Достапни линкови

Зголемување на минималната плата за да не бегаат работниците


Илустрација: Работнички во текстилна индустрија
Илустрација: Работнички во текстилна индустрија

Бизнисмените велат дека покачувањето на минималната плата е неминовност за да не им бегаат работниците, но бараат поголема поддршка од владата за зголемување на продуктивноста.

Текстилците бараат поголема помош од владата за новото зголемување на минималната плата, работниците велат дека тоа треба да биде уште поголемо. Експертите предупредуваат дека зголемувањето треба да биде проследено со зголемена продуктивност, додека опозицијата смета дека се работи за популизам.

Владата најави дека од декември минималната плата ќе се зголеми од 12.500 на 14.500 денари. Во ноември, пак, треба да биде донесен закон со кој владата ќе ги субвенционира придонесите за покачувањата над 600 денари.

Стопанските комори ја поздравија одлуката, иако признаваат дека има незадоволство кај дел од бизнисмените, особено оние од трудоинтензивните дејности. Експертите предупредуваат дека е потребно зголемување на продуктивноста.

Претседателката на Кластерот за текстил Маријана Перковска вели дека растот на платите е неминовност, зашто во спротивно работниците си заминуваат. Сепак, таа вели дека е потребна поголема владина помош за зголемување на конкурентноста.

„Износот на минималната плата не е толку проблематичен, тој е неминовен, инаку ќе има флуктуации, ќе си заминуваат луѓето, меѓутоа тоа треба да биде одржливо. Потребни се грантови за автоматизација. Да не заборавиме, ние имаме многу мала продуктивност на нашите работници. Најголем дел од компаниите сè уште се на мануелно производство. Кога ќе кажеме автоматски машини, не зборуваме за машини, зборуваме за роботика, каде што една жена работи на повеќе автомати и учеството на трудот е многу помало во финалниот производ. Ние имаме проблем со големиот процент на учество на работната сила во финалниот производ“, вели Перковска.

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, вели дека тие не се против покачување на платите, но тоа мора да се базира врз економската реалност.

„Ова е една многу популистичка мерка која фактички е испомош на Зоран Заев во еден ваков негов страшен турбулентен пад на сите негови политики, еден обид со популистички мерки, коишто се спротивни на реалните економски текови, на реалните укажувања на експертите и бизнис заедницата само и само за да се здобие со процент повеќе поддршка за неговата власт“, вели Стоилковски.

Институтот Фајнанс тинк, пак, смета дека, имајќи ја предвид продуктивноста, минималната плата треба да биде 13.500 денари, и ја повика владата уште еднаш да ја одмери висината на покачувањето.

„Предложеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плико“, се вели во нивната анализа.

Покачувањето е постигнато во договор со работодавачите и синдикатите. Според Ангел Димитров од Здружението на текстилната индустрија ова покачување можеби ќе доведе до затворање на помалите текстилни погони, но оти поголемите и поуспешни компании најверојатно би ги примиле оние работници што би останале без работа. Синдикатите, пак, рекоа дека барале минималната плата да биде уште повисока.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG