Собранието помине предлог законот на Владата со кој треба да се подобри фискалниот капацитет и да се зголемат приходите на општините, преку постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход.

Со новото законско решение ќе им се овозможи на општините да можат да се задолжуваат, но и да сносат многу поголеми одговорности доколку не знаат добро да управуваат со парите и со финансиската стабилност на нивните локални самоуправи. Поточно, ќе се зајакне целата постапка во која градските татковци ќе мора да прогласат финансиска нестабилност на општината, но и неа да ја надминат.

Во идната година, наместо три отсто како досега, кај општините ќе одат четири проценти од приходите од персонален данок на доход. Во 2023 година тоа учество треба да се зголеми на пет проценти, додека, пак, во 2024 година тој износ треба да достигне ниво од шест отсто.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG