Достапни линкови

Здравствената криза и натаму во фокусот на медиумите


Полициски час во Скопје, полиција.

Во фокусот на медиумите е зголемениот број на заразени од новиот коронавирус, обвинувањата на опозицијата кон власта дека лошо се справува со кризата, за отворениот предмет на велешкото обвинителство против верскиот лидер Агатангел...

„Рекордни 120 нови случаи на Ковид-19, од кои најмногу, 67, се од Скопје“ – објавија сите електронски изданија на печатените медиуми и многубројните портали.

„Околу 20 илјади возила излегле од Скопје во четвртокот во 19 часот, пред почетокот на 80-часовниот полициски час“ – информираа СДК.МК и други портали и - короната и карантинот на Скопје и уште неколку критични градови повторно го зазедоа првото место во информациите пред меѓупартиските престрелки во врска со датумот на изборите.

Само порталите Плусинфо и СДК.МК како прва вест ја објавија веста за илјадниците луѓе присутни на комеморацијата на Афроамериканецот Џорџ Флојд во неговиот роден град Минеаполис кој беше убиен за време на полициско апсење во тој град.

Во информациите се наведува дека молчењето во знак на почит траело 8 минути и 46 секунди, колку што едниот од полицајците со колено го притискал вратот на Флојд, легнат помешечки додека не престанал да дише.

Порталот Република наслови: „Слика пред викенд карантинот: Празни тезги, леб и месо немаше уште утрината низ маркетите“. Истиот портал објави: „Полицискиот час направи хаос на Зелен пазар – гужви, покачени цени, тепачки и расправии“.

Меѓу владините мерки за заштита од натамошно ширење на заразените е и забрана на посетата на гробиштата и црквите на Задушница, а Република, покрај повеќето извадоци од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од госувањето на ТВ21, во наслов го објавува и следново: „Мицкоски: Не ги поддржувам мерките на власта за полициски час за Задушница, исто како и за Рамазан Бајрам, власта требаше да најде начин поинаку да го заштити здравјето на граѓаните“.

Проопозициските портали се полни со вести за тоа колку има новозаразени од вирусот, дека се случува „Експлозија на зараза, кога кај сите други ја снемува, се бара оставка од Венко Филипче“ и „Ни респиратори ни тестови нема државата“ – како што пишува Вечер во непотпишаниот текст. Истиот весник објавува: „Бројот на асимптомски случаи расте – податоците објавени на 2 јуни говорат дека во земјава има 878 лица позитивни на Корона вирусот а немаат симптоми“.

Неделникот Фокус на насловната пишува: „Пола Влада во домашен карантин – кластер СДСМ“. Инаку, Мицкоски за ТВ21 пред некој ден изјави: „Денеска имаме 120 новозаразени, и мислам дека има поважни теми од циркузот што вчера го правеше власта на Боемска улица“.

Порталите СДК.МК и Плусинфо информираа: „На ʼБоемскаʻ битка за спас од бришење на снимките од камерите во кафеана, за присуството на Мицкоски во забранетиот дел за гости“. Истите портали ја објавуваат и изјавата на Мицкоски по тој случај: „Не бев информиран за протоколите, вели Мицкоски откако беше фатен во кафеана во која не ја пуштаа Инспекцијата“.

Овие два портала и Нова Македонија објавија дека „Велешкото обвинителство отвори предмет по допрен глас за повикот на Агатангел верниците масовно да дојдат во црквите за Задушница“. И како заеднички именител на цалава ситуација може да послужи колумната во СДК.МК: „Не е во право Оливер Спасовски кога вика дека нема посилен од државата. Има. Посилни се поповите, оџите и - кафеанџиите“.

И меѓу купот вести за корона вирусот се протињаат и оние за изборите. Мицкоски изјавува, а Курир.мк објавува: „Во оваа криза нема услови за избори“; „Изборите сега се лудост, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ“, а објави Нова Македонија.

Порталот на истиот весник ја објави и изјавата на лидерот на СДСМ: „Заев: Датумот е завршена работа, избори ќе има на 5 јули, за да добиеме функционална Влада“.

Прегледов го завршуваме со колумната во неделникот Фокус: „За жал, сите ние ја плаќаме цената на јавашлукот, простотилакот, кокетирањето на политичарите со одередени категории грѓани, желбата како да се зезне системот, како побрзо да се оди на избори, како да бидеме како сите други, а не сме“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG