Достапни линкови

Изборите ја ставаат економијата во грч


Илустрација: Градежни работи
Илустрација: Градежни работи

Од формирањето техничка влада по нова година до формирањето на нова влада, економијата ќе биде во грч. Тоа може да го намали планираниот економски раст.

Економијата догодина ќе расте повеќе од годинава проценува Народната банка, но со задршка дека изборите може да го забават растот. Економистите велат дека изборите секаде во светот се шок и влијаат на економијата, па Македонија не е исклучок од тоа.

Предолгата предизборна кампања ги става компаниите во грч, па калкулираат дали да инвестираат. Oд Нова година, кога треба да се формира техничка влада, ќе има и законски ограничувања за јавни набавки од страна на државните институции. Изборите се најавени за април, но додека да се формира влада може да помине и половина година. Тоа, пак, ќе значи мирување на капиталните инвестиции во првата половина од наредната година.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека влијанието на изборите е краткорочно, но по формирањето на владата може да се влезе во нов инвестициски циклус.

„Секоја компанија којашто сака да инвестира во нова технологија, нови пазари ќе се запраша дали тоа треба да го направи во предизборна година, затоа што секогаш луѓето се скептични и конзервативни за инвестирање кога се формира нова влада, нова визија и затоа ќе почекаат да завршат изборите за да може да преговараат со новата администрација, со новата влада за нивните инвестиции кои ќе имаат домино ефект врз целата економија“, вели Адеми.

Тој посочува дека е многу важно на што ќе се фокусира новата влада догодина – дали ќе биде фокусот на надворешната политика како досега, или ќе биде на бизнисот.

Професор Марија Зарезанкова – Потевска вели дека е јасно предолгиот период до изборите ќе ја забави економската активност.

„Мислам дека голем дел од стопанствениците, особено оние што се врзани за одредени партии, ќе чекаат да дојде друга партија, овие што се сега на власт ќе гледаат нешто побрзо да направат, не знам колку ќе биде во согласност со законите, така што во секој случај негативно се одразува толку долготоодолговлекување на изборите. Ако се рече брзи избори, требаше брзи да се направат“, вели таа.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска вчера соопшти дека, според нивните проценки, македонската економија годинава ќе порасне за 3,5 отсто, а наредната за 3,8 проценти. Изборите, според гувернерката, може да влијаат на забавување на економската активност генерално, но ефектите би биле на пократок рок. Она што според неа е важно e да се продолжи со структурните реформи, за кога ќе завршат изборите да се оствари повисока стапка на раст.

Според ЕБОР, пак, растот на БДП и годинава и во наредната 2020-та ќе биде 3,2 отсто, што е зголемување од 0,2 проценти од претходно очекуваните три проценти. Толкав раст за годинава предвиде и ММФ, кој, пак, за 2020 проектира зголемување од 3,4 проценти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG