Достапни линкови

Милиони за предизборна реконструкција за улици и патишта


Изградба на пат

Низа договори за реконструкција на улици и патишта склучиле 47 општини во изминатите три месеци. Најмногу од нив се во Скопје, Битола и Куманово и се работи за милионски суми. Според аналитичари, градежната офанзива е со цел градоначалниците пред избори да им покажат на граѓаните дека работат.

Со полна пареа се работи низ општините во земјата пред одржувањето на локалните избори закажани за 17 октомври и на очиглед на граѓаните се врши реконструкција и санација на улици и локални патишта, како и на фекална канализација, водоводна мрежа, обновување на уличното осветлување, санација на санитарен чвор и реконструкција на објекти, фонтани, училишта и плоштади.

Најбројни во изминатите месеци, ако се суди според електронскиот систем за јавни набавки, се тендерите за реконструкција на улици и патишта. Во 47 општини во периодов се случува градежна офанзива. Тоа значи дека во повеќе од половина општини од вкупно 80 на број во државата градоначалниците донеле одлука да ги „нашминкаат“ улиците и патиштата пред избори.

Градоначалникот на Град Скопје,Петре Шилегов кој и официјално влезе во трката за нов мандат на функцијата при крајот на август најави реконструкција на 20 улици низ главниот град во сите 10 општини, а за таа цел се обезбедени околу 12 милиони евра.

„Годинава градежната офанзива за реконструкција на сообраќајниците низ градот ја почнуваме подоцна поради пандемијата на ковид-19. Граѓаните на Скопје ќе добијат нови побезбедни улици, со што ќе се подобри квалитетот на урбаното живеење. Како и лани кога покажавме еден нов, брз и ефикасен начин на работа и оваа година улиците ќе се реновираат во кус рок, со работа и навечер“, рече Шилегов.

Град Скопје за оваа намена во изминатите месеци склучил договори во вредност од над 560 милиони денари или околу 9 милиони и 200 илјади евра.

Најмногу после главниот град, според тендерите, биле склучени договори за реконструкција на улици и патишта во Битола и Куманово.

Општина Битола во изминатите три месеци издвоила над 100 милиони денари или околу 1 милион и 400 илјади евра. Во останатите месеци од годината за таа намена се потрошени дополнителни 1 милион евра. Додека пак општина Куманово до крајот на мај до сега издвоила над 12 милиони денари или нешто над 200 илјади евра, а речиси ист е износот и за останатиот период од годината.

Александар Цветкоски од невладината организација „АГТИС“, која ја следи работата на општините вели дека интензивирањето на реконструкцијата на улици и патишта во периодов се должи на изборите.

Кратковидо размислување

„Тие мислам дека граѓаните исто како нив размислуваат. Значи кратковидо. Во последните неколку месеци сконцентрирајќи ги парите, па еве нешто ние правиме со парите. Тие што биле на власт да се оправдаат на некој начин, сметајќи дека народот е глупав и најмногу памти до два, три месеци, не повеќе. Тоа е причината значи тие да покажат некаква активност дека нешто прават. Ако ги прашате што правеле другите 3 години и 9 месеци, одговорот е многу јасен ги краделе тие пари “, вели Цветковски.

Политичкиот аналитичар Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека крупните капитални инвестиции кои директно влијаат на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, намерно се оставаат за крај за да се стават во функција на политичката кампања.

„Нивното размислување е дека колективната меморија е слаба и ако овие крупни работи се прават во првиот дел на мандатот некако граѓаните ќе заборават и политичките партии и локалните власти нема да можат да капитализираат гласови од овие крупни работи“, вели Селими.

Цветковски смета дека се работи за лажна математика која нема да им купи гласови.

„Знаете ако му направите на еден човек асфалт на едно малечко уличе каде ни велосипед не може да помине вие сте купиле еден човек, но десет други сте ги изнервирале што се во комшии“, додава Цветковски.

Според анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), граѓаните немаат висока доверба во локалните власти. Над половина од анкетираните не би поддржале реизбор на градоначалникот на нивната општина. Вкупно 21 процент одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 9 отсто се изјасниле дека нема да гласаат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG