Достапни линкови

Коронавирусот алатка за предизборни препукувања


Билборд во центарот на Скопје

Изборната кампања не е започната. Но, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна започнаа на разни начини да го оцрнуваат политичкиот противник. Последна тема на препукување меѓу партиите и нивните лидери е и справувањето со коронавирусот.

Билборди, герила акции, прислушувани разговори, летоци, промотивни видеа и слогани со фалби или за оцрнување на политичкиот противник се дел од методите на партиите за додворување на гласачите, иако изборната кампања не е започната, а нема ни датум кога изборите би се одржале. За време на пандемијата со коронавирусот на официјалните профили на лидерите на политичките партии веќе некое време се води кампањата, а меѓудругото предмет на нивните препукувања, е и справувањето со последиците од ширењето на болеста.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук се фали дека вложувањата кои Владата на СДСМ ги направила во здравството овозможиле успешно да се справуваат со најголемата светска здравствена криза во изминатите децении.

„Обезбедивме повисоки плати во здравството. Ги подобривме условите во 28 јавно-здравствени установи“, се наведува во некои од слоганите.

Неговиот противник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак на истата социјална мрежа порачува преку видео дека Заев и Владата ги лажат граѓаните оти добро се справуваат со кризата.

„Пари за поддршка нема, а долговите растат. Лагата е стил на однесување на СДСМ и овие луѓе. Сето она што го гледавме во претходните години, сега се повторува“, наведува Мицкоски во опис на видеото.

Мицкоски беше критикуван и дека вежбал во теретана за време на пандемијата, а беше забележан и во внатрешниот дел на кафеана во Дебар Маало, при што на угостителските објекти им е дозволено да работат само на терасите. Мицкоски призна дека згрешил, но порача дека власта го дефокусира вниманието на јавноста од катастрофалното справување со коронавирусот.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека функционери и активисти на СДСМ предвреме ја почнале изборната кампања и дека делеле пропаганден материјал. Со тоа, како што наведоа од опозициската партија, власта прави кривично дело со предвреме започната кампања и се загрозува јавното здравје.

Таквиот вид на кампања ќе има негативен ефект врз граѓаните, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

„Се гледа едно отсуство на одговорност на сите чинители на оваа техничка Влада. Сите се внатре во таа коалиција, но никој не носи одговорност за менаџирање на ситуацијата. Да речеме кога ќе дојде момент за пофалби или конструктивни резултати, секој трча да ги промовира како партиски достигнувања. Сега кога се случува нов бран на заразени во време кога сите други земји регистрираат нула заразени, тогаш никој не презема одговорност. Во еден ваков формат на Влада мислам дека ќе продолжи да служи како алатка за пропаганда и бескрајна изборна кампања која најверојатно ќе придонесе да расте бројот на заболените“ вели Незири.

Според Незири што повеќе се пролонгираат изборите, партиите ќе ја интензивираат нивната кампања.

„Секогаш се случувало кај нас да има валкани кампања и на некој начин станаа наша нормалност. Тоа што е страшно што нашите институции внатре се поделени по партиска линија. Партиски струи функционираат внатре во институциите и ја парализираат целата работа на Владата и на институциите кои се засегнати од кризата. Сите кои се одговорни и треба да даваат насоки се под влијание на партиските функционери“, вели Незири.

Составен дел од политичката битка станаа и таканаречените бомби од минатите години или пак се објавуваат нови досега необјавени прислушувани разговори. Во центарот на Скопје осамнаа и билборди со дел од бомбите кои во 2015 ги објавуваше тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, а се однесуваат на разговори меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески за проектот Шпански скали, кој требаше да се гради на плоштадот во центарот на градот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG